Бугарија падна на 6,5 милиони жители, но можеби тоа не е лоша вест

Пензионери/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Сега е и официјално: Населението на Бугарија се намали на 6,5 милиони. Ова е прелиминарната бројка објавена од Националниот институт за статистика (НСИ) поприлично тешкиот национален попис што се одржа минатата есен. Тоа е најдраматичен пад од почетокот на попишувањата: намалување од 844.000 луѓе во споредба сопретходниот попис во 2011 година, односно пад од 11,4 отсто.

Исто така, ова е најмалата популација што ја имала земјата од 1934 година, а ситуацијата само ќе се влошува – постарите луѓе на возраст над 65 години се зголемија на речиси една четвртина од населението, а процентот на млади луѓе благо се намалува од 16,1 отсто во 2011 година на 15,9 во овој попис.

Најдраматично – и најопасно – е намалувањето бројот на возрасни работоспособни луѓе, кој падна за речиси еден милион (поточно 886.000) за една деценија.

Сите градови (освен Софија) изгубија население, но ситуацијата е многу полоша во северна Бугарија, каде сите регионални центри изгубија меѓу 23%-26% од своето население во период од една деценија.

Тешко дека се ова добри вести.

Сепак, да се соочиме со некои тешки вистини. Бугарија е дел од најбрзо раселуваниот регион во светот. Речиси сите други земји од Централна и Источна Европа изгубија слични бројки од својата популација во претходните децении – првиот бран настапи по падот на комунизмот, а вториот по влезот на овие држави во ЕУ. Демографските трендови многу тешко се менуваат, особено за една деценија. Значи, може да се замисли дека населението ќе продолжи да се намалува.

Но, освен одредено чувство на загуба на луѓе од сопственото племе, што е психолошка последица, има ли реални проблеми со тоа да има помалку луѓе? Бидејќи (да се надеваме) не живееме во ера кога другите племиња ви ја земаат земјата насила, па последиците се главно две: првата, се работи за економски удар поради тоа што има повеќе пензионери од работници, а втората е одливот на мозоци со заминувањето на младите и способни луѓе.

Првата последица бара прилагодување. Пензионерите во Бугарија не се најбогатите луѓе, а нивните пензии растат побавно од реалните плати. Значи, ако прогнозата е правилно направена и различните претпоставки се внесени во моделот, можеме да откриеме начин на кој состојбите ќе ги одржиме најмалку неколку децении (што наводно е доволно време за да се постигне избалансирана состојба).

Тоа води до второто прашање: трендот на одлив на мозоци можеби веќе се менува. И заради ковидот, но и ситуацијата во Европа воопшто и подобриот животен стандард, вратија бранови луѓе во нивните татковини. Ако властите се доволно мудри и ситуацијата драстично не се влоши (на пример, да видиме руски војници на наша почва), нема очигледна причина овој тренд да престане.

Според тоа, можеби Бугарија нема повторно да достигне популација од 9 милиони луѓе, но сигурно може да се задржи некаде околу сегашното ниво и малку повисоко. Во свет кој рапидно расте со население и јаде сѐповеќе и повеќе од своите ресурси, ова можеби не е најлошиот можен исход.

Огњан Георгиев („Капитал“, Софија)

Видео на денот