Бугарија го прекрши Договорот: Блокадата е спротивна на секое добрососедство!

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

Експертите по меѓународно право се со поделени мислења дали Бугарија го прекршила или не овој член, со кој Софија се обврзува да ни даде поддршка само за членството во НАТО, а за членството во ЕУ се обврзува да го сподели своето искуство за да ни помогне во исполнувањето на критериумите.

Прекршувањето на членот 2 од Договорот за добрососедство од страна на Бугарија со двете вета во Брисел за нашите преговори за членство во ЕУ, повторно стана дел од реториката на државниот врв, а во пресрет на евентуалната разрешница на Советот на ЕУ на 22 декември, кога е можно да биде донесена преговарачката рамка.

Минатата недела прво вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров истакна дека Бугарија го прекршила членот од Договорот за добрососедство кој, како што рече, предвидува Софија да ни помага, не да ни одмага, а најмалку да нè блокира, а потоа и премиерот Зоран Заев повтори дека очекува Бугарија да продолжи да биде наш пријател и поддржувач во евроинтеграцијата согласно со членот 2 од Договорот.

Експертите по меѓународно право се со поделени мислења дали Бугарија го прекршила или не овој член, со кој Софија се обврзува да ни даде поддршка само за членството во НАТО, а за членството во ЕУ се обврзува да го сподели своето искуство за да ни помогне во исполнувањето на критериумите.

Професорот по меѓународно право на Правниот факултет Тони Дескоски смета дека Бугарија не го прекршила овој член и дека македонската страна премолчано се согласила Софија кога сака да нè блокира во ЕУ.

„Никако не можам да разберам како Бугарија можела да го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство во ситуација кога има само обврска да го сподели своето искуство со нас за да ни помогне во исполнување на критериумите за членство во ЕУ“, напиша Дескоски на Фејсбук.

Во врска со аргументите дека Бугарија не ја исполнува својата обврска за соработка во евроинтеграциите, со тоа што билатералниот спор го издигнува на ниво на критериум за влез, професорот Дескоски пишува дека почетната премиса е погрешна, односно клучно е дека Бугарија не презела обврска за неблокирање во ЕУ, туку само за НАТО и тоа го испочитувала.

Според професорот по меѓународно право на Факултетот за безбедност Владимир Ортаковски, има основи да се смета дека Бугарија го прекршила членот 2.

– Договорот за пријателство е израз на добра волја кај двете страни дека преземените обврски ќе се исполнуваат и дека ќе се почитува договореното. Членот 2 говори дека Бугарија ќе нè помага во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Имајќи го тоа предвид, со внимателно читање на членот имаме елементи да кажеме дека Бугарија го прекршува Договорот. Бугарија се обврза да ни даде поддршка. На самите состаноци на Советот на ЕУ немаше гласање за преговарачката рамка, па формално нема ни бугарско вето, иако практично е тоа, Бугарија нè блокираше и тоа двапати – вели професор Ортаковски за „Слободен печат“.

Тој додава дека природата на спорот е апсурдна затоа што една земја членка на ЕУ бара од земја кандидатка да се откаже од својот идентитет и тоа во околности кога сите земји во Унијата целосно стојат на ставот дека Македонија треба да ги почне преговорите, освен евентуално една-две земји.

– Од друга страна, тука е и сознанието дека бугарската политика кон Македонија цело време е иста, непроменета со децении, освен во краткиот период од 1945 до појавата на Информбирото во 1948 година, кога во Бугарија Македонците слободно се изјаснувале и имале училишта на македонски јазик. Сите влади досега ја застапуваат истата позиција дека Македонците се Бугари, а македонскиот јазик е бугарски дијалект. Договорот секако даваше надеж за една нова ера во македонско-бугарските односи, но дали творците на Договорот го превидоа фактот за неменливоста на бугарската официјална политика – прашува Ортаковски.

Излез од оваа ситуација тој гледа во скорешната изјава на американската амбасадорка Кејт Мари Брнз дека САД сакаат да помогнат во процесот. Професорот Ортаковски вели дека ние се надеваме дека тие повеќе ќе ја притиснат Бугарија, но сепак тоа не е извесно, односно Американците јавно вербално нè поддржуваат, но ние не можеме да знаеме колку реално тие ја притискаат Софија.

Што пишува во Договорот?

Во член 2 став 2 од Договорот за добрососедство од 2017 година помеѓу Македонија и Бугарија е наведено следното: Двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Македонија за нејзиното пристапување кон ЕУ и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да ѝ помогне на Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во ЕУ и ќе ја поддржи за добивање на покана за членство во НАТО согласно со соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.

Видео на денот