БСЕК: Македонија доби покана за полноправно членство

Нашата земја доби покана за полноправно членство во Организацијата за црноморска економска соработка, информира Министерството за надворешни работи.

На денешниот состанок на 40-тата седница на Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на БСЕК во Софија, на кој на покана на министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, учествува и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, било одлучено да се испрати покана до нашата земја за полноправно членство во Организацијата.

Министерката Захариева, како што пренесе БГНЕС, по завршувањето на состанокот истакнала дека одлуката за покана на Македонија во Организацијата ја донеле едногласно.

-Нашата иницијатива беше да ја поканиме Северна Македонија на 13-ти. Драго ми е што сите ние едногласно одлучивме да ја испратиме официјалната покана. По ратификацијата на нашата повелба, таа ќе стане полноправна членка, рече Захариева.

По тој повод, министерот Димитров имал обраќање во кое ги изнел придобивките и можностите кои ги нуди членството во оваа Организација, преку продлабочување на заемното почитување, доверба и соработка, во духот на пријателство и добрососедство:

-Ова е пресвртница за нашата регионална соработка, давајќи ни можност стратешки да ги продлабочиме и зајакнеме нашите заеднички визии, промовирајќи ги предностите што ги нуди овој регион. Земјите членки на БСЕК се и наш економски партнер, не само поради нашата географската положба, туку и поради нашата културолошка и историска поврзаност, порачал Димитров.

Тој нагласил дека проширувањето на Организацијата за црноморска економска соработка со Република Северна Македонија, само по себе, претставува одличен пример за регионална соработка и солидарност, поттикнувајќи ги нашите заеднички аспирации за раст и одржлив развој.

На маргините на Состанокот, Димитров остварил средба со министерката Захариева на кој се заблагодарил за поддршката за членство на нашата земја во БСЕК што ќе резултира со покана за членство на Северна Македонија во оваа значајна организација, што ќе се официјализира штом нашето Собрание ќе ја ратификува Повелбата. Соговорниците раговарале и за претстојната исклучително важна соработка во рамките на Берлинскиот процес, а во однос на билатералните односи, се потврдијле заложбите од двете страни за имплементација на Договорот за пријателство.

Црноморската економска соработка (БСЕК) се појави како ветувачки модел на мултилатералната политичка и економска иницијатива со потпишувањето на Декларацијата од самитот во Истанбул и изјавата на Босфор од страна на Шефовите на држави и влади на земјите од регионот, на 25 јуни 1992 година. Со влегувањето во сила на својата Повелба на 1 мај 1999 година, БСЕК се стекна со меѓународен правен идентитет и се трансформираше во полноправна регионална организација- Организација за црноморска економска соработка.

Во БСЕК членуваат 12 земји: Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција, Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот