Бугарија и епидемијата: Проветрување

Чесите, на кои сме навикнале да гледаме како на благ и мирољубив народ, имаат интересна традиција. Најмалку трипати во нивната политичка историја, ритуално ги исфрлија своите владетели низ прозорците на јавните згради во Златната Прага. Поради систематската природа на оваа практика за обновување на политичката елита, таа се здоби со свое име: „Проветрување“.

Ваквата практика првпат се случила во 1419 година, кога Хусите фрлиле седум свои членови од прозорците на Градскиот совет. Второто „проветрување“ е по 200 години. Во 1618 година, по повод верското прочистување и рекатолицизацијата на новиот цар Фердинанд Втори, двајца негови гувернери и еден службеник беа исфрлени од прозорците на Прашкиот замок. Ми се допаѓа крајот на оваа приказна, бидејќи летечките функционери не биле сериозно повредени, што го зацврстило институционалното сеќавање за тоа да се бара одговорност од власта, иако на специфичен централноевропски начин. А, третото обелоденување на оваа практика во Прага беше во 1948 година. Тогашниот министер за надворешни работи, единствениот кој не беше социјалист во повоената чешка просоветска влада, „излета“ низ прозорците на Министерството за надворешни работи.

Привлечноста на чешкото искуство

Следејќи ги изјавите на Бугарската влада од последните неколку дена, а особено интервјуто на пратеникот на ГЕРБ Тома Биков на Нова ТВ минатата недела, чешкото искуство ми се чини сè попривлечно. Со милениуми, сатрапите користеле отпадници за извршување на своите најодвратни наредби, што би го насочило народниот гнев кон нив, а не кон себе.

Зачудува тоа што нашите најбез’рбетни политичари ги извршуваат овие „мисии“ со видливо садомазохистичко задоволство. Откако избраниците на власта нè обвинија дека сме неодговорни во изминатите денови, денес, кога се зацврстивме на врвот во светот по бројките на смртност од ковид-19, Тома Биков истури нови аргументи од навредливиот арсенал до оние кои го сочинуваат суверенитетот на државата. Според него, покрај тоа што народот е неодговорен и не знае што сака, ние сме виновни што умираме како муви по болничките ходници и амбуланти, затоа што живееме нездраво и сакаме да се разболуваме – по можност со тешки и хронични болести. Како јавното здравство да не зависи од животниот стандард, туку од однесувањето. Цинизмот на агилниот член на партијата на власт помина уште една психолошка бариера. Тој ја префрли одговорноста за највисоката смртност во доменот на лекарите, велејќи: „Улогата на политичарите е да отвораат болници и нови кревети, но таму лекарите лекуваат“.

Тркалање по удолницата

Кога стапката на заболеност во Бугарија е во просекот на Европската Унија, а стапката на смртност е највисока во светот – повисока и од сите земји во развој, од гладните и од погодените со различни катастрофи – заклучокот е јасен: „силно“ умираме поради нашите несоодветни и, искрено, глупави одлуки. Почнувајќи од нашиот избор на владетели, а завршувајќи со нивното талкање во кризата додека нè тркалаат по удолницата. Се навикнавме да плаќаме данок на корупција, данок на популизам, данок на менаџерска неспособност… Сега сето ова се спои во „данок на живот“.

Бидејќи самите се впуштивме низ овој одрон, сега мора самите да се спасиме, наспроти настојувањата на државата и власта. Мораме да ги спасиме нашите лекари и наставници, кои ќе ги лекуваат нашите преживеани тела и души. Не ни требаат мртви херои, туку разумни и одговорни луѓе, кои знаат што прават.

Значи, време е ширум да ги отвориме прозорците. Чистиот воздух ќе ги избрка вирусите и загадувањата од транзицијата, депонирани во нашите морални и вредносни алвеоли.

Во 1672 година во Хаг, по големите воени порази од Франција и Англија, лутите граѓани на една од најбогатите империи во тоа време – Холандија, го растргнале и ги изеле деловите од телото на премиерот Јохан де Вит…

Повеќе ми се допаѓа проветрувањето, бидејќи не мора да го јадеме Бојко. Иако со своето его, тој самиот одлучил дека го обожаваме.

Па, ајде широко да ги отвориме прозорците!

 

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот