Британец во Вухан може да се врати дома, но неговата сопруга мора да остане во Кина

Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE

Џеф Сидл од Нортхаберленд денес за Радио 4 рече дека морал да донесе одлука дали сака да замине со својата 9-годишна ќерка или ќе останат со сопругата во Кина.

На британски државјанин и неговата ќерка им е понуден превоз од Вухан во Велика Британија, но на неговата сопруга, која е од Кина, ѝ е речено дека мора да остане во Кина, јавува Би-Би-Си.

Имено, до 200 британски државјани утре ќе бидат евакуирани од Кина, а потоа две недели ќе бидат задржани во карантин.

Џеф Сидл од Нортхаберленд денес за Радио 4 рече дека морал да донесе одлука дали сака да замине со својата 9-годишна ќерка или ќе останат со сопругата во Кина.

– Мојата сопруга е избезумена – рече тој и објасни дека кинеските власти не им дозволуваат на своите државјани да ја напуштат земјата.

Инаку, коронавирусот досега се прошири во најмалку 16 други земји, а од него починаа повеќе од 130 луѓе. „Бритиш ервејс“ поради вирусот ги откажа сите летови за и од Кина.

Сидл и неговото семејство отпатувале во Вухан за таму да ја поминат кинеската Нова година со семејството. Во Велика Британија требале да се вратат на 1 февруари, но нивниот лет е откажан. Се верува дека 300 британски државјани се наоѓаат во кинеската покраина Хубеи.

Сидл рекол дека поради ограничувањата за патување, на неговата сопруга не ѝ било дозволено да се качи на летот за Велика Британија.

– Мојата сопруга е кинеска државјанка иако како сопруга има виза за постојан престој во Велика Британија – објаснил тој. Додал дека британското МНР изјавило оти веројатно утре ќе организира лет, но само за британските државјани.

– Морав сам да донесам одлука дали јас и мојата ќерка, која има британски пасош, ќе заминеме и ќе ја оставиме сопругата во Кина или сите ќе останеме – објаснил тој, посочувајќи дека одлучиле оти сопругата ќе остане во Кина, додека тој и детето ќе се вратат во Британија. Исто така рекол оти неговата ќерка плаче цело време и дека е многу вознемирена.

Инаку, министерот за здравство на кралството Мет Хенкок донел одлука британските државјани кои ќе се вратат од Вухан да мора да останат во карантин до две недели.

Претходно, британскиот учител Карн Ламберт, кој живее во Вухан, рече дека нема да се враќа во Велика Британија за да не зарази некого во својата татковина. Но, откако пристигнала веста за карантинот во кој ќе бидат ставени Британците кои ќе допатуваат од Вухан, рече дека не е сигурен оти ќе има место за него во авионот.

– Мислам дека сега е предоцна за мене, но тоа е поради владата која даваше привремени, а не конкретни информации – вели тој.

Откако се појави вирусот, стотици странци се евакуирани од Вухан. Австралија планира во карантин да стави 600 свои државјани, и тоа на Божиќниот Остров, кој се наоѓа на 2000 километри од главната територија. И Јапонија, САД и други европски држави исто така ги евакуираат своите граѓани.

Според податоците од Кинеската национална здравствена комисија, досега во таа земја починале 132 лица од вирусот. Четири случаи се пријавени во Германија. Од европските земји, заразата од коронавирусот е пријавена уште и во Франција.

И Обединетите Арапски Емирати исто така пријавија случај на заразен од вирусот, во семејство кое неодамно се вратило во ОАЕ од Вухан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот