Брифинг на Агенцијата за филм: Македонската кинематографија е во подем

????????????????????????????????????

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, и претседателот на Управниот одбор на Агенцијата, Александар Касапинов, на брифинг со новинарите на 24 јуни зборуваа за филмските резултати што македонската кинематографија ги постигна во изминатиот период, но и за напорите што се вложуваат за надминување на кризата создадена со коронавирусот.

Агенцијата за филм бележи сигурен подем во своето работење, а новиот слоган „Нов филмски бран“ подразбира дека ќе се поддржуваат млади, талентирани филмаџии, а Агенцијата ќе се залага за поцврсто мапирање на македонската во европската кинематографија, поради квалитетот и стандардот на кој се инсистира. Позитивните промени се нотирани со многубројните награди во изминатите три години, пласманите на филмските фестивали и изнедрувањето нови кадри.

– Оваа година, поради кризата со ковид-19, Конкурсот на Агенцијата се стави во мирување за време на прогласената вонредна состојба, но со враќањето во новата нормала, процесот продолжува. Според Законот за Општа управна постапка, роковите престануваат да течат за време на вонредна состојба и продолжуваат по истекот на истата за онолку денови колку што преостанале. Според тоа, резултатите од Конкурсот за финансирање на производство на долгометражен и краткометражен, игран, документарен и анимиран филм за 2020 ќе бидат објавени кон крајот на месец јули. Исто така, Агенцијата во соработка со Друштвото на филмските работници (ДФРМ) подготви Протокол за снимање филм во време на ковид-19, кој е доставен до Комисијата за заразни болести и се чека на одобрување – информираше директорот Горјан Тозија.

Агенцијата за филм се залага и за транспарентно работење, а за таа цел издаде Отчет за потрошениот буџет во 2019 со брошурата „Факти и бројки“.

– Она на што сме посебно горди е и статистиката во последните години во однос на дебитанти режисери, дебитанти продуценти и зголеменото учество на жени режисери и продуценти. Кај последните осум проекти, кои се или во завршна фаза или пред премиера, дури шест од нив се на дебитанти режисери и продуценти – потенцира Тозија.

По историскиот успех на македонската кинематографија со документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, но и со филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на режисерката Теона Митевска, македонските филмови освоија повеќе од 60 награди. Во 2020 година повторно имаше македонски филм („Налепница“ на Георги Унковски) на фестивалот Санденс, филмот „Снежана на крајот умирa“ на Кристијан Ристевски ќе биде прикажан во рамките на фестивалот во Карлови Вари, а на е-павилјонот на Канскиот фестивал Македонија ќе презентира осум играни филмови, брифираа од Агенцијата за филм.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 37, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот