Бродолом на цивилизацијата

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Богатството на социјалните интеракции, колективното образование, заедничкото учество во уметничките настани и во другите човечки игри, спортови и рекреација; практично есенцијата на културниот врв на човековото постоење на земјата, токму тој еволутивен шпиц е сринат од страна на пандемијата, полижан со еден потез од вирусното чудовиште и отфрлен како корнет, наопаку зашлапан на тротоарот на историјата.

Во романтичната филмска комедија „Добро колку што може“ (As good as it gets), која беше светски хит во раните деведесетти, Џек Николсон доби Оскар за главна машка улога, играјќи човекомрзец што страда од сериозни – и урнебесно смешни – опсесивно компулсивни психички нарушувања. Одлепениот лик што Николсон маестрално го одигра на големиот екран, одбегнуваше близина со сѐ живо, одеше смешно по краевите на тротоарот, тетеравејќи се во напор да не нагази на фугите помеѓу павер-плочите. Типот одбегнуваше да се поздравува и да се допира со луѓе и често ги миеше рацете, отворајќи ги вратите и чешмите со лакти, секогаш со нов и неотпакуван сапун.

По киносалите на планетата овие сцени предизвикуваа урнебесна смеа, без оглед на која географска широчина или должина филмот бил гледан. Немаше некој да не ѝ се смее на таа несоцијална, гадлива и психолошки „гранична“ личност. Сите се смееја, зашто без оглед на локално различните обрасци на однесување, тој изопачен карактер беше репрезент на до смеа неприфатливото ненормално.

Пресврт на вредностите

А, денес, по само шест месеци пандемиска психоза, целиот свет тоа однесување – осамувањето, симптоматската мизантропија, асоцијалната опсесивна микробофобија, со хистерично и повторливо миење на рацете и слично – не само што го смета за прифатливо и нормално, туку и сето друго се смета за неприфатливо, ненормално и неодговорно однесување, што заслужува морални, но и кривични санкции. Можен ли беше поголем пресврт на вредностите, односно побрзо изопачување на морално прифатливите обрасци на однесување? Не, не е можна поголема инверзија, ниту поголем пресврт, зашто не постои нешто подијаметрално поспротивно од дијаметрално спротивното и ниту една планетарна промена на насоката на историското движење од цели 180 степени никогаш не била изведена во толку кусо време! Однесувањата што до пред половина година се сметаа за социопатија и психолошко нарушување, или во најмек случај, однесувања што се сигурен симптом за луѓе што му припаѓаат на спектарот на аутистички состојби, денес се препорачливи или дури задолжителни однесувања. Та дури тие се препорачуваат и наредуваат како задолжителни, се печатат како упатства, се објавуваат, повторуваат, цртаат, анимираат, снимаат и повторуваат, повторуваат и повторуваат, на сите медуими за комуникација, екрани и екранчиња, ѕидови, билборди, влезови, фасади, ќошиња и предмети.

Дека ова асоцијално опсесивно компулсивно однесување е единственото заштитно средство во борба со смртоносниот вирус, односно единствен начин да се задржи и забави ширењето на заразата, тоа им е на сите нормални луѓе сосем јасно. И дека други средства за заштита практично не се измислени на целата планета, како што не е измислен ниту специфичен медицински третман на болеста што ја предизвикува вирусот САРС-Ков-2, и тоа ни е на сите кристално јасно.

Она, меѓутоа, што никому не му е јасно, се природата, големината, контурите и димензиите на последиците од ова психолошко, социолошко и вредносно салто мортале, што човештвото го прави како единствена заштита во одбраната на голиот живот. Зашто, богатството на социјалните интеракции, колективното образование, заедничкото учество во уметничките настани и во другите човечки игри, спортови и рекреација; практично есенцијата на културниот врв на човековото постоење на земјата, токму тој еволутивен шпиц е сринат од страна на пандемијата, полижан со еден потез од вирусното чудовиште и отфрлен како корнет, наопаку зашлапан на тротоарот на историјата.

Но има нешто сомнително во оваа брзина, и оваа неподнослива леснотија со која човештвото кротко и дисциплинирано – некогаш сомнително одушевено, некогаш колебливо и неубедливо бунтовно – го прифати откажувањето и укинувањето на најпрефинетите плодови на културната и политичка еволуција, придобивките од битките за хуманистичките вредности во последните три века. Не може човек да не се запраша дали оваа покорна подготвеност или подготвеност на покорување, практично, на целото човештво, не е само разоткривање на веќе корумпираните и дерогирани вредности, по веќе предолгото време поминато во нивното изопачување за време на три-четирите последни децении од глобалното владеење на капитализмот? Мора да ќе да е тоа.

Растежот и падот на левите движења

Ако фрлиме поглед наназад, на 20 век, и на неговите најсветли и највисоки дострели, веднаш ќе ги забележиме движењата што ја славеа човечката солидарност, човечност и основните права, интернационализмот, рационализмот и просветителството, како врвни универзални вредности на хомо сапиенсот и на човештвото. Во трите децении по Втората светска војна се остварија – на планетарно ниво – највисоките дострели на сите овие идеали, а нивните активни двигатели беа левичарските движења на комунистите, социјалистите и социјалдемократите. Од 80-тите и 90-тите години од векот, сведоци сме на пропаѓањето на сите прогресивни леви движења, сите видови на синдикално организирање и воопшто движења што се борат за тие универзални вредности на егалитарноста и солидарноста помеѓу луѓето. До ден-денес – за сиве овие 40 години глобализација и изопачување на идеалите на слободата, еднаквоста и солидарноста – не се појави ниту еден морален еквивалент на пролетерскиот интернационализам, како што тоа луцидно го дефинираше Малуф.

Глобалниот т.н. неолиберален капитализам ја претвори екстремната нееднаквост во доблест, осиромашувањето и поробувањето на цели популации го нарече компетитивност, а правото на верско застранување стана поважно од работничките и социјалните права. Светот сѐ помалку ѝ верува на науката и разумот, ги релативизира фактите и го корумпира образованието, а магиското мислење, теориите на заговор и масовното враќање кон верската закоравеност, религискиот фундаментализам и затапената селско-провинциска состојба на духот, стануваат карактеристиките на историскиот регрес и тешкото застранување на текот на културната еволуција на човештвото во 21 век.

Всушност, и пред пандемијата светот веќе ги беше изопачил основните морални и културни вредности со коишто го обезбеди развојот на општествата во последните три века. Капитализмот, тоа нехумано чудовиште што знае само да ги проголта земјините ресурси – луѓето, животните, растенијата и сета природа, стана посакуваниот крај на историјата и рај на земјата; додека социјализмот, таа најхумана идеја откога постои хомо сапиенсот, стана отпадок на историјата, зандана на народите и мачилиште?! Колку темелна кретенизација требаше човештвото да претрпи за да го голтне – и да го ужива како задолжителен и секојдневен оброк – идиотлакот од кој на човек му се топи мозокот: да се третира враќањето кон предаторскиот капитализам од 18 век и од 19 век како напредок на човештвото, да се доживува регресот кон класно и кастинско општество како револуционерно, социјализмот да се третира како конзервативен и застарен, а новото глобално финансиско ропство и колонијализам како напредно, ново и просперитетно?! Пандемијата само ја разоткри стварноста на глобалниот капитализам, а кризата што ја преживуваме е само нејзина перцепција, да не речам откровение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот