Бугарија мора да се вразуми

Софија, Бугарија, илустрација / Фото: Архива на Слободен печат

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека ќе се најде решение за спорот со Бугарија, но за тоа е потребна и помош од други држави, меѓу кои и од стратешкиот партнер Грција. Својот оптимизам, без да прецизира до кога го очекува решението, Заев го искажа вчера на шестиот економски форум „Делфи“ во Атина, а по тридневната дипломатска офанзива во Брисел. Таму, од целиот европски врв доби вербална поддршка за македонските евроинтеграции и потврда дека Албанија и Македонија нема да бидат разделени во пристапниот процес.

– Процесот е малку забавен поради изборите во Бугарија. Ние продолжуваме да разговараме со нив, ние сме пријатели со сите. Бугарија го измисли ова прашање. Дури не ни можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен, непостоечки проблем. Треба да најдеме решение, бидејќи тоа е добивка и за Бугарите и за Македонците од Северна Македонија и само придобивки би донело на сите – рече премиерот на форумот во Атина.

Тој додаде дека Грција е многу гласна во Европскиот совет преку премиерот Кирјакос Мицотакис и министерот Никос Дендиас кои се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

– Нашата земја лани од 20 март има одлука со консензус од сите 27 земји-членки дека 100 отсто го исполнила процесот на реформи и дека сме подготвиме за почеток, Бугарија, ако сака, има можност да нѐ блокира за време на отворањето на поглавјата – рече Заев.

Ружин: Брисел да ја убеди Софија

Според аналитичарите, во регионот се чувствува разочараност од застојот во евроинтеграциите и расте евроскептицизмот, а сѐ појасно е дека без помош отстрана, Македонија нема да успее да го надмине наметнатиот идентитетски спор со Бугарија. Професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, вели дека има простор за оптимизам, но Брисел и Вашингтон мора да помогнат.

– Добро е што нашата дипломатија стана поофанзивна и што се охрабри, освен меѓу редови, и поотворено да ја критикува ЕУ и што остварува живи контакти со лични средби кои секогаш се подобри од преписки и други начини. Останува на Брисел, во овие услови сега, и во зависност од расположението, да ја убеди Софија дека билатералниот спор со Скопје не е во доменот на преговарачката рамка за членство на ЕУ, која треба да биде усвоена и Македонија да ги почне преговорите, а спорот да се решава билатерално, во текот на преговорите. Не е доволно да се оправдаат дека тоа што ние не преговараме не е нивна вина, потребно е да се вразуми Бугарија – вели Ружин за „Слободен печат“.

Тој додава дека според неговите информации, бугарскиот експремиер Бојко Борисов имал намера по победата на априлските избори да направи исчекор со новата влада и нови коалициски партнери, но тој по изборите не направи влада.

Димитров: Порака до останатите

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров вчера од Атина повторно ја повика Европа дека сега е време да го исполни ветувањето за почеток на европскиот процес за Македонија и Албанија.

– Она што се случува со нас, дали Европа ќе го одржи ветувањето, ќе биде порака за останатите во регионот – истакна Димитров.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Милтиадис Варвициотис беше јасен дека Грција нема да прифати одвојување на С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.

– Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување, тоа е катастрофален пристап за регионалната стабилност – рече Варвициотис.

Балканот во посткомунизмот изгуби милиони млади луѓе кои заминаа

Претседателот Стево Пендаровски вчера учествуваше на вируелна конференција на Атлантскиот клуб во Бугарија, каде порача дека кохезијата меѓу партнерите е важна и „ниту еден проблем на Балканот не ќе беше решен во последните три децении, ако не беа синхронизирани САД и Европа“. Тој рече дека неодамна лиферуваните нон-пејпери за промена на границите на Западен Балкан се опасна идеја која ниедна одговорна влада нема да ја поддржи.

– Во 21. век мора да правиме планови за иднината. Балканот во посткомунизмот изгуби милиони млади луѓе кои заминаа во деловите на светот каде што историјата е присутна во книгите, а не на улиците – рече Пендаровски.

 

Видео на денот