Бугари гласаа во Скопје за парламентарните избори: Очекуваме да има влада и да нема кавги

Граѓани чекаат ред за гласање пред Бугарската амбасада во Скопје / 14 ноември 2021 / фото: ТВ21

Бугарија избира парламент и претседател. Од рано утрово редица за гласање имаше пред Бугарската амбасада во Скопје, објави ТВ21.

„Од утрово, избирачкото место беше отворено во 7 часот, интензивно се гласа сите кои ги гледате позади мене, немаме никакви проблеми до овој момент, ги почитуваме сите епидемиолошки мерки кои се неопходни, граѓаните си чекаат, нема притисок и до моментов сум задоволна“, велат од амбасадата.

Граѓаните очекуваат по третите избори конечно Бугарија да добие Влада.

„Сакаме резултат. Да има Влада и Претседател. И да нема кавги. Да има подобар живот, ама со работа, а не само пари од ЕУ, пензионери бедни, а другите, големите пари ги нема“, вели еден граѓанин кој дојде да гласа во амбасадата.

Кандидатот за претседател, Румен Радев, по гласањето пред медиумите рече дека преговорите со Европската унија не зависат од новата Влада во Бугарија, туку од самата Македонија.

„Клучот за почетокот на преговорите на РСМ за члентво во ЕУ е во усогласеноста на правата на македонските бугари, во искоренувањето на јазикот на омразата, прекинување на процесот на бугаризација, прекинувањето на експериментите за уништување и фалсификување на илјада летното бугарско историско наследство и почетокот на преговорите нема да зависи од новата Влада и новиот парламент. Најмногу ќе зависи од самата РСМ, која треба да ги преземе соодветните дејствија“, посочи Румен Радев.

Тој додава дека преку дијалог меѓу двете земји, а не со лобирање преку Европската унија, ќе се изградат искрени пријателски и добрососедски односи кои ги очекуваат луѓето од двете страни на границата.

Во Македонија на бугарските парламентарни избори се гласаше во Скопје, Битола, Охрид, Струмица, Кавадарци и Штип. На Балканот најголем број избирачки места за бугарските избори имаше во Турција – 126.

Вкупно 24 партии, коалиции и иницијативни комитети, имаат кандидати за претседател и потпретседател на Бугарија. По се изгледа дека претседателот на Бугарија нема да биде избран во првиот круг, туку тоа ќе се случи на 21 ноември кога треба да се одржи вториот круг. За првпат немаше предизборна дебата за претседателските избори во Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот