Брутална, но ефективна стратегија: Како Кина го совлада коронавирусот?

Фото: Профимедиа

Два месеци откако Вухан, град во кој живеат 11 милиони луѓе, и целата провинција Хубеи беа ставени во карантин, од Кина доаѓа целосно друга слика – лекари кои со насмевка ги вадат маските, медицински работници од други делови на земјата победнички се враќаат дома, властите објавуваат дека ниту еден случај на пренесување на вирусот во земјата не е забележан… Како Кина успеа да го совлада коронавирусот?

Кинеската борба со коронавирусот може да се подели на три фази.

Прва фаза: Молк и замолчување на лекарите

Кога на 17 ноември минатата година во Вухан беше забележано дека неименуван маж (55) заболел од нов, дотогаш непознат вирус, никој не можел да замисли каква здравствена криза го чека светот.

Всушност, никој не ни знаел за споменатиот случај. Кинеските власти тоа не го соопштиле, а медиумите не објавиле ништо. На први декември бил забележан уште еден пациент со симптоми на новиот коронавирус, а во периодот од 8 до 18 декември уште неколку.

Резултатите од тестовите на првите случаи предизвикале паника меѓу кинеските лекари. На нив пишувало – САРС. Кина (и целиот свет) и понатаму ја памтат епидемијата од оваа респираторна болест од 2003 година кога речиси 4.000 луѓе заболеа, а околу 800 умреле.

Кинеските доктори, како Ли Венлианг и Аи Фен преку апликација за допишување делеле фотографии од резултатите на тие пациенти во обид да ги предупредат своите колеги дека САРС се вратил, но кинеските власти тоа го сокриле. Двајцата биле предупредени да „не шират гласини“.

Дури на 21 декември, во моментот кога веќе имало десет потврдени случаи, бил објавен текст во кој се наведува дека е идентификувана „пневмонија од непознат примерок“.

Во наредните денови било потврдено дека станува збор за коронавирусот, од која фамилија на вируси доаѓа и САРС, но кинеските власти не ја известувале Светската здравствена организација (СЗО), ниту било која друга релевантна светска институција. Дури ниту своите граѓани.

Ситуацијата се промени во последните денови на 2019 година. Кина конечно ја известила СЗО, но и своите лекари за што се случува.

На 1 јануари имало 266 заразени во Кина, но таа информација, како и веста дека првиот случај е забележан од 17 ноември светот ги дозна кога „Саут Чајна морнинг пост“ на 13 март објави текст во кој наведува дека имале увид во владини документи и извештаи од тоа време, кои ги содржеле овие податоци.

Светот на големо се прашуваше што се случува во Кина, бројот на заразени се искачи на 130 до 20 јануари, но кинеските власти и понатаму даваа минимални информации за вирусот. Моментот не можеше да биде полош. Се ближеше Кинеска Нова година, време кога милион луѓе патуваат во границите на самата Кина. Постоел страв дека вирусот ќе се рашири толку многу што никој нема да може да го запре. Следела фаза број два.

Втора фаза: Карантин и болници изградени за неколку дена

Од молк кинеските власти преминаа во акција.

Ноќта помеѓу 22 и 23 јануари жителите на повеќемилионскиот град Вухан се известени дека од следниот ден ќе бидат под карантин. Светот беше изненаден, а експертите скептични. Никој никогаш не направил нешто слично. Се поставуваше прашањето дали таа мерка ќе има ефект и како воопшто да се стават 11 милиони луѓе и околните градови во карантин?

Мерките беа драстични. Во Вухан јавниот сообраќај беше потполно запрен, а движењето со приватни возила беше забрането. Не работеше ниту метрото, ниту аеродромот, ниту железницата. Никој не можел да влезе или излезе од градот, а на излезите биле поставени барикади. Сите продавници беа затворени, освен тие што продаваат храна или лекови, а училиштата и универзитетите ја запреа работата на неодредено време – Вухан стана град на духови.

Со време мерките во Вухан се заоструваа. На почетокот излегувањето од дома беше дозволено, но во некои области било ограничено на еден член на фамилијата на секои два дена и тоа само за купување на неопходни работи. Имало и домашни проверки од врата до врата за здравствени прегледи, а сите за кои имало сомнежи дека се заразени, морале да останат во целосна изолација.

Кревети за изолација немало доволно, ниту лекари. Кинеските власти ги мобилизираа докторите од целата земја и ги испратија во Вухан. Додека низ светот шокирано се следеше преку интернет, монтажни болници и места за карантин беа правени во рок од неколку дена.

Во борба против вирусот беше ангажирана и војската која патролираше низ улиците, како и полиција која ги апсеше сите кои го кршат правилото да се остане во карантин. Снимките од овие апсења го обиколија светот, но кинеските власти никогаш не обрнуваа внимание на критиките за кршење на човековите права или повиците на слобода на говор.

Трета фаза: Затворање на болниците и помош на другите

Драстичните мерки дадоа резултати – бројот на новозаразени и умрени драматично се намали. Уште една добра вест – во цела Кина последните денови не бил забележан ниту еден случај на пренесување на заразата меѓу жителите, а сите нови случаи се лица кои се заразиле надвор од Кина, а потоа дошле во земјата.

Вакви резултати доведоа до укинување на некои од мерките во Вухан, иако карантинот се’ уште трае.

Кинеските медиуми објавуваат фотографии од лекари кои пред два месеци се мобилизирани во други делови на земјата, но сега се враќаат дома. Една од најгледаните снимки на социјалните мрежи беше таа каде лекарите ги вадат маските од лицето и со насмевка гледаат во камерата.

Прочитајте и:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот