
Буџетот на Општина Центар за 2025 достапен онлајн за граѓаните
Општина Центар информира дека на официјалната веб-страница е објавен буџетoт за 2025 година. Овој документ, како што велат од Центар е подготвен во едноставен и разбирлив формат, обезбедува увид во приходите, расходите и планираните капитални инвестиции на општината, претставувајќи ги приоритетите и стратешките определби на локалната самоуправа.
Препорачано
Граѓаните преку оваа апликација можат да имаат увид во тоа како се креира буџетот, како се трошат нивните пари и кои се планираните проекти и активности во општината. Граѓанскиот буџет е наменет исклучиво за јавноста и има цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста за тоа како се управува со буџетските средства. Неговата достапност овозможува поактивно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Дополнително, на веб-страницата на Општина Центар е достапна алатката „Мој буџет“. Дел од процесот се и Буџетските форуми, кои Општина Центар ги организира секоја година, овозможувајќи им на жителите на локалната самоуправа со свои предлози активно да влијаат врз креирање на буџетот.
Со цел да се обезбеди активна и директна комуникација со граѓаните, во општината редовно се организираат отворени денови со граѓаните каде што тие имаат можност да ги споделат своите забелешки и идеи со надлежните служби. Истовремено, како што наведуваат од Центар, граѓаните можат да остварат средби и со градоначалникот за да се информираат за актуелни проекти, да поставуваат прашања, да учествуваат во дискусии и да даваат предлози за важни локални прашања.