Бугарија братски ја подржува Албанија, но не и Македонија

Фото: Слободен печат

Не можеме да решиме проблем кој се повеќе е европски одошто наш. А очигледно односот на Бугарија кон проширувањето е таков проблем во кој Македонија е само колатерална штета.

Европа очигледно станува свесна за штетата по неа од принципите кои самата многу одамна си ги воспостави. Од година во година или од еден Совет на министри до друг, Македонија добива се поголема и поотворена подршка од земјите членки во напорите да стане полноправна членка на Унијата. Но сите заедно немаат доволно сила да ја спречат Бугарската неразбирлива тврдоглавост и нивното поимање за пријателство, добрососедски односи, нивниот историскиот багаж и поглед кон европската иднина на Западен Балкан. И за воља на вистината ниту добар дел од бугарското општество не разбира што точно Бугарија бара од Македонија.

Но наивно е да се верува дека бугарската политика кон проширувањето е наивна. Имено таа не отстапува од старите бугарски аспирации  за анексија на „старите предели“, или ако е тоа неможно на поделба на Македонија. Последниот потег на состанокот на ГАК за отворена подршка на Албанија, но не и на Македонија е суптилен обид за дестабилизација на македонската држава но и на регионот. Како прво го става на тест трпението на Албанија и Албанците кои сега треба да ја чекаат Македонија, како што тоа беше случај претходно кога ние требаше да ја чекаме Албанија во реформите. Имено факт е дека безмалку постои консензус меѓу земјите членки дека процесот на пристапување во ЕУ треба да оди заедно за овие две земји. Ставот на Бугарија со фаворизирање на Албанија е директно против оваа опција.

Европската безбедносна политика и САД мора јасно да го видат тоа и да преземат „соодветни“ мерки за спречување на ваквите обиди на Бугарија. Какви можат да се тие „содветни“ мерки оставам на имагинацијата на споменатите големи сили. Друг дипломатски начин за решавање на бугарско македонскиот спор е тешко да се замисли, ако се има предвид дека македонската страна направи речиси се што е во нејзина моќ за да ги вразуми Бугарите, (кои и да беа тие во одреден политички момент), и да ги „испегла“ односите што во изминатиов период на „братство“ беа тотално нарушени.

Во овој момент се чини македонската дипломатија нема што ново да понуди во билатералните релации на кои инсистира Бугарија, освен да остави мирен тек на разврска со помош од надвор како што тоа го правеше и досега, покажувајќи европски вредности во водењето на надворешната политика. Се друго би ја одвело во несакани води на директно соочување со тврдкорноста на ставовите на бугарскиот Парлемент и во позиција на попустливост, неприфатлива за македонските национални интереси.

Контактите секако треба да продолжат, но од нив не треба да се очекува решение на проблемот.

Видео на денот