Будалите секогаш оро водат

Проблемот не е во експертите, проблемот е дали некој е подготвен да го чуе нивното мислење. Барем да го чуе, па нека не го земе предвид, нека го отфрли, ама аргументирано, со стручно образложение.

Денес ретко кој како Сашо Орданоски јавно ги спомнува „будалите кои оро водат“, дури напротив, власта, сегашнава, „на сва уста“ божем ги повикуваше сите стручни поединци да се вклучат во решавањето на натрупаните проблеми во државава, ама сето тоа останува само на повикот, до мигот додека експертските мислења не им ги посочат погрешните „политики“. И тука завршува сѐ. Тука повторно преземаат „ороводците“ – оние апострофирани во насловот.

Се разбира, не е ова проблем само на културата, туку на целото општество. Ние имаме генерален проблем со стручноста, со експертизата, со знаењето… Бивши уличари денес ни се министри, повторувачи ни се директори! Не е само актуелнава ситуација со пандемијата иницијалната каписла во здравството, или сличниот пандемиски „вирус“ во заштитата на културното наследство, или полуписменоста во образованието и неукоста во науката.

Независниот академски синдикат (НаКС) предупредува дека исклучително ниското издвојување од 0,35% од БДП за истражување и развој ја рангира Северна Македонија на дното во Европа. А сепак, што ако издвојувањето за културата е повисоко кога не можете да видите каде одат парите? И? Ништо, молк, партократијата едноставно не трпи друго мислење, особено ако е стручно односно спротивно на нејзиното! Уште потажна е вистината дека дури и стручноста, кога е партизирано вгнездена на раководна функција побудалува и се фаќа во орото на будалите!

Здравството, односно оваа криза ни е типичен пример за тоа. Но и образованието. Та зарем уште во оној февруари не и беше јасно на онаа Комисија што не чека? Или, ако сакате, цели осум месеци сите надлежни за образованието во државава кмишеа дома или дремеа на работните места, вклучувајќи го и фамозноно Биро за развој на образованието, а за децата им текна петнаесет дена пред започнувањето на наставата. И им смислија некакви луди протоколи за физичка настава, а „в оган“ први ги фрлија најмалите: првачињата и оние до трето одделение! И сето тоа помина без оглед на одделни коментари (не само) во стручната јавност, без соодветна аргументација.

За волја на вистината, премиерот на почетокот на овој мандат побара поддршка од сите стручни луѓе во државава, експертска помош којашто би била добредојдена во сите сегменти на општеството. Истото го повтори и министерката за култура. И? Сега и шефот на Секретаријатот за Европски прашања вели дека ќе ни требале барем 4.000 стручни луѓе за идните пристапни преговори со ЕУ. И? Каде ќе ги бараат, во партиските редови?

Сакам да кажам: донекаде држи констатацијата дека експертите во многу ресори можеби молчат. Иако не сите и не секаде, најмалку во науката, образованието, културата, па и економијата… Но, проблемот не е во експертите, проблемот е дали некој е подготвен да го чуе нивното мислење. Барем да го чуе, па нека не го земе предвид, нека го отфрли, ама аргументирано, со стручно образложение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот