Брука по оставки

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Изгледа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски сериозно се обрука и правно и политички со ултиматумот што им го постави на министерот Филипче и на заменикот Хасани, со оставките до вторник да се нацртаат пред Собранието.

Јавноста уште не ја дослуша неговата прес-конференција, а собранискиот спикер Талат Џафери со деловнички бекхенд му го врати ултиматумот в лице, подучувајќи го кому министер му поднесува оставка. Се разбира, на премиерот, а не на Собранието. И, секако, не на Мицкоски! Барем не додека е лидер на опозицијата.

Со слични коментари подоцна се јавија и други универзитетски професори и експерти, кои ја потврдија деловничката процедура, според која министер му поднесува оставка на премиерот, односно на мандаторот што ја формирал Владата.

Ваквото непознавање на Деловникот, го доведе во ситуација да настапи политички арогантно со правен ултиматум што сега личи на издуван балон, а Мицкоски како „зелен“ да црвенее од срам.

Што или кој го излажа „прецизниот“ лидер на ВМРО-ДПМНЕ на ваков правен гаф, со кој правен експерт се консултирал во меѓувреме, кога во јавноста немаше никаква експертска анализа што наведуваше на тоа?

Единствено, ден пред тоа, со фејсбук-статус се јави поранешниот пратеник Илија Димовски, кој коментираше дека оставките на министрите се поднесуваат до Собранието и дека оттаму произлегува дека оставките на Филипче и на Хасани воопшто не се поднесени.

Тоа за правно и собраниски неопитниот Мицкоски, веројатно беше доволно силен аргумент за да истрча со т.н. ултиматум, со кој мислеше дека ќе ги присили коалициските партнери од власта на капитулација, повторно заканувајќи се со „ново парламентарно мнозинство“, кое никако да се појави на виделина.

Со овој избрзан потег, Мицкоски очигледно таргетирал дека правно ќе ја матира власта и дека бргу, со еден потег, ќе се ослободи од Филипче и со така освоен политички поен ќе атакува на Заев на претстојните локални избори.

Но, токму од тие причини, Заев не се откажува од својот министер. Сега оставката на Филипче е само елемент на политичка превласт во битката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и лидерот на најголемата опозициска партија, оставката од морални причини, без да води сметка за пресумпција на невиност, веќе ја материјализира во кривична одговорност и пред истрагата и да почне, а со тоа и ќе бара проширување на одговорноста на целата Влада и, се разбира, нејзина оставка.

Во оваа некрофилска, бескрупулозна политичка битка, опозицијата очигледно игра на картата на зголемен сензибилитет кај граѓаните на Тетово кои загубија свои блиски, па секоја оставка што ќе дојде од власта, претставува своевидна катарза за загубите, иако знаат дека тоа секако нема да ги врати нивните блиски.

Како и да е, оставката од морален аспект е познат институт во светот и тој треба да проработува одвреме-навреме и кај нас. Но таа во суштина не значи ништо, освен емотивно празнење на оној што по функција бил одговорен за одредена работа. Со тоа ни оддалеку не е завршен процесот на утврдување реална одговорност, која води можеби и до кривична и, секако, политичка одговорност на поединци министри или на целата Влада.

Оттаму можеби политички целисходно би било Заев да ја прифати оставката на Филипче и на Хасани. Со тоа, како прво, ќе им дозволи да си го вратат човечкиот легитимитет и достоинство, кои сега се под знак прашање. Освен тоа, ќе ја ослободи и партијата (и Владата) од баластот што тие во иднина ќе му го носат, затоа што е повеќе од сигурно дека нивниот авторитет е нарушен барем до крајот на истрагата. И трето, ќе покаже дека партијата не лежи само на поединци туку дека има кадровски капацитет за промени.

Одлуката секако е на премиерот и на телата на партијата, но и на коалициските партнери, но таа би требало да биде што поскоро, зашто сите други активности на претставниците на власта се во некаква лимбо-ситуација и паѓаат во сенка на трагичните настани од пожарот во тетовската болница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот