Буџет за одржлив развој на вересија
Разликата меѓу процените на Владата и на Светската банка укажува на потенцијален ризик од преценување на економскиот капацитет на земјата на краткорочен план, што може да доведе до несоодветни очекувања и одлуки.
Буџетот за 2025 година на Република Северна Македонија се претставува со амбициозни очекувања и оптимизам, но дали тој е реален? Во услови кога Светската банка предупредува на ограничен економски раст, некои од предвидувањата се чини дека се повеќе резултат на политички оптимизам отколку на објективна проценка. Овој преоптимистички пристап носи ризици, особено ако се потпреме на покачување на јавниот долг и на заемите од странски извори како пат кон економски раст. Време е за критичка рефлексија и реформски пристап, што би значело свртување кон поддршка од Европската Унија и одржување на европскиот курс на земјата.
Со проектиран раст од 3,7% од страна на Владата, во споредба со значително пониската прогноза од 2,5% дадена од Светската банка, се отвора важна дилема за реалната основа на овој оптимизам. Разликата меѓу овие процени укажува на потенцијален ризик од преценување на економскиот капацитет на земјата на краткорочен план, што може да доведе до несоодветни очекувања и одлуки. Светската банка, како клучен меѓународен финансиски набљудувач, ја заснова својата анализа на глобалните економски услови и локалните економски предизвици. Од тој аспект, нивното пониско предвидување е сигнал за претпазливост во однос на можните економски перформанси на Северна Македонија, особено во време на глобални економски предизвици и неизвесност.
Во вакви услови, краткорочните проекции за раст треба да бидат претпазливо засновани на структурни подобрувања кои создаваат одржлив раст, наместо да се засноваат на финансиски инјекции преку кредити и зголемување на јавниот долг. Прекумерната зависност од заемски средства за постигнување економски раст, може да води кон финансиска нестабилност и дополнителен товар врз јавните финансии. За разлика од кредитните инјекции, структурните реформи, како зајакнување на конкурентноста и подобрување на институционалната ефикасност, можат да обезбедат подолгорочен и стабилен развој. Ваквите реформи се неопходни за да се осигура дека економскиот раст не е само привремен, туку дека има темел на кој може да се надградува, наместо да зависи од обемното задолжување кое може да создаде долгогодишни обврски и ризици.
Владата предвидува раст на јавниот долг до границата од 60% од БДП, при што се стреми да го задржи под ова ниво за да се избегне критичен товар врз економијата. Оваа граница, иако формално прифатлива во одредени меѓународни стандарди, носи значителен ризик ако не се искористи соодветно. Во отсуство на внимателно и стратегиско планирање, постои потенцијал зголемениот долг да не придонесе кон економски раст, туку напротив, да доведе до продлабочување на економската криза. Особено во услови на глобална економска нестабилност, неопходно е внимателно да се оценат економските придобивки на долгот, за да се обезбеди дека заемите навистина ќе го поддржат развојот и стабилноста на земјата, наместо да создадат нов финансиски притисок.
Поради тоа, зголемувањето на јавниот долг треба да се разгледува како економска неопходност само ако е насочено кон капитални инвестиции со висок поврат, кои генерираат економски раст и отвораат нови можности за доход и вработување. Пренасочувањето на средствата кон тековни расходи, кои немаат долгорочна вредност или потенцијал за враќање, ја зголемува опасноста земјата да се најде во долготрајна задолженост без соодветни економски придобивки. Доколку се продолжи со таквата практика на задолжување без соодветни економски придобивки, земјата ризикува да влезе во економска стагнација, со постојан притисок на јавните финансии и ограничени можности за развој во иднина. Само преку јасна стратегија за вложување на заемските средства во капитални проекти со висок поврат, Северна Македонија може да постигне одржлив раст и да ја избегне долгорочната финансиска неволја.
Неодамнешниот заем од унгарската влада отвори многу прашања и дилеми во јавноста и меѓу експертите. Од економска перспектива, ваквите заемски средства може да обезбедат краткорочна финансиска поддршка, но тие истовремено носат и ризици, особено доколку не се искористат стратегиски и со добро управување. Без конкретни планови и структури за раст, заемите имаат потенцијал да создадат дополнителен притисок врз државниот буџет. На пример, доколку новоземените средства се употребат за покривање тековни расходи, а не за капитални инвестиции, ова ќе значи дека земјата ќе има дополнителен долг кој не генерира вредност. Ова би довело до зголемени трошоци за отплата во 2025 година, што може да придонесе кон ограничување на финансиските средства достапни за други важни економски сектори, какви што се образованието, здравството или социјалната заштита.
Од статистичка гледна точка, доколку Владата го искористи унгарскиот заем од, на пример, 250 милиони евра за тековни расходи наместо капитални проекти, тоа би значело раст на јавниот долг за 1-2% од БДП, со сразмерно зголемени трошоци за сервисирање на долгот. Овие дополнителни обврски можат да значат повисоки трошоци за камати за неколку милиони евра годишно, што би го зголемило вкупниот дефицит и би го направило буџетот понеодржлив на долг рок. Ако се спореди со просечната каматна стапка за јавен долг од околу 2-3%, новоземените средства би создале дополнителен годишен трошок од околу 5-7 милиони евра само за камати. Ова би го ограничило буџетскиот простор за финансирање други приоритетни области, а можеби и ќе доведе до нови задолжувања за да се покријат овие трошоци, со што ќе се влезе во затворен круг на долг.
Дополнително, ваквите заемски договори од странски влади често носат и политички импликации, кои можат да создадат дополнителни неекономски обврски. Тоа значи дека политичките заемни аранжмани, како овој со Унгарија, може да доведат до дополнителни политички и дипломатски обврски кои би ја нарушиле долгогодишната посветеност на Северна Македонија кон европските вредности и процесот на интеграција. Таквите заемни средства, без внимателно управување и транспарентност, може да ги нарушат и односите со другите европски партнери, што ќе го отежне пристапот до европските фондови и грантови што носат помал ризик и поголеми долгорочни придобивки за македонската економија.
Наспроти потпирањето на средства од странски влади, кои често носат политички предзнак и краткорочни решенија, фокусирањето на грантовите и на пристапните фондови од Европската Унија, претставува попродуктивна и долгорочна стратегија за Северна Македонија. Европските грантови не создаваат долг, што значи дека финансираните проекти не носат финансиски притисок за идните генерации. Ова е особено важно во време кога јавниот долг на Северна Македонија се приближува кон критичната граница од 60% од БДП. Доколку земјата добие пристап до европските грантови, се отвара можност за финансирање проекти со висока додадена вредност, како што се структурните реформи во јавниот сектор, развојот на инфраструктурата и инвестиции во зелена економија.
На пример, ако Северна Македонија обезбеди 100 милиони евра преку грантови од ЕУ за финансирање на инфраструктурни и зелени проекти, овие средства би имале директен и позитивен економски импакт. Грантовите овозможуваат реализација на проекти кои можат да отворат нови работни места и да поттикнат локална економска активност, без дополнително задолжување. Според процените, секое еврo вложено во инфраструктура носи економски принос од 1,5 до 2 евра во БДП. Ова значи дека грантовите за проекти од областа на инфраструктурата и животната средина би можеле да генерираат дополнителни 150-200 милиони евра во економската активност, што би придонело за одржлив раст и би ја намалило зависноста од кредити.
За да може Северна Македонија да го искористи максимално потенцијалот на европските фондови, потребен е силен реформски пристап во клучните сектори, како што се јавната администрација, образованието, енергетиката и зелениот сектор. Ефикасното управување со овие ресурси може да го зајакне капацитетот на институциите за апсорпција на европските фондови, што би значело дека државата може поефикасно и побрзо да ги реализира планираните проекти. Ова не само што би поттикнало економски раст туку и би придонело кон долгорочен развој што ја обезбедува македонската економија и ја позиционира земјата во рамките на европскиот пазар.
Статистички, земјите кои успешно користат европски грантови и структурни фондови бележат пораст на БДП од 1-2% на годишно ниво, како и зголемување на конкурентноста на нивните економии. Ако Северна Македонија може да ги апсорбира средствата според својот капацитет, тоа би значело дека до 2025 година би можела да го зголеми растот за дополнителни 1-1,5% годишно, само преку подобрување на ефикасноста и фокусирање на стратегиски проекти. Ваквиот приод би овозможил одржлив развој, со потенцијал за намалување на јавниот долг, зголемување на конкурентноста и зачувување на европскиот пат на земјата, што е од суштинско значење за иднината на Северна Македонија.
Наспроти преоптимистичките проекции за буџетот, реалноста укажува дека иднината на Северна Македонија зависи од одржливи, добро управувани решенија кои се фокусирани на долгорочна стабилност, а не на краткорочни финансиски потези со потенцијални ризици за идните генерации. Прекумерното задолжување без јасни и стабилни извори на поврат на вложените средства може да доведе до финансиски притисок што ќе ги оптовари следните генерации, намалувајќи ја нивната способност за развој и раст. Од таа перспектива, најзначајно е Владата да го насочи своето планирање кон стратегии што ќе обезбедат одржлив раст преку капитални инвестиции и реформи што имаат висок поврат и реална економска вредност за државата.
Понатаму, потребно е јакнење на односите со Европската Унија и интензивирање на користењето на европските грантови и пристапни фондови, кои можат да придонесат кон здрав и стабилен развој. За разлика од заемите што го зголемуваат јавниот долг, овие средства обезбедуваат финансиска поддршка без дополнителен товар на идните генерации, овозможувајќи фокус на стабилност, реформи и интеграција во европските економски и политички структури. Време е за мудри и стратешки одлуки, кои ќе ги заштитат долгорочните интереси на државата, поддржувајќи го македонскиот економски развој и европската иднина на земјата. Само преку таков пристап, Северна Македонија ќе може да го постигне посакуваниот развој, обезбедувајќи просперитетна и стабилна иднина за сите свои граѓани.
(Авторот е економски аналитичар)