Будење на младите – колку им обрнуваме внимание?

данило коцевски

Младите на различни начини можат да се будат во литературата, но и во стварноста. Така било отсекогаш, така е и денес. Будењето може да биде различно: будење од длабок зимски сон, од само една (не)проспиена ноќ или од кошмар. Зависи како сме се однесувале кон младите и што сме им оставиле во наследство.

Постарите никогаш не се невини во однос на будењето на младите во литературата. Младите се будат со моќта на ним својственото мешање на имагинативното и реалното, со што го свртуваат вниманието на себе. Но, тие можат да се будат и на поинаков начин: во стварноста, во материјалната реалност, која честопати не го прифаќа нивниот талент, ја отфрла или ја минимизира нивната улога. Затоа е тешко будењето и пробивот на младите во етаблираните литературни кругови, против кои тие знаат често да се бунтуваат. Можеби е најдобра комбинацијата кога нивната имагинација и креативното будење на соодветен начин се прифаќаат и поддржуваат од нивната средина.

Мислата на Роман Јакобсон

Големиот теоретичар на литературата Роман Јакобсон има речено: ако сакате да дознаете што навистина се случува во една литература, ослушнувајте го гласот на младите што доаѓаат. Будењето на младите во даден момент може да биде голем предизвик, со тоа што внесува извесен неред и ги преиспитува постојните вредности. Што ќе наследиме од традицијата, во онаа елиотовска смисла, можеби најмногу зависи од младите, бидејќи од традицијата не се наследува сè. Вредното творештво и новите генерации со текот на времето може да го променат и системот на вредностите во минатото, а не само во актуелниот миг. Затоа секогаш треба да бидеме подготвени на повикот: внимание, младите се будат! Многу од поранешните критериуми и вредносни системи можат да изгубат од своето значење, а токму во тоа се состои предизвикот.

Во поранешна Југославија, односно во речиси во сите поранешни југословенски републики, при крајот на минатиот, 20 век, се јави еден силен бран на млади писатели, во прозата, во поезијата, во книжевната критика и теорија. Доминантна, сепак, беше прозата. Познатиот слоган „млада проза“ го воведе хрватскиот критичар Велимир Висковиќ во неговата истоимена книга. Посебно популарна беше т.н. „кратка проза“, иако беа присутни и другите жанрови. Таквиот вид проза особено беше присутен во Република Македонија и тие млади творци остварија свој белег во тогашната литература. Во првата деценија од 21 век, се случи едно ново будење на младите кое трае сè до денес. Некои од младите романсиери започнаа да ги добиваат врвните европски награди за литература. За актуелното, ново будење во поезијата, во голема мера придонесоа и некои од манифестациите околу кои се собираа младите генерации, како и младинските културни центри.

Денес, кај нас во Македонија постои еден силен бран, односно будење на младите во литературата. Тој нов бран и будење според бројноста на творците и квалитетот на нивното творештво, со еден силен замав, подолго време не се случил во нашите простори. Според некои од своите особености, можеби потсетува на подемот во македонската литература во 50-тите и во 60-тите години на минатиот век. Се чини дека раскажувачката проза и романот се наметнуваат, иако свој замав имаат и поезијата, есејот и книжевната теорија. Посебно треба да се одбележи присуството на жените-писатели, кои според своите творечки вредности доминираат речиси во сите жанрови. Доминантна е и универзитетската критика и теорија, а и во тој универзитетски круг повторно доминираат жените-теоретичари, со разнообразните пристапи и високото ниво на теориските анализи и истражувања.

Будењето на младите во литературата е поврзано со будењето и функционирањето на повеќе издавачки куќи кои го следат творештвото на младите. Треба да се истакне и поддршката за книгата од страна на државата, а во последно време сè повеќе се користат и европските фондови.

Спонтано, нефингирано будење

Ете, така се случи будењето на младите во литературата кај нас. Во што се состојат спецификите на тоа будење? Тоа е едно вистинско, спонтано, нефингирано будење. Притоа, се следат актуелните светски трендови, поетички и теориски, се користат повеќе облици на постмодерната парадигма, мешањето на жанровите и цитатноста, градењето на метаструктури кои ја одбегнуваат класичната и линеарна наративна шема. Често се користи иронијата како однос кон светот, но и кон текстот, со што, покрај другото, сака да се укаже на општиот морално-естетски, но и на политичкиот, идеолошкиот и цивилизацискиот хаос и несигурност. Посебно зема замав литературата за деца која ја пишуваат новите генерации кај нас, а која сè уште доволно не сме ја анализирале.

Младите се будат во литературата, но сега се поставува и прашањето: колку самата литература може да придонесе за будењето на светот во кој живееме денес? Будење од предоминацијата на политиката и политичкиот дискурс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот