Бугарија како анти-промотор на ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Во текот на бугарското претседателство со ЕУ премиерот Бојко Борисов се залагаше за забразување на проширувањето на Унијата и по ЕУ-самитот во Софија изрази разочараност дека некои земји-членки, пред сè Франција, го кочат процесот. Неодмна, кон крајот на септември, Борисов на својот колега Зоран Заев, сакајќи веројатно да остане доследен на своите претходни заложби, му рече дека „ја поддржува европската иднина на Република Северна Македонија“.

Но на домашен план Борисов покажува далеку помала подготвеност за компромис во однос на наметнатите спорни прашања што ги заоструваат „добрососедските“ односи со Македонија. Бугарија, всушност, од голем поддржувач на европските перспективи на Западен Балкан за кратко време го доведе под знак прашање кредибилитетот на процесот на ЕУ-проширувањето, претворајќи се, – со своите ирационални барања за „корекција“ на историските и јазичните прашања, – во анти-промотор на македонските напори за доближување кон евроинтеграциите. Јанусовото лице на агресивниот бугарски национализам со таквото однесување не можеше а да не ја покаже отворено токму својата темна страна, која постојано влече назад, кон минатото.

Но дали и капацитетот на ЕУ, и нејзиниот кредибилитет како надворешнополитички актер, е доведен под знак прашање. ЕУ се соочува со сериозни проблеми да даде придонес за вкоренување на демократијата и правната држава на Балканот, при што едновремено интензивирањето на активностите на Русија би можеле да принудат некои од земјите од регионот да се определат кон она што за Москва претставува игра на нулта-сума. Сумата на добивката и загубата е секогаш нула за секоја можна стратегија која би можеле да ја користат играчите.

Напоредно се забележува дека ЕУ активно избегнува да дејствува решително во ситуации кога договорените правила и стандарди не се исполнуваат и почитуваат. Волјата да се биде позитивна сила кој ги шири темелните ЕУ-вредности во однос на демократијата, правната држава, човековите права и почитувањето на правата на малцинствата, вклучувајќи го и обесправеното македонско малцинство во Бугарија,  всушност го предизвика неочекуваниот ефект активно да се избегнува користење на посилни средства на принуда какви што се санкциите. Ефектот од сето тоа е дека ЕУ успева да инспирира на формални промени на основните демократски структури, но се соочува со далеку поголеми тешкотии кога станува збор за зацврснување на базичните општествени норми и принципи, помалку или повеќе во сите балкански земји.

Од друга страна, францускиот претседател Макрон, кој пред извесно време беше критикуван како главен „кочничар“ на ЕУ-проширувањето, сега, со француски манир, лансира нов поим, кој би требало да биде сфатен како водилка во ЕУ. Макрон тежнее кон нешто што го нарекува „европски суверенитет“, тврдејќи дека ЕУ треба да развие „стратегиска автономија“ во повеќе области.

Идеите на Макрон би можеле да имаат големо значење за ЕУ, посебно кога станува збор за заговарање на европски суверенитет, кој би можел да биде протолкуван и како одговор на глобалниот развој во последните неколку години, означен со борбата на САД и Кина за сопствените интереси, и со постепеното колабирање на мултилатералниот светски поредок. Во еден таков свет и ЕУ мора да ги заштити своите интереси, смета францускиот претеседател, а со сигурност може да се рече дека неговите принципиелни размислувања ќе бидат преобразени и во поконкретни предлози.

Макрон по сè изгледа не може да очекува ништо конкретно од Балканот, како прилог во дебатата кон остварување на таквите стремежи. На Балканот ништо ново, би можело слободно да се рече, бидејќи поводите за разговрување на билатерлани спорови, според примерот на тврдите бугарски позиции кон Македонија и нејзиниот европски пат, најмалку може да се сфатат како некакви продуктивни развојни чекори.

Балканскиот инает, кој на највисоко политичко ниво вообичаено функционира како кусогледо подметнување сопки, или, пак, обид за „врзување на нозете“ на соседите за да се спречи нивното движење напред, преку брутално наметнување на сопствената волја во градењето на соседските односи, тешко дека може да се протолкува на поинаков начин.

Македонија добива третман на жртва во билатералните спорови кои самата не ги поттикнува. Но доколку во декември повторно биде блокиран почетокот на преговорите со ЕУ, овојпат поради несогласувањето на Бугарија, неуспехот нема да биде означен само со типичен балкански предзнак. Тоа секако ќе претставува и големо политичко фијаско на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот