Бугарија: Лековите за ковид-19 ќе бидат бесплатни за пациентите кои се лекуваат дома

Мурал посветен на медицинските работници во Бугарија / фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Лекарствата неопходни за лекување на Ковид-19 во домашни услови ќе бидат бесплатни, најави денеска бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров, според БГНЕС.

Лековите кои најчесто се користат за лекување на заразата со коронавирусот ќе бидат поделени во три групи: антибиотици, кортикостероиди и лекови кои спречуваат згрутчување на крвта. Пациентите, исто така, ќе можат да добијат и пулсен оксиметар за да можат да ја следат својата кислородна сатурација од дома и ако таа падне под одредено ниво, ќе можат да побараат да бидат хоспитализирани, најави министерот.

На овој начин, кога ќе се формираат ковид-зони во повеќето болници, пациентите нема да ги оптоваруваат општите лекари, а пациентите кои навистина имаат потреба, ќе одат директно во болниците, сметаат бугарските власти. Лекарите и медицинските сестри во ковид-зоните ќе ги надгледуваат пациентите кои се на домашно лекување – пациентите ќе бидат прегледани и тестирани, за потоа да ги земат лековите од аптеките и да се лекуваат дома.

„Ако има компликации, вратете се во зоната или јавете се на телефон доколку е потребно. Тестовите на пациентите ќе бидат покриени од фондот за здравствено осигурување,“ порача Кацаров.

Ова им овозможува на матичните лекари да посветат поголемо внимание на луѓето со хронични заболувања, бидејќи тие се ризичната група во која имаше најмногу смртни случаи минатата година, додаде бугарскиот министер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот