Британија забрани реклами на Тојота поради еколошки причини
Надзорот за рекламирање во Велика Британија забрани две реклами на Тојота, поради влијанието кое тие може да го имаат врз животната средина, наведувајќи дека рекламите за нивните теренски возила биле создадени без „чувство на одговорност кон општеството“, пишува Гардијан.
Ова е прв пат Управата за стандарди за рекламирање (АСА) да блокира реклама за теренско возило врз основа на прекршување на општествената одговорност во еколошки контекст.
Регулаторот забрани две реклами, првпат објавени во кампањата во 2020 година: постер и видео прикажано на социјалните мрежи, каде што десетици автомобили на Тојота Хилукс возат низ терен надвор од патот, вклучително и река, додека говорникот ја опишува сцената како „еден од вистинските спектакли на природата“. Возилата потоа се приклучуваат на патот и возат низ урбана област, пред осамен автомобил да влезе во патеката, а говорникот продолжува: „Тојота Хилукс. Роден да скита“. Постерот прикажува две теренски возила во преден план, проследени со рој други кои минуваат низ карпест терен преку облак од прашина.
Жалбата беше поднесена од Адфри Ситис, мрежа на групи кои се обидуваат да извлечат реклами од јавните простори. Тие тврдеа, во партнерство со британската кампања Бедадвертајзинг, дека рекламите го одобруваат еколошки штетното однесување и бараат да се стави крај на рекламирањето на производи и услуги со висока содржина на јаглерод.
АСА пресуди дека рекламите „ја одобруваат употребата на возила на начин што го занемарува нивното влијание врз природата и животната средина, тие не биле подготвени со чувство на одговорност кон општеството“.