Брестовац: Сметам дека е погрешно сега да до напуштам бродот

Данило Брестовац/фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Селекторот на ракометната репрезентација, Данило Брестовац за ТВ Телма ја анализира играта на неговите избраници на Европското првенство.

Ракометната репрезентација на Македонија настапот на Европското првенство во Австрiја, Шведска и Норвешка го освои 15. место со скор од една победа и два порази.  Ракометарите на стартот во Групата Б ја совладаа Украина со 26:25, а потоа претрпеа два порази, прво од Чешка со 27:25 и во последното коло од Австрија со 32:28.

По неколкудневно сумирање на впечатоците од играта, Брестовац денеска во разговор за ТВ Телма, направи анализа на одиграното на ЕП.

– Не би требало да го напуштам бродот во овој период. Имам договор на три години и мислам дека на добар пат сме да ја подмладиме репрезентацијата. Имавме проблеми во пресрет на првенството и знаевме дека ќе ни биде тешко во групата.

Од конечниот пласман не може да се биде целосно задоволен, но сметам дека се движиме во вистинска насока кога се наоѓаме во процес на подмладување. Ова ЕП не треба да обесхрабрува, јас знам дека постои незадоволство од одредени играчи, но верувајте дека станува збор за одлични спортисти. Според мене не потфрливме, кога ќе се направи преглед на одиграното и квалитетот на репрезентацијата.

Повредата на Велко Марковски не натера да ја промениме одбраната. Тешко е да се направи тоа на само неколку дена од почеток на Европско првенство. На неговото место влезе Никола Маркоски, а дефанзивна улога добија и Талески, Кузмановски и останавме со Стоилов да го користиме на двете страни од играта – рече Брестовац за „ТВ Телма“.

Селекторот негира дека биле изненадени од тактиката на Австријците кои во дуелот со нас славеа со четири гола, но во еден момент имаа предност и од 10 голови. Брестовац вели дека однапред знаеле за тактиката која ќе ја играат Австријците и смета дека неговите ракометари потфрлија во реализацијата.

– На ден пред натпреварот со Австрија добивме белешки од акциите на противничкиот тренер и неговите замисли како да се запре Лазаров. Во тие белешки ни беше посочено дека капитенот Лазаров ќе биде чуван агресивно. Не бевме изненадени, генерално бевме подготвени, но погрешивме неколку пати во додавањата. Главен проблем ни беше слабата реализација, што беше одлика на нашата репрезентација на целиот шампионат – вели Брестовац кој смета дека неиграњето на дел од ракометарите во своите клубови беше главниот проблем за слабиот пласман и слабите игри.

– Многу е тешко кога играчите не играат во своите клубови, кога немате можност да видите на што се подготвени во репрезентативниот дрес. Во овој момент, од сето она што го видов на онаа мини-турнеа низ Србија и Романија, мислам дека ова беше најдоброто од македонскиот ракомет, на што можеме да се потпреме на овој европски шампионат.

Го имаме Коки Петров, кој квалитативно е далеку зад Стоилов, Пешевски и Маркоски. Дарко Димитриевски имаше добри средби во Шпанија, јас за него имав извадено карта за Словенија, но со игрите што ги прикажа во Србија и во Романија разочара и придонесе да го смениме ставот за него. Мало разочарување беше и Димитар Димтриовски, кој на четири средби имаше шут 2/10, со технички грешки и загубени топки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот