Британија крои планови за да ги запре албанските мигранти

Бегалци во чамец / Фото: Архива

Илегалната имиграција на Албанците и спречувањето на оваа појава е главна тема на медиумите и владата на Обединетото Кралство во последните месеци.

И покрај занемарливиот број на оние што го преминаа Ла Манш, Лондон одлучи затворањето на оваа траса да го направи свој главен приоритет, честопати употребувајќи погрдни зборови кон Албанците кои сакаат да стапнат на британско тло.

„Тука сум да го набљудувам депортирањето на албанските имигранти. Чуварите штотуку заминаа. Тие се на пат кон аеродромот и претпладне ќе бидат во Тирана. Се сретнав со одличниот персонал кој работи без престан да ги најде Албанците – илегалци во Британија и да ги запре“, изјави министерот за имиграција Роберт Џенрик во јануари годинава.

Според официјалните податоци, минатата година од Франција во Британија пристигнале речиси 13.000 Албанци, додека вкупниот број на илегални имигранти со мали чамци изнесувал 45.000, што е годишен број на патници на најмалку користената линија на лондонското метро.

Но, како се создаде „албанскиот проблем“ во јавното мислење на Обединетото Кралство? За да се одговори на ова прашање, мора да се стави политичката криза во фокусот, пред се поради оставките на премиерите Борис Џонсон и на Лиз Трас. Џонсон си замина поради скандали со партиите, а Трас поради неможноста да го одржи ветувањето за економско закрепнување за земјата, пишува албанскиот канал А2.

Нивниот наследник е Риши Сунак, кој според многу аналитичари во Британија и во странство, го оттргнал вниманието од главниот проблем, политичката и економската криза, барајќи „чамец за спасување“ во илегалната имиграција. На помош му дојдоа низа написи од британските медиуми, кои честопати ги прикажуваа Албанците како криминалци кои ги полнеле затворите, иако во официјални бројки тоа е многу мал број во споредба со локалното население. Ова предизвика илјадници Албанци да демонстрираат мирно во британскиот главен град. Но, она што беше објавено во весниците ја принуди владата на Сунак, син на родители имигранти, да преземе мерки за затворање на границите за илегалните албански „окупатори“.

„Ниту еден Албанец не треба да биде прифатен како бегалец. Албанија не е земја разурната од војна и многу е тешко да се тврди дека барањата за азил се легитимни. Има посебен проблем со Албанците кои илегално го преминуваат каналот или за да најдат работа околу девет месеци или за да работат со меѓународно бараните криминалци“, рече британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман, во ноември минатата година.

Албанскиот премиер Рама сугерираше дека Британија треба да се однесува како Германија при испитувањето на албанските баратели на азил.

„Не се работи за една личност, туку за атмосферата што е создадена, со тоа што се бараат жртвени јарци и се обвинуваат други. Нема врска со Албанците или вонземјаните или гангстерите, туку со неуспешните политики на границите и криминал. Ваквиот јазик не е политика, не е програма или визија. Промовира ксенофобија со таргетирање и издвојување само на една заедница. Ценам сè што претставува британската политика, но навистина ми се гади од овој тип на политика, кој на крајот е предодреден да пропадне“, изјави премиерот Еди Рама во ноември минатата година.

Прво беше претставена шема за брза депортација на Албанците од Британија, потоа договор од 72 милиони евра со Франција за зголемување на патролите на брегот кај Ла Манш, па уште еден договор со владата на Тирана за патролирање на англиски офицери на аеродромот во Ринас со задача да открива потенцијални имигранти, се до заострување на законот за барателите на азил, што беше жестоко критикувано од Организацијата на Обединетите нации. Претставникот на УНХЦР, Вики Тенант, рече дека таквиот потег би бил прекршување на меѓународното право и дека не е неопходно да се запрат влезовите преку Ла Манш.

Владата на Сунак не само што не се повлече, туку не застана тука. Овој месец, британскиот премиер се согласи да плати голема сметка од над 500 милиони евра на францускиот претседател за да формира центар за притвор во северна Франција за сместување илегални имигранти кои се обидуваат да преминат со брод. Договорот, исто така, вклучуваше посветеност на стотици полицајци од двете земји и високотехнолошка опрема за надзор одозгора. Овој план наиде на силни критики и од меѓународните организации, вклучувајќи го и Црвениот крст. Ако навистина Албанците биле кризата на оваа деценија за Британија како што тврдат, одговор дава и самата влада на оваа земја, која потврдува дека во текот на оваа година и се потребни 1 милион имигранти за да ги извршуваат комуналните и другите слабо платени занимања кои Англичаните претпочитаат да не ги прават.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот