Бугарија ги игнорира барањата од САД да престане да нѐ блокира во ЕУ

Амбасадата на Бугарија во Вашингтон / фото: Sunny Simantov/Google Maps

Бугарскиот амбасадор во САД, Тихомир Стојчев, цели два месеца по доставената барање од конгресмените од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, Бугарија да престане да ја блокира С. Македонија на патот кон ЕУ, сѐ уште не одговорил на писмото.

Конгресменката Клаудија Тени, за Гласот на Америка вели дека бугарскиот амбасадор со игнорирање на писмото покажал непочитување на Конгресот на САД.

„Не сме добиле директен одговор од амбасадорот, но слушнавме дека Бугарија нема да го почитува. Ќе продолжи да ги блокира Северна Македонија и Албанија во нивните обиди да ги почнат пристапните преговори со ЕУ. Ќе продолжиме да правиме напори таа да се повлече и да дозволи тоа да се случи. Сакаме да видиме нормализација во регионот“ вели Тени.

Тени вели дека загрижува фактот што Бугарија се обидува да се меша во правото на самопопределување на Македонија и можноста земјата да стане членка на ЕУ. Конгресменката не ја исклучува можноста, во иднина да се воведат санкции за Бугарија ако официјална Софија продолжи со блокадата.

„Не сум сигурна дека санкциите засега се соодветни, но, можат да бидат. Тоа е нешто што може да биде многу ефективно, особено ако продолжат да блокираат, да проектираат негативност и да создават пречки Северна Македонија и Албанија да имаат заслужен пристап во ЕУ. Потенцијално може да го разгледаме како начин да ги спречиме да ја продолжат нивната опструкција“ смета Тени.

Бугарскиот премиер Кирил Петков во вторник ќе допатува во официјална посета на замјава. Во бугарската делегација се шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, министерот за транспорт и врски и потпретседателот на Народното собрание.

Видео на денот