Брисел категоричен: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

ЕУ Брисел/ Фото: МИА

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во Подгорица негираше одредени медиумски наводи дека Брисел се откажал од проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и рече дека нејзината посета е „експлицитна” порака за европската перспектива на регионот.

– Мојата посета е исклучиво за европска перспектива, за да ве охрабрам. Доказот дека го сфаќаме ова сериозно е ревидирана методологија и голем инвестициски план. Нашата порака е јасна, ве сакаме во ЕУ, рече таа.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе работи заедно со земјите од регионот за закрепнување на економијата и додаде дека со заеднички напори треба да „повлечат уште 20 милиони заеми” за регионот.

Во исто време, портпаролката на Европската комисија (ЕК) Ана Писонеро Хернандез во писмен одговор за Гласот на Америка оцени дека „иднината на целиот Западен Балкан е во ЕУ”, во врска со текстот на агенцијата Ројтерс, во кој се наведува дека не постои согласност за членството на шесте земји од Западен Балкан.

Ројтерс се повикува на неименувани дипломати и пишува дека ЕУ, во страв од политички реакции во земјите-членки, повеќе не може да се согласи за давање гаранции за идно членство на шесте балкански држави на кои тоа своеремено им беше ветено, потсетува Гласот на Америка на српски јазик.

Писонеро наведува дека „Европската комисија е цврсто посветена на подобрување на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија и Северна Македонија”.

– Двете земји ги исполнија своите обврски и ние во целост го поддржуваме формалниот почеток на пристапните преговори до крајот на годината, како што нагласи и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на регионот. Иднината на целиот Западен Балкан е во ЕУ, наведува портпаролката на ЕК.

По текстот што го објави агенцијата Ројтерс дека некои земји членки бараат крај на проширувањето на ЕУ, повеќе дипломати за МИА тврдат дека текстот е „попесимистички од реалноста” и оти станува збор за тензии околу заклучоците од Декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Словенија идната недела.

Објавата на Ројтерс всушност се однесува на дискусија помеѓу амбасадорите на земјите членки на ЕУ која се одржала на 15 септември објаснуваат за МИА неколку дипломатски претставништва на ЕУ во Брисел.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот