Бугарија: Членка на ЕУ или мала копија на Путинова Русија?

Фото: JOHN THYS / AFP / Profimedia

Доколку ниту еден голем бизнис и ниту еден голем медиум во Бугарија не може да опстои ако не е покровител на власта, тоа не е земја членка на ЕУ, туку смалена копија на Путинова Русија.

Да се „изгребе“ ГЕРБ од власта не е исто како да се избришат вулгарни натписи од нечија фасада. Дури и идниот премиер да не знае да игра бељот со некој од најбогатите бизнисмени, дури и да одбива подароци во форма на златни шипки, системот повторно ќе преживее – освен ако не биде урнат.

Во Бугарија секогаш било полесно да се стигне до некого „од горе“, отколку да се следат правилата. А со ГЕРБ и Борисов, овој модел беше утврден речиси како единствен што функционира. Со санкции од „високо место“ се решаваат сите спорови и проблеми – за бизнис територии, со царините, даночните и регулаторни комисии, агенциите. Дури и сместувањето во одредена болница за време на пандемијата.

 Мала копија на Путин

Кога една држава ќе стане позната под името на тој што ја раководи, тоа е повеќе смалена копија на Путинова Русија, одошто земја членка на Европската Унија. Моделот е ист – контролиран бизнис, подредени медиуми, послушно Обвинителство. Преку Црното Море, џудо-партнерите на претседателот растат и се богатат, а тука се луѓе од друштвото за бељот. И тука и таму, лидерот е постојано на телевизија. И тука и таму, Обвинителството е чувар пред портите на автократијата. И тука и таму, Владата ја изгуби способноста за дијалог со неистомислениците.

Бугарија е како малата кукла матрошка, што излегува од внатрешноста на големата. И се чини дека само еден чекор ја дели од тоа целосно да заличи на неа – моделот на Владата, коментиран од руската амбасадорка Митрофанова на следниов начин: „Вие сте парламентарна република, тоа е прилично сложена форма, можеби е најлогична за богатите земји со одржливи механизми и партиски системи“.

Дали тоа значи дека логичен облик на влада за Бугарија, неизговорен од Митрофанова, е претседателска република?

Разбравме, исто така, дека „сојузничката солидарност“ (според Митрофанова), што произлегува од членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, ја попречува добрата соработка со Русија. Меѓутоа, во основата на тие два сојуза се демократските вредности кои еродираа во матрошките – солидарност, владеење на правото, еднаквост пред законот, медиумски плурализам, толеранција, граѓанско учество.

Бугарскиот пример

Ќе биде тешко да се „изгребе“ моделот што е толку погоден за интересите на силите туѓи на евроатлантизмот. Сепак, успехот ќе биде чекор напред и ќе ги охрабри другите во ЕУ. На пример, во Унгарија, каде што владеењето на правото е сериозно нарушено од владеењето на Виктор Орбан. Но, дури и Унгарија, каде што независните медиуми се затвораат еден по друг, е рангирана на 92-то место на Репортери без граници. Додека ситуацијата во Бугарија е вистинско свлечиште со години, а земјата дојде до срамната 112-та позиција. Најголемите ТВ станици сè уште ги прекинуваат своите програми со цел да ги пренесуваат оригиналните видеа на премиерот во оставка Бојко Борисов.

Враќањето на владеењето на правото и демократијата во Бугарија значи многу повеќе од „бришење“ на ГЕРБ – тоа гарантира задржување на земјата во орбитата избрана во 1997 година со декларацијата за членство во ЕУ и НАТО. Ова е и тест за идната влада и фундамент на платформа за управување. Алтернативата е по Борисов да имаме „колективен Борисов“.

 

Преземено од „Дојче веле“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот