Брисел ја губи борбата со Кремљ околу гасот?

Руски гасовод
Фото EPA/ROBERT GHEMENT

Дваесетина европски енергетски компании вчера отворија сметки во Гаспромбанк и веќе плаќаат гас според новите прописи на Москва, во време кога рубљата зајакна во однос на еврото, пишува Блумберг.

Европските енергетски берзи вчера трет ден по ред продолжија да ги намалуваат цените на природниот гас (околу 88,92 евра за мегават-час), откако им стана јасно дека Брисел се чини дека е поразен во натпреварот против плаќањето во рубљи. Откако најмалку 20 европски енергетски компании дискретно ги исполнија барањата поставени со мартовскиот указ на шефот на Кремљ, Владимир Путин, односно отворија две сметки во Гаспромбанк, едната во евра, а другата во рубљи и тие канали ги подмирија дојдовните обврски, Брисел ревидираше свои насоки за понатамошни трансакции во бизнисот со европските набавки на енергија.

„Дваесет европски компании отворија сметки во Гаспромбанк со цел да ги заменат плаќањата во евра за рубљи, додека други 14 компании ја побараа потребната документација за такви трансакции“.

На крајот на април, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен експлицитно го предупреди европскиот енергетски сектор во бизнисот со „Гаспром“ да не отвора сметки во банките на големите руските фирми. Водечките добавувачи на германскиот, италијанскиот и другите национални пазари во ЕУ тогаш беа соочени со дилемата – дали да ги почитуваат политичките диктати на Брисел кога нивните сметки за Газпром ќе пристигнат кон крајот на мај, или да ја ризикуваат судбината на Полска и Бугарија, за кои Москва одлучи да го прекине снабдувањето со руски гас.

Во меѓувреме, Гаспром неодамна им ја олесни ситуацијата на европските клиенти (за тоа кој го одредува курсот на двете валути), објавувајќи дека Централната банка на Русија, која е под санкции од Западот, нема да се вклучи во валоризацијата на парите, туку дека трансакциите од евра во рубли ќе се вршат преку сметка во Руската национална клириншка куќа.

Гаспром / Фото: ЕПА

Проблеми за Италија

Соочен со брзи маневри на бројни европски енергетски компании, неподготвени да се откажат од гасниот бизнис со Русите, италијанскиот премиер Марио Драги рече дека никаде не пишува дека е забрането да се продолжи со купување енергија од Сибир. Во немир, а во исто време сè повеќе свесен за тешките економски и финансиски последици од петте пакети санкции против Русија врз економскиот раст и инфлацијата во ЕУ, Брисел минатиот петок, зад затворени врати, се откажа од заканите за домашниот енергетски сектор.

Во соопштението од понеделникот, ЕК рече дека санкциите не ги спречуваат компаниите да отвораат сметки во одредена банка, можат да плаќаат за рускиот гас сè додека тоа го прават во валутата предвидена во постоечките договори. Според инструкциите на Брисел, европските енергетски компании треба да дадат „јасна изјава“ дека кога вршат плаќања во евра или долари, сметаат дека нивните обврски од постоечките договори се исполнети. На кого треба да ја дадат таа „изјава“ дотичните компании и евентуално во кој момент, останува нејасно.

Вчера, сепак, Брисел ја заостри својата преговарачка позиција кон енергетскиот сектор на ЕУ. „Отворањето сметка во рубљи во руска банка за плаќање на гасот ќе ги прекрши санкциите против Москва“, изјави портпаролот на ЕК. Во меѓувреме, намерата на Урсула фон дер Лајен на 4-ти мај дека ЕУ ќе воведе целосна забрана за рускиот нафтен бизнис „во следните неколку дена“ е се повеќе под знак прашалник по серијата неуспешни рунди преговори на членките на ЕУ за „шестиот пакет санкции“, која требаше да го вклучи ембаргото за нафта.

Урсула фон дер Лајен/ Фото EPA-EFE/KIMMO BRANDT

Унгарија не сака ембарго

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по последниот круг, во понеделникот, истакна дека „Будимпешта не добила никаков сериозен предлог од ЕК по тој повод“. Според Сијарто, на Унгарија и требаат најмалку пет години и меѓу 15 и 18 милијарди евра нови инвестиции за да се откаже од најавеното вето на „шестиот пакет“, да ја одвикне домашната економија од руската нафта и технички да се прилагоди на се уште непознатата нова енергија. Будимпешта е многу заинтересирана колку од тие пари е подготвена да обезбеди ЕК.

Покрај Унгарија, на состанокот во Брисел во понеделникот, бугарскиот премиер Кирил Петков предупреди дека неговата земја во моментов не е подготвена „да падне од нула енергетски извори на 90 отсто од зависноста од руската нафта и гас преку ноќ“. Судбината на бриселската идеја за ембарго на нафта кон Русија засега е неизвесна. Жосеп Борел не звучеше оптимист во понеделникот: „Унгарија посочи економски, а не политички причини за својот отпор. Неизвесно е дали усвојувањето на „шестиот пакет“ ќе потрае една, две или повеќе недели“.

Брисел очекува дека темата за ембаргото за нафта може да се реши со усвојување формат на предлогот на Фон дер Лајен, на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ на 30 и 31 мај.

Последниот предлог од другата страна на Атлантикот можеби сведочи дека Брисел е во своевиден „ќорсокак“ кога е во прашање најавеното ембарго. Имено, официјален Вашингтон најави дека на претстојниот самит на Г-7 оваа недела ќе предложи европските земји да воведат царини за руската нафта како побрза алтернатива на целосното нафтено ембарго, пренесе Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот