Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Бугарија не дава знаци дека ќе го тргне ветото

Македонија нема да ги почне преговорите за членство во ЕУ до крајот на оваа година за време на германското претседателство поради ветото од Бугарија, а тоа стана јасно по вчерашниот амбасадорски состанок во ЕУ во Брисел, на кој Бугарија повторила дека нема да даде зелено светло за Македонија на министерски состанок на 8 декември.

– Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Северна Македонија оваа година поради ветото на Бугарија – изјавил дипломат од западна земја членка на ЕУ за МИА, а истото го потврдиле повеќе високи дипломати од други земји членки.

Амбасадорите на земјите членки вчера се состанаа за да ги разгледаат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи. Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје. Датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени.

Бугарија повторила дека нема да дозволи Македонија да ги почне преговорите, а според дипломатите, за Албанија ситуацијата е нејасна поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови. МИА јава и дека земјите кои се поддржувачи на проширувањето сметаат дека крајните заклучоци треба да бидат поспецифични, дури иако не се вклучи никаков датум за преговорите. Консултациите продолжуваат, а амбасадорите треба повторно да се состанат утре.

Патоказот проформа или обврска?

Деновиве, пак, Македонија е фокусирана на најавениот документ-патоказ, кој иако се уште недефиниран по форма и содржина, предизвика контроверзии и дијаметрално спротивставени ставови – од тоа дека е само проформа до тоа дека за Македонија патоказот би значел целосно прифаќање на бугарските барања. Сѐ уште не е познато што ќе содржи документот кој во петокот го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, претставувајќи го како „додатен механизам за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на дебатите и разговорите“, кој би бил дел од ЕУ-процесот, но не во преговарачката рамка. Но, најавеното вето од вчера попладне го доведува во прашање и усогласувањето околу овој документ.

Според професорот Нано Ружин патоказот за надминување на македонско-бугарскиот спор би бил само проформа и нема суштински да ги разниша македонските позиции во преговорите со Бугарија за отстранување на блокадата за преговори со ЕУ.

– Премиерот Зоран Заев и по цена на својата политичка кариера е подготвен за компромис. Веќе е јасно дека преговорите не ги нарушуваат идентитетските и јазичните вредности – рече Ружин.

Не мора да се реши веднаш

Од партијата Демократскиот сојуз вчера повика на претпазливост за какви било нови договори со Бугарија. Паријата оцени дека бугарските барања се сведуваат на три клучни работи, прифаќање дека корените на македонскиот народ се бугарски, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека во Бугарија нема Македонци.

– За да ги оствари овие цели, Бугарија ја блокира Македонија кон ЕУ, што е класична уцена и нема поголема навреда за еден народ да се тврди дека тој е вештачка творба. ДС му препорачува на преговарачкиот тим на Македонија јасно и недвосмислено да му соопшти на бугарскиот државен врв дека македонскиот народ е посебен, живее и опстојува на овие простори со векови, македонскиот јазик е автентичен, а во Бугарија живеат Македонци (национално малцинство). Ако се тргне од тие позиции, може да се разговара за други прашања и да се дадат гаранции дека немаме никакви територијални барања и претензии, дека не се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, дека сакаме да се олесни движењето на граѓаните, инфраструктурно да се поврземе и да ја продлабочиме соработката во разни области – соопшти партијата.

За решение на проблемот не веднаш, туку во наредните месеци, вчера со отворено писмо апелираа и поранешните бугарски министри Бојко Ноев и Ивајло Калфин. Тие сметаат дека во наредниот период треба да се изгради политичко лидерство со храброст и разбирање, кое никој понатаму нема да може да го доведе во прашање, а заложбите на германското претседателство се одлична основа договорот за почеток на преговорите да биде постигнат во првата половина на 2021 година.

„Обидот на РС Македонија да почне разговори за членство се соочи со нерешените билатерални прашања. Како членка на ЕУ Бугарија има обврска да не дозволува таквите прашања да бидат на агендата на преговорите за членство и на идното заедничко постоење на двете земји во рамките на Унијата. Затоа Бугарија мора да го гарантира исполнувањето на оваа обврска, а нејзин стратегиски интерес е пристапувањето на земјите од Западен Балкан, особено на РСМ во ЕУ“, пишуваат Ноев и Калфин.

Според нив, брзањето во политиката отсекогаш бил лош советник, како и потценувањето на проблемите и одложување на нивното решавање.

„Клучот за нашите земји е политичката храброст и железните гаранции дека она поради што настана поделбата нема повторно да се врати како проблем. РС Македонија и Албанија мора што е можно поскоро да започнат преговори за членство, а владите во Софија и Скопје мора да бидат активни, да работат на јасен план и да најдат убедлив начин за трајно решавање на проблемите меѓу двете земји во следните месеци“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот