Бруто надворешниот долг се намали за 489 милиони евра и изнесува 7.908 милиони евра (73,7% од БДП)

На крајот на 2018 година бруто надворешниот долг изнесува 7.908 милиони евра и забележа квартално намалување од 489 милиони евра, додека бруто надворешните побарувања се намалија за 227 милиони евра и изнесуваат 5.260 милиони евра.

Поголемото квартално намалување на обврските во однос на побарувањата доведе до намалување на нето надворешниот долг за 263 милиони евра, со што на крајот на четвртиот квартал од 2018 година тој се сведе на 2.647 милиони евра. Притоа, намалувањето на нето надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од намалувањето на приватниот и на јавниот нето-долг, за 139 милиони евра и 124 милиони евра, соодветно.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција, на крајот на 2018 година, изнесува 5.946 милион евра, или 55,4% од БДП за 2018 година. Најголемиот дел (повеќе од 86%) од овој износ се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 74% се врз основа на сопственички капитал.

Надворешна задолженост и меѓународна инвестициска позиција на Република Северна Македонија

Бруто надворешен долг

Бруто надворешниот долг, на крајот на 2018 година, изнесува 7.908 милиони евра (или 73,7% од БДП) и бележи квартално намалување од 489 милиони евра. Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, кварталното намалување на бруто-долгот е помало и изнесува 248 милиони евра. Оваа квартална промена во целост се објаснува преку движењата кај приватниот надворешен долг, главно заради намалениот долг на капитално поврзаните субјекти, којшто објаснува 90% од кварталната промена. Од друга страна, во овој квартал јавниот долг (без специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка) е зголемен за 11 милиони евра, поради зголемениот долг на јавните претпријатија и на јавните банки (за 20 милиони евра), при намалување на долгот на секторот „држава“ (за 9 милиони евра).

Во споредба со крајот на 2017 година, бруто надворешниот долг е повисок за 535 милиони евра како резултат на зголемените обврски на јавниот и на приватниот сектор (за 294 и 241 милион евра, соодветно).

Растот на јавниот долг произлегува пред сѐ од зголемените обврски на секторот „држава“ (за 257 милиони евра), додека растот на приватниот долг во најголемиот дел се објаснува со зголемените обврски на небанкарскиот приватен сектор (за 145 милиони евра).

Бруто надворешни побарувања

Бруто надворешните побарувања, на крајот на декември 2018 година, изнесуваат 5.260 милиони евра (или 49% од БДП) и остварија квартално намалување од 226 милиони евра.

Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се повисоки за 16 милиони евра, што во услови на намалување на приватните побарувања (за 120 милиони евра) во целост се должи на зголемените јавните побарувања (за 137 милиони евра).

Во споредба со крајот на 2017 година, надворешните побарувања се повисоки за 743 милиони евра, како резултат на зголемените јавни и приватни побарувања (за 522 и 220 милиони евра, соодветно). Растот на јавните побарувања е одраз на порастот на официјалните девизни резерви кај централната банка, додека растот на приватните побарувања се објаснува со зголемените побарувања на небанкарскиот приватен сектор (за 206 милиони евра) и приватните депозитни институции (за 76 милиони евра), при намалени побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 62 милиона евра).

Нето надворешен долг

На крајот на 2018 година нето надворешниот долг изнесува 2.647 милиони евра (24,7% од БДП). Во услови на поголемо квартално намалување на бруто надворешниот долг во однос на бруто надворешните побарувања, нето надворешниот долг на земјата во четвртиот квартал од 2018 година е намален за 263 милиони евра. Притоа, забележано е намалување кај нето приватниот и кај нето јавниот долг (за 139 и 124 милион евра, соодветно).

Во однос на крајот на 2017 година, нето надворешниот долг е намален за 208 милиони евра, при намалување на нето јавниот долг за 228 милиони евра и зголемување на нето приватниот долг за 20 милиони евра. Притоа, и натаму поголемо учество во вкупниот нетодолг има нето-долгот на приватниот сектор (57%).

Меѓународна инвестициска позиција, нето

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) во текот на четвртиот квартал од 2018 година е намалена за 78 милиона евра и изнесува 5.946 милиони евра што претставува 55,4% од БДП за 2018 година.

Кварталното намалување на негативната МИП, нето, произлегува од поголемото намалување на обврските (за 304 милиони евра), во споредба со намалувањето на средствата (за 226 милиона евра). Гледано по инструменти, намалувањето на негативната нето МИП се објаснува со намалените нето-обврски врз основа на должнички инструменти (за 263 милиони евра), делумно надоместени со зголемените нето-обврски врз основа на сопственички инструменти (за 185 милиона евра) во најголем дел во форма на директни инвестиции.Во споредба со крајот на 2017 година, негативната МИП, нето, е зголемена за 123 милиони евра, како резултат на растот на нето-обврските врз основа на сопственички инструменти (за 331 милиони евра), при намалени нето-обврски по должнички инструменти (за 208 милиони евра). Растот на нето-обврските кај сопственичките инструменти во периодот јануари – декември 2018 година главно произлегува од нето-обврските врз основа на директни инвестиции, во мал дел надоместен со зголемените нето-средства по сопственички инструменти кај портфолио-инвестициите и монетарното злато.

Меѓународна инвестициска позиција на Република Северна Македонија

Ревизии на податоци

Податоците за бруто надворешниот долг и побарувањата во ова соопштение содржат редовни ревизии на податоците за периодот јануари – септември 2018 година. Промените кај бруто надворешниот долг речиси во целост произлегуваат од подобриот опфат на податоците кај трговските кредити и аванси и заемите. Од аспект на насоката на промените, во трите квартала на 2018 година, ревизијата на податоците доведе до намалување на бруто надворешниот долг (за 7, 6 и 3 милиони евра, соодветно).

Ревизијата на бруто надворешните побарувања за наведениот период доведе до нивно намалување во првите два квартала и раст во третиот квартал (за по 1 милион евра, соодветно), што произлегува од ревизијата на податоците за трговските кредити и аванси.

Овие промени соодветно се одразија и кај нето надворешниот долг.

Ефектот од ревизијата на податоците за меѓународната инвестициска позиција, нето, се поврзува со намалувањето на негативната МИП за 1 милион евра во првиот квартал, 14 милиони евра во вториот и 8 милиони евра во третиот квартал. Ревизијата, покрај промените кај должничките инструменти, ги опфаќа и промените кај сопственичките инструменти, во најголем дел кај директните инвестиции, а поради новите податоци од кварталните извештаи за остварениот и планираниот финансиски резултат на друштвата со вложувања од странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот