Будење

Многу ме нервира што земјава ни ја чистат активисти од „Не биди ѓубре“, ме поразува фактот што немаме ниту еден погон за рециклирање на што било, се иритирам што немам струја создадена од самиов мој јужен балкон што се загрева и повеќе од тоа колку што ми треба за еден пристоен туш и плачам за дебела сенка во Центар и пошироко.

И покрај сите премрежија, успевам да прочитам понекоја книга. Хитот на месецот се вика „Словенологија: Да се живее и патува во најдобрата земја на светот“ од Ноа Чарни, роден Американец. Човекот пред речиси дваесет години, како студент во Лондон, решил вистински да ја прошета Европа, си купил Интер-реил (тоа е оној билет за студенти со кој можеш да се возиш со воз низ цела Европа) и тргнал. Пред да тргне, се распрашал меѓу своите поискусни пријатели-патувачи за насоки и места, и сфатил дека сите тие, покрај сите убавини што го нуди мајката на модерната цивилизација, се сложни околу едно: дека мора да оди на Блед, најубавото место во Европа. Наоружан со сите информации, го фатил возот и тргнал на своето животно патешествие. Престојувал по најмалку еден месец во осум европски града, вклучувајќи ги Фиренца, Венеција и Мадрид, и стигнал во Љубљана. Приказната понатаму е релативно патетична: ја засакал Љубљана од прва, се заљубил во природата, културата и храната, ги засакал и луѓето таму, а една Словенка најмногу и се оженил со неа, па сега живее и работи во „Најдобрата земја во светов“. Каква Америка, каков Лондон, тоа за него биле само попатни станици, тој си го нашол домот од соништата. И, што е најважно, Ноа не го крие своето богатство, туку наголемо го промовира.

Се присетив и на моите први средби со таа, во тоа време „наша“ Северна Република (навистина беше и наша и северна), и на зелената боја која беше сеприсутна и покрај автопат, и во град и на планина, па ми блеснаа пред очи и Брежице и Чатеж, Блед и Бохињ, Бовец и Канин, и Пореч и Порторож, и сите оние куќи во кои престојував, но и на оној акутен недостаток на ѓубре, апропо хроничните валканици кои ги имаше во другите, појужни републики. Тоа беше зачинот што ми недостасувал, се освестив многу подоцна, таа пречка во сликата што ја имав од модерниот свет, тие мртви пиксели на екранот, пополнети со отпадоци. И други земји, особено од тој регион, се многу чисти, зелени и со убава архитектура, ама Словенците додаваат и личен зачин во сето тоа, па дури и во храната, каде што почнаа дури да ги „шијат“ и соседите им, Италијанци. За дизајнот и на малите и убавината на големата слика можам само да ви кажам: одете и видете го тоа. Но имајте на ум, Словенците сега се „Словенци“ и на Европа, не само на Југославија.

Неспорно е дека треба да учиме од најдобрите. Па и тие уапсија премиер и цела дузина „државни“ криминалци и насекаде има корупција, ама има и свест за општото добро, за она кое ни припаѓа на сите Нас. А, како тоа го направија тие, како Љубљана стана зелената престолнина на Европа, а Словенија најдобрата земја за живеење? За технички исправен и читателски соодветен текст, најверојатно ќе треба и еден фељтон да се напише, ама во една реченица одговорот би бил: со јасна цел и вистинска посветеност кон неа. Тоа подразбира и многу труд, да не се лажеме. Можеби ви звучи глупаво, ама на само таков начин се чисти и уредува и гаража и шпајз и држава. Треба план, временска рамка, алатки, човечки ресурси и пари. Во принцип, и не постои проблем за кој нема решение, а ние па и не сме толку сиромашна земја. Пробајте да се присетите колку ли пари дадовме во оваа транзиција за глупости и на ад-хок решенија, без да пресметаме колку и дали се тие воопшто самоодржливи, но не и дали ќе ни носат придобивки во иднината.

Треба систем, систем околу кој сите политички и неполитички фактори треба да се сложат, да го живеат и сакаат. „Незадоволните“ граѓани се онаа сила што превагнува на тасот наречен избори, па ајде да се задоволиме со нешто кое навистина ќе го вкусиме самите Ние. На овој народ му треба вистински обединувачки фактор, па зошто тоа не би била природата и наследените историски убавини, ама и здравјето, и физичко и ментално. Неодамна пишував дека за ваков еден зафат, спасот го гледам само во уставни промени, но би додал дека и образованието е клучно, бидејќи е коренот на севкупното наше битисување и од тука сè започнува.

Ајде да се разбудиме и да ги научиме овие наши деца како навистина се сака својата земја, да ги научиме и како се сака целата планета. Да не забораваме дека и „Мајката Земја“ овие денови гори, а ние сме во темнопортокаловата, опасна зона. Да научиме како размислуваат Словенците и што е тоа нешто што ги прави толку посебни, и некогаш во Југославија и сега во Европа и Светот. Се чудам, што сме па ние толку идиоти што ништо не успеваме да научиме, што ништо не успеваме да смислиме, што ништо не успеваме да спроведеме, што ништо не успеваме ниту да препишеме од оние со повеќе акал, и наместо да засукаме ракави, сè повеќе тонеме во сопствените гомна. А не е дека немаме енергија. Богами имаме и за честење, а се покажува дека знаеме и да ја трошиме: „нешто мање“ за несуштествени работи, „нешто више“ за јадење бурек, а скоро ич за нешто што е важно.

Да се разбереме, јас сакам да правам струја на балкон и на празната нива, од дедоина. И поевтино да ја продавам од скапата увозна, и да заработам од тоа, и мојата земја да има корист од тоа и попат, да придонесувам кон намалувањето на загадувањето. И сакам да садам дрвја за викенд со децата, онака, на случајна прошетка, а не преку изрекетирани манифестации и денови на дрвото. И сакам тоа да стане „модерно“, како да речеме вечно модерните „рејбан“ ленонки, или можеби „луј витон“ торба. Ако нешто ме радува во целава приказна за модата, тоа е што барем точаците и електричните тротинети стануваат „ин“.

И ги обожавам активистите како оние од „Не биди ѓубре“, ама повеќе сакам самите да направиме да ни е чисто, а тие да се занимаваат со „некои“ отпадоци што ги оставиле „некои“ туристи, најверојатно од таму „некој“ Балкан. Особено ги почитувам поради тоа што се „разбудија“, ја земаа работата буквално во свои раце, па разбудија и голем дел од Нас.

Е, па, ајде да се доразбудиме и на барем еден ден да пробаме да бидеме „Словенци“. Што ќе ни фали еден ден да напишат и убава книга за сегашните и идните Нас.

Којзнае, можеби баш тој ден ќе влеземе и во лигата на шампиони во културниот натпревар помеѓу народите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот