Бугарија има обврска да ги заштити правата на македонското малцинство

Македонското и бугарското знаме / Фото: МИА

Бугарската влада да ги обезбеди и заштити правата што се загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство, повикува Канцеларијата за човекови права на ОН

Обединетите нации (ОН) преку своите соодветни канцеларии следат дали во Бугарија се почитуваат правата на малцинствата и ја потсетуваат дека има обврска да ги почитува меѓународните договори за заштита на човековите права и против дискриминација што самата ги потпишала.

Од Канцеларијата за човекови права на ОН велат дека Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигури дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на својот слободно избран идентитет, пишува „Гласот на Америка“, од каде што прашале за коментар во врска со условот на Бугарија за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Меѓународниот суд во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство на нејзината територија.

ОН одамна бара права за Македонците, Софија не слуша

Од Канцеларијата за човекови права на ОН велат дека правата на малцинствата низ светот се заштитени со различни договори, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, а Бугарија, како потписник на двата договора, мора да ги почитува и обврските од нив.

„Националниот закон треба да ги признае правата на малцинствата и да осигури ниту еден поединец или група да не страда од неповолна положба или дискриминаторски третман врз основа на нивниот слободно избран идентитет како припадност (или не) на етничка, верска, јазична или која било друга група“, пишува во одговорот од ОН.

Од Канцеларијата нагласуваат дека исполнувањето на ваквите обврски од страна на Бугарија го следат Комитетот за човекови права и Комитетот за елиминирање на расната дискриминација. Од ОН посочуваат на извештајот што независен експерт за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, според кој Владата на Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

Извештајот на Канцеларијата за човекови права на ОН ја повикува бугарската влада да ги обезбеди и заштити правата што се загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките што се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, во согласност со меѓународниот закон за човекови права.

Во тој извештај што пред цела деценија е презентиран во ОН, меѓу другото, се вели и дека Владата на Бугарија го негира постоење на македонското етничко малцинство и тврди дека се етнички Бугари, како и дека „македонскиот јазик не се признава, ниту се учи во училиштата, а Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.

Ниту Македонија не смее да се меша

И покрај очигледната свест во светот дека на Македонците им се кршат основните права во Бугарија, Софија нема намера да преземе ништо, а успеа да изнуди услов Македонија да ги внесе Бугарите во својата Преамбула за да ги гарантира нивните права, за кои, пак, не постои ниеден извештај на релевантни светски или домашни институции дека се загрозени. Според новата државна политика и изјавите на поранешниот премиер Зоран Заев за прашањата на дијаспората, прашањето на малцинствата треба да се решава врз база на европските стандарди, што во дел од јавноста се протолкува како Бугарија да успеала да изнуди Македонија да се откаже од заштитата на тамошното македонско малцинство.

Годинава за овој проблем се заинтересира и шефот на државата Стево Пендаровски, кој е првиот македонски претседател што официјално прими делегација на повеќе здруженија, на, како што самите се претставија, бугарски државјани со македонска свест и самоопределба, кои му изложија серија проблеми со кои се соочуваат, со примери за систематската дискриминација и институционализиран говор на омраза против Македонците во Бугарија.

„Клучен проблем за односите меѓу двете земји е што индивидуалните права на македонското малцинство во Бугарија се фундаментално нарушени. Самото постоење на малцинството категорично се негира. Македонската самосвест и самоопределба без никоја разумна причина се третираат како национално предавство, антидржавна дејност и закана за единството и територијалниот интегритет на Бугарија. Ниту едно од правата од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства не им е дадено на Македонците. Ние дури немаме базично право да создаваме и делуваме преку свои партии и организации, а оние од нас кои имаат второ македонско државјанство, немаат право да се кандидираат на избори. Поради нашата етничка припадност, ние сме постојан објект на говор на омраза, кој никогаш не се казнува и сме стигматизирани како непријатели на државата“, се вели во нивната заедничка позиција што му ја предадоа на Пендаровски.

Тие нагласија и дека сите нивни обиди да ги бараат правата преку бугарските институции се отфрлени или блокирани, а бугарските власти одбиваат дијалог со нив, независно од редовните препораки за тоа од институциите во Советот на Европа и 14-те пресуди од Европскиот суд за човекови права. Исто така, тогаш наведоа и дека овие проблеми постојат веќе 32 години во демократска Бугарија и никогаш официјално не се поставени од страна на македонските влади пред Софија.

Видео на денот