Брисел: Што може да донесе првата средба на Вучиќ и Курти?

Дијалогот помеѓу Белград и Приштина за нормализација на односите трае веќе 10 години, а продолжува денеска (15 јуни) на највисоко политичко ниво – за првпат во Брисел заедно на маса ќе седнат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти.

Од ЕУ, која е главен посредник во овој процес, пред новата рунда преговори порачуваат дека единствено сигурно и извесно е дека ќе има средба помеѓу Вучиќ и Курти, како и дека не може да се предвидат евентуални резултати, ниту потенцијалните следни чекори во процесот.

– Двајцата соговорници се обврзаа дека ќе дојдат на состанокот во вторник. Ништо повеќе од тоа не можеме да планираме. Дали ќе најдат заеднички јазик или не, дали сите ќе бидат конструктивни, дали ќе се договорат како ќе продолжи процесот понатаму – сето тоа останува да се види во вторник, велат дипломатски извори од Европската унија.

Вакви претпазливи проценки на посредниците во дијалогот се засновани на фактот што двајцата преговарачи доаѓаат во Брисел со сосема различни позиции речиси за сѐ: од рамката, принципите, содржината, сѐ до исходот на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

За косовскиот премиер, со влегувањето во процесот на преговори започнува „нов дијалог“ кој, како што вели Курти не може да продолжи врз она што го правеле претходните власти од Приштина.

– Сакаме добро подготвен дијалог, каде сите ќе бидеме рамноправни, вели Курти, повторувајќи го личниот став дека решението го гледа во меѓусебно признавање.

За претседателот на Србија, пак, меѓусебно признавање не доаѓа предвид. Вучиќ решението го гледа во компромис со кој „широко се дефинира“ одбрана на државните и национални интереси на Србија и српскиот народ. Белград на прво место во преговорите го става формирањето Заедница на српски општини. За ставот на Курти дека на територија на Косово не може да биде формирана едноетничка заедница, Вучиќ му порачува воопшто и да не доаѓа на состанокот во Брисел ако не сака да зборува на оваа тема.

Ќе интервенира ли Бајден?

Имајќи ги предвид ваквите дијаметрално спротивставени позиции, како и фактот дека двајцата лидери за првпат се среќаваат „очи в очи“ додека досега само „од дистанца“ ги коментирале меѓусебните ставови, во ЕУ ги предвидуваат можните сценарија.

– Ако сѐ тргне во позитивна насока, можеби лидерите ќе се решат по состанокот, кој е предвиден да трае 4 часа, да ги продолжат разговорите на билатерален ручек, што секако ќе им го овозможиме. Ако дојде до непредвидена ситуација, проблеми или некој од соговорниците да не сака продолжување на процесот, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел е подготвен уште истиот ден да има средба со американскиот претседател Џозеф Бајден на оваа тема, со кој се среќава во рамки на самитот ЕУ-САД, велат дипломатски извори.

Паѓа в очи дека од промената на администрацијата во Вашингтон, ЕУ сѐ почесто говори во множина за „очекувањата на ЕУ и САД“ од Белград и Приштина. Откако Албин Курти отворено му даде до знаење на Брисел дека на разговорите со Белград ќе се појави кога „ќе биде подготвен“, а не кога тоа ќе го најави главниот ЕУ-посредник Жозеп Борел, од Вашингтон се очекува да го искористи своето влијание и да го „подготви“ косовскиот премиер за конструктивни преговори.

Двајца лидери со силни мандати – проблем или решение?

Познавачите на Курти предупредуваат дека тој е „потежок за соработка“ и за Брисел, но и за Вашингтон во однос на дијалогот со Белград, во споредба со неговите претходници. Како своевиден одговор до косовскиот премиер, ЕУ пред состанокот во вторник нагласува дека „нема нов дијалог“, туку дека е во прашање процес кој трае од 2011 година кој „е ист без разлика на промена на партнерите во разговорите и владите во Белград и Приштина“.

Во еден од работните документи на Европската служба за надворешни работи, испратен до Советот на ЕУ минатиот месец, се предвидува можност до крајот на 2021 година да се постигне правно обврзувачки договор помеѓу Белград и Приштина.

За многумина тоа би било неоснован оптимизам во ситуација кога не може да се предвиди ниту текот и исходот од само еден состанок. Од друга страна, ако двајцата лидери, кои имаат такви силни мандати добиени од граѓаните, успеат да најдат простор меѓу интересите и компромисите, можеби решението на „косовското прашање“ никогаш не било поблиску.

Преземено од Дојче Веле.

Видео на денот