Брнабиќ за резолуцијата на ЕП: Сега ништо не ми е јасно – ЕК вели едно, ЕП друго

„Како премиерка, која го води овој преговарачки процес според новата методологија по кластери, сега ништо повеќе не ми е јасно – затоа што Европската комисија (ЕК) вели едно, а Европскиот парламент (ЕП) друго”, изјави премиерката на Србија, Ана Брнабиќ оценувајќи дека „не ја разбира” резолуцијата на ЕП во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово „врз основа на взаемно признавање” и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува и воведување санкции против Русија.

Како што наведе Брнабиќ, „во официјалниот документ, преговарачката позиција за поглавјето 35, што во нашиот случај се однесува на Косово и Метохија и нормализацијата на односите со Приштина, ЕК со ниту еден збор не спомнува признавање”.

-Таму се кажува сеопфатна нормализација на односите со Приштина. А ЕП сега изгласа нешто друго. Сега можам само да претпоставам дека ЕП ќе и наложи на ЕК да ја смени таа преговарачка позиција, а потоа не ми е јасно како ќе ја сменат преговарачката позиција среде преговарачки процес. Затоа што тоа не се мали промени во правилата, туку огромни промени, изјави Брнабиќ и додаде дека „топката е во дворот на Брисел”.

Таа се праша и како ЕУ ќе ја промени својата преговарачка позиција кога пет земји-членки не го признаат Косово.

-Тогаш како тоа бараат од нас да направиме нешто што ниту самите земји-членки на ЕУ не го почитуваат. Барам од ЕУ да ни каже дали сега се менуваат правилата на игра или се уште ја имаме оваа преговарачка позиција, порача Брнабиќ.

Кога станува збор за санкциите против Русија, таа истакна дека со оглед на тоа што „нема првичен став усвоен од ЕК и земјите-членки, не постои преговарачка рамка во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ”, и не знае зошто очекуваат од Србија целосно да се усклади кога „немаат дадено ниту почетна позиција”.

-Мислам дека повеќе од седум години го чекаме тоа да биде усвоен од Брисел. А ние доброволно тргнавме постепено да се усогласуваме, нагласи Брнабиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот