Бројните пожари, силниот ветер и високите температури како да ја најавуваат апокалипсата во Австралија

Фото: Профимедиа

Силните ветришта кои дуваат на југоистокот на Австралија во градот Милдура кренаа неверојатни облаци со прашина, поради што небото доби портокалова боја, а целиот дел од земјата наликува на сцени од некој апокалиптичен филм, пренесуваат австралиските медиуми.

Жителите на Милдура се соочуваат со сериозни проблеми поради ветерот кој дува со силина од 40 километри на час, а температурите достигнуваат до 40 Целзиусови степени. Згора на сѐ, видливоста е значително намалена бидејќи небото ја прими портокаловата боја.

– Ветерот е остар, а небото портокалово. Ужасно е. Големите облаци од прашина се толку чести што оваа појава стана нормална кај нас – сведочи еден жител на овој град.

Иако жителите се навикнати ваквите временски непогоди да се појавуваат околу двапати годишно, сега со тој проблем мораат да се борат и по неколку пати неделно.

Инаку, пожарникарите се борат со стотина шумски пожари ширум целиот континент, а огнената стихија се шири и на нови локации, што предизвика нови предупредувања дека е доцна за евакуација на некои жители.

Чадот од шумските пожари стигна и до Сиднеј, а жителите добија предупредувања на децата да не им се дозволува да излегуваат од домовите.

Десетина пожари беснееја на југоистокот на сојузната држава Викторија, каде температурите во Мелбурн достигнаа до 41 Целциусов степен, што е воедно највисока температура уште од 1894 година, соопшти метеоролошката служба на Австралија.

Властите исто така ги предупредија граѓаните кои се наоѓаат северно од местото Балaрат дека за нив е доцна безбедно да се евакуриаат.

– Во опасност сте, работите на тоа да се заштитите. Предоцна е да се евакуирате. Најбезбедна опција е веднаш да пронајдете засолниште – соопштија властите.

Досега во пожарите загинаа четири лица, додека изгоре милион хектари на земјиште на фармите и шумите, а притоа се уништени и повеќе од 400 домови.

Според наводите, иако за десет дена официјално започнува летото во Австралија, екстремно високите температури и силните ветрови дополнително ги поттикнале пожарите.

Огнената стихија создаде проблеми и при снабдувањето со електрична енергија, па така во Викторија домовите на многу луѓе останаа без струја. Првпат во последните десет години властите огласија црвен аларм, што значи дека условите се најлоши, пожарот брзо се шири и не може да се контролира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот