Брнабиќ за „Бура“: Тие етнички ја исчистија Хрватска, не постои етнички почиста земја во Европа

Ана Брнабиќ, премиерка на Србија/Фото: Скришот

Српската премиерка Ана Брнабиќ синоќа на гостувањето во емисијата „Хит твит“ на српската телевизија „Пинк“ зборуваше за обвинението кое Србија по 27 години го покрена против пилот, учесник во операцијата „Бура“ во август 1995 година, кој нападнал бегалска колона со Срби кои ја напуштале Хрватска, а во нападот според организацијата Веритас загинале десетмина цивили, меѓу нив четири деца и една 20-годишна бремена девојка, а од 50-тината ранети во нападот на Петровачкиот пат, двајца починале подоцна.

Според неа, тоа прво требало да го направи некој друг, „првенствено Хрватска, а потоа и БиХ“.

„Правдата мора да биде достижна, посебно во вакви случаи. Ова, од човечка страна е ужасно, ужасно злосторство на повеќе нивоа. Тоа главно беа семејства, жени со деца, постари луѓе, кои се протерани, кои побегнаа од Хрватска во тоа етничко чистење. Тие веќе физички ја напуштија територијата на Хрватска и некој беше таков злосторник, таков монструм и толку задоен со омраза кон тие луѓе само затоа што се Срби, па испрати авиони, МИГ-ови на нив. На бегалската колона која веќе ја напушти Хрватска. И гранатираше да ги истепа тие луѓе, жени, деца и старци, изјави Брнабиќ во емисијата.

На прашањето да ја искоментира изјавата на хрватскиот премиер Андреја Пленковиќ дали хрватската влада ќе ги искористи сите механизми за да ги заштити хрватските пилоти и достоинството на Татковинската војна и дека ќе испрати јасна порака за тоа што се темелни вредности на кои е соѕидана суверена и слободна Република Хрватска, и дали во таа политичка хрватска психологија „оваа Татковинска војна има статус кој исклучува прикажување на билокакви нелагодни факти“, Брнабиќ рече дека тоа целосно е во склад со „достоинството на таа Татковинска војна“.

„Вие етнички ја исчистивте Хрватска, не постои етнички почиста држава на територијата на Европа од Хрватска. Вие ги протеравте сите тие луѓа па потоа велите – не мораа да бегаат. Видовме како не мораа да бегаат бидејќи тие што останаа главно се убиени“, нагласи Брнабиќ.

Таа во емисијата на Пинк каде гостуваше и српскиот новинар Александар Апостоловски и Саво Штрбац од организацијата Веритас, рече дека „одговорот на хрватското државно раководство на тоа е дека, за возврат, ќе го обвини претседателот на Србија Александар Вучиќ“.

Гостите во емисијата Хит Твит/Фото: Скриншот

Смета дека „посебно е одвратно што хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вели дека се договориле да не покренуваат обвинение против Вучиќ“.

„Па сега веројатно не можат да го сменат мислењето, а всушност не постои нешто околу што би се покренало обвинение“, рече Брнабиќ и потссети дека пред три месеци, среде изборната кампања, „нашле сведок кој го обвини Вучиќ дека ги тепал заробениците во Петриња“.

Вучиќ никогаш не бил во Петриња, рече Брнабиќ.

„Но интересно е што се уште го таргетираат Вучиќ кога треба да се пресметаат со Србија, што зборува за тоа како него го перцепираат како столб на Србија“, заклучи премиерката на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот