Бродолом на Ла Манш: 30 мигранти се удавија во обид да стигнат до Британија

мигранти ламанш
Најмалку триесет мигранти загинаа денеска при потонување на нивниот брод кај Кале, во каналот Ламанш / Фото: EPA-EFE/VICKIE FLORES

Најмалку триесет мигранти загинаа денеска при потонување на нивниот брод кај Кале, во каналот Ла Манш, каде се очекува да пристигне министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан, јави дописникот на МИА од Париз.

Францускиот премиер Жан Кастекс рече дека „ова е најсмртоносната трагедија” од зголемените миграциски премини на Каналот во 2018 година, соочени со зголеменото затворање на пристаништето Кале и Евротунелот што дотогаш ги користеа мигрантите, обидувајќи се да стигнат до Англија.

– Моите мисли одат кон бројните исчезнати и повредени, жртви на криминални шверцери кои ја искористуваат нивната неволја и беда, додаде Кастекс во пораката објавена на Твитер.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека „околу 14 часот, рибар пријавил дека открил петнаесет тела што пловеле кај Кале”.

Обвинителството во Данкерк отвори истрага за „тешко убиство од небрежност”.

Според поморската префектура на Каналот Ла Манш и Северното Море, во пребарувањето учествуваат три хеликоптери и три чамци.

Британскиот премиер Борис Џонсон свика меѓуминистерски кризен состанок за да разговара за „ситуацијата на Каналот”.

Обидите за мигрирање преку Каналот со мали чамци се удвоија во изминатите три месеци, предупреди поморскиот префект на Каналот и Северното Море, Филип Дутрие, минатиот петок во интервју за АФП.

„До 20 ноември, 31.500 мигранти заминале од почетокот на годината, а 7.800 мигранти биле спасени, рече Дутрие, додавајќи дека тој тренд не стивнува и покрај зимските температури.

Според Лондон, 22.000 мигранти преминале во првите десет месеци од годината.

Лондон и Париз се согласија да ја зајакнат соработката за да се обидат да ги запрат овие миграции по зголемената тензија по пристигнувањето на 11 ноември на 1.185 мигранти на англискиот брег.