Бучковски: Со мојот случај може да започне ветингот
Бевме пред победа, зашто докажавме дека нема кривично дело и не е направена штета, рече поранешниот премиер и лидер на СДСМ Владо Бучковски, после последното рочиште во предметот „Тенковски делови“, на кое се потврди одлуката за застарување на делото откако претходно обвинителството го преквалификуваше.
И останатите обвинети во случајот Методија Стамболиски, Нелко Менкиновски, Митре Петковски, Ацо Ѓурчиновски изразија револт што обвинителството го преквалификувало делото и им ја одзела можноста за морална сатисфакција односно ослободителна пресуда. Велат и Апелација и Врховниот суд констатирале дека не постои дело ниту нанесена штета со умисла и дека набавката на тенковските делови била потребна.
-Оние кои го нарачаа делото најдоа свои соработници во обвинителството и во судството и за тоа дебело ги наградија. Значи, во 2008 година почна да гради кариера тогашната судијка Вангелина Маркудова, по нарачаната пресуда се вивна во метеорите и стана судија во Уставниот суд. Обвинителот кој тогаш беше непознат за пошироката јавност, Петар Аневски, како „награда“ за сработеното стана претседател на Советот на јавни обвинители – рече Бучковски, кој истакна дека оваа победа е против поранешниот министер за правда Михајло Маневски и неговата сопруга Филимена Маневска.
Тој порача дека преку неговиот случај може да профункционира таканаречениот ветинг, односно, како што рече, да бидат исчситени 5 судии и 5 обвинители поради учество во монтиран процес.
Претходно, петтемина обвинети беа осудени со затворски казни за злоупотреби на службената должност и штета на државниот буџет од 2,5 милиони евра, а по одбивателната пресуда, судските трошоци ќе им ги плати државата.