Брисел ги расчистува дилемите – Македонија и Албанија кон ЕУ „нераздвојни“!

Урсула фон дер Лајен и Зоран Заев во Скопје / 28.9.2021 / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Европската Комисија повтори дека двете земји нема да бидат раздвоени на патот кон ЕУ, откако вчера претпладне фон дер Лајен во Тирана рече дека Албанија ги исполнила условите за одржувањето на првата меѓувладина конференција, што беше протолкувано како најава дека ЕК би прифатила Албанија да оди напред ако Бугарија продолжи да ја блокира нашата земја.

Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство во ЕУ што е можно поскоро, по можност до крајот на годината, порача претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен вчера во Скопје, на заедничката прес-конференција со домаќинот, премиерот Зоран Заев.

Европската Комисија, пак, ги расчисти дилемите и повтори дека двете земји нема да бидат раздвоени на патот кон ЕУ, откако вчера претпладне фон дер Лајен во Тирана рече дека Албанија ги исполнила условите за одржувањето на првата меѓувладина конференција и дека се прави сѐ за да се надминат пречките. Тоа беше протолкувано како најава дека ЕК би прифатила Албанија да оди напред ако Бугарија продолжи да ја блокира нашата земја, но портпаролите на ЕК прецизираа дека „претседателката турка за одржување на Меѓувладината конференција за Албанија и за Северна Македонија пред крајот на оваа година, нема промена за ова прашање“.

Фон дер Лајен: Целосна поддршка за преговори во декември

Денеска во Скопје ќе дојде и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ на разговори за спорот со Бугарија, во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 октомври што го организира Словенија, а на кој ќе присуствуваат и лидерите на шесте земји. Вархељ минатата недела беше во Софија, каде бугарскиот претседател Румен Радев му рекол дека Бугарија наместо ветувања од РС Македонија очекува јасни правно обврзувачки решенија што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати. Од друга страна, пак, деновиве и македонскиот премиер Заев постави услов Софија на состанокот на Советот на ЕУ на 22 декември прво да го крене ветото, а потоа да се реализира тоа што во меѓувреме ќе биде договорено со новата политичка влада која се очекува во ноември.

Портпаролката за проширување Ана Писонеро, прашана дали има напредок во надминување на спорот меѓу Бугарија и РС Македонија, рече дека ставот на еврокомесарот Вархељи е дека треба со двете земји да се оди напред кон усвојување на преговарачката рамка, но за тоа треба согласност од сите членки на ЕУ.

Претседателката на ЕК истите пораки како во Скопје вчера ги упати и од Тирана, по средбата со албанскиот премиер Еди Рама.

– Давам целосна поддршка за преговорите со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро. Ние разговаравме за тоа во минатото, работиме на тоа. Двете земји ги исполнија сите свои задачи и сега ние сме тие што треба да го реализираме својот дел. Јас сум одлучна Албанија и Северна Македонија да ги отворат преговорите што е можно поскоро. Многу очекувам меѓувладината седница да биде до крајот на годинава – рече таа во албанската престолнина.

Рама, пак, рече дека „веќе нема да се подготвуваат за свадба, зашто тоа сега сèе во рацете на сватовите“.

– Дали конференциите и поглавјата ќе бидат отворени или не, ова е прашање на ЕУ, не на Комисијата, туку на член на европското семејство кој со инает се однесува кон еден, а друг држи како заложник. Имаме толку многу други работи што треба да ги направиме што не треба да го губиме фокусот, трпението или смиреноста, туку треба да одиме напред – рече Рама.

Фон дер Лајен во Тирана зборуваше за помошта што ЕУ ја дава за земјите од Западен Балкан, пред сè во справувањето со пандемијата и за зајакнување на економјата, а се задржа и на Берлинскиот процес, оценувајќи дека „колку е побрз Берлинскиот процес, толку е побрза интеграцијата во ЕУ“.

Бошњаковски: Моќта не е во Брисел, туку во големите членки

Аналитичарите не очекуваат голем ефект од посетата на Фон дер Лајен. Според политикологот Владимир Бошњаковски поминато е времето кога став или изјава на некој претставник од ЕУ треба да се доживува сериозно, ако тој став е во врска со меѓународната политика и проширувањето на ЕУ.

– Особено во последните години се докажа дека Брисел нема никакви ингеренции или реална моќ за овие прашања. Интересите и визиите на главните градови на членките диктираат како ќе изгледа надворешната политика и проширувањето на ЕУ. За жал, токму столиците на моќните земји-членки се главни противници на проширувањето. Затоа посетата на претседателката на ЕК, г-ѓа Фон дер Лајен, треба да се анализира повеќе низ призмата на „поздодевните“ аспекти на нашиот однос со ЕУ, како инфраструктурното поврзување, поддршката за развој, безбедносната соработка, справувањето со ковид-кризата, менаџирањето на тековните политички збиднувања и сл. Ова уште повеќе важи за каква било посета на г-дин Вархељ, кој иако доаѓа од Унгарија, која е огромен поддржувач на проширувањето на ЕУ, затоа што смета дека така ќе придобие повеќе сојузници во нејзиниот блок внатре во ЕУ, тој нема некоја значителна моќ да ги менува ставовите за големите земји членки – вели Бошњаковски за „Слободен печат“.

Во овој контекст, додава тој, единствена надеж за пробив во проширувањето може да дојде под притисок на САД.

– Имено, имам впечаток дека САД под администрацијата на Џо Бајден, како една од клучните точки при подготовка за пресметка со Кина, го има ставено тоа – да воведе ред во својот блок. Тука пред сè спаѓаат старите членки на ЕУ кои САД ги смета за своја сфера на ексклузивен интерес и кои што за своето постоење и функционирање му се должни на САД кој ги ослободи во 1945 година и буквално ја плати нивната реконструкција – вели Бошњаковски.

Тој додава дека за САД е од големо значење да се затвори интеграција на регионот во ЕУ зашто ќе значи конечно решавање на Балканското прашање во кое инвестираат сериозни напори веќе 30 години. Бошњаковски предупредува дека кочењето на овие процеси што доаѓа од одредени земји-членки значи дефокусирање на САД во нивните поважни пресметки, но и рушење на нивниот кредибилитет како клучниот гарантор на преспанскиот и бугарскиот договор.

– За жал, Франција е една од државите кои што, покрај што има сериозни внатрешнополитички мотиви да го кочи проширувањето, таа исто така е лидер на некој европски отпор према САД, па затоа и може да се претпостави дека ќе ги фрустрира нивните заложби во нашиот регион. Постои сериозно сомневање дека Бугарија е само „маша“ во оваа поголема игра. Со оглед дека Македонија е премногу мала за да има било какво влијание на овие големи игри, таа треба да продолжи да се надева дека ќе се одблокираат процесите за интеграција во ЕУ, но да не троши многу време и енергија за остварување на таа надеж. Тоа време и енергија треба да се концентрира навнатре односно према самостојно решавање на своите внатрешни политички, економски, образовни, културолошки и други проблеми – заклучува Бошњаковски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот