Бремените жени смеат да се вакцинираат против ковид-19

бременост
Фото: Profimedia

Откако медицинските работници почнаа да се вакцинираат против ковид-19 со донираните фајзерови вакцини од Србија, се дозна дека пред да ја примат вакцината, одговараат на неколку прашања. Меѓу нив е и прашањето: „Дали сте бремена и дали е можно да сте бремена?“.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека вакцината против ковид-19, според научните истражувања, не е контраиндикација за бремените жени, но при нејзиното аплицирање, лекарот мора да обрне внимание.

„Од таа причина во прашалникот е потребно да се одговори и ова прашање“, ни рекоа од Министерството за здравство.

Гинекологот доктор Ненад Лазаров вели дека не постои ниеден случај каде што се препорачува бремените жени да не се вакцинираат.

– Прашањата пред вакцинација се битни информации, кои треба да се знаат за понатамошната медицинска статистика. Инаку на ниеден начин никакви компликации или контраиндикации нема, односно бремените жени не се двојат како група од останатите. Напротив, кај трудниците имаме многу помалку компликации. Не постои препорака бремените да не се вакцинираат. И за сезонски грип кога ве вакцинираат, ве прашуваат дали сте бремена – вели доктор Лазаров.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести информираше дека има ограничени информации за безбедноста на вакцините против ковид-19 за бремените жени.

„Додека да се добијат сите сознанија од клиничките студии, имаме само ограничени сознанија за безбедноста на вакцината против ковид-19 која се дава кај бремени жени“, пишува на официјалната страница и се додава дека моментално вакцината се препорачува само за специфични групи да ја примат први, меѓу кои и здравствените работници, но и дека изборот за бремените жени останува, дали сакаат или не сакаат да се вакцинираат против ковид-19. Сепак, американскиот Центар за контрола и превенција на болести додава дека бремената жена пред вакцинација треба да разговара со својот лекар за ризиците од ковид-19.

Светската здравствена организација, пак, не препорачува бремените жени да се вакцинираат со фајзеровата вакцина поради недоволни податоци за неа во моментот.

„Бремените жени се во поголем ризик од сериозни компликации од коронавирусот отколку оние што не се бремени и ковид-19 се поврзува со зголемен ризик од предвремено раѓање. Во случај бремената жена да е во неизбежен ризик од зараза, на пример доколку е медицинско лице, тогаш може да се земе предвид вакцинација но по претходен разговор со нејзиниот лекар“, наведуваат од СЗО.

Има уште неколку специфични групи за кои СЗО има неколку препораки. На пример, оние што го прележале коронавирусот, смеат да се вакцинираат, ама се препорачува да почекаат барем половина година од денот на инфекцијата, зашто има ограничена количина на вакцини во светски рамки. Оние што не знаат дали имале коронавирус, а ќе одлучат да се имунизираат, не мора да проверуваат дали ја прележале инфекцијата, стои во препораките на СЗО.

Националниот комитет за имунизација препорачува сите што ќе ја примат вакцината да бидат во општо добра здравствена состојба. Затоа сите граѓани пред вакцинацијата ќе треба да одговорат на прашалникот, дали имаат симптоми на ковид 19, дали претходно имале алергиска реакција на која било вакцина или друга терапија што се дава со инјекција, дали примиле друга вакцина во изминатите 14 дена, дали имаат нарушување на крвта или земаат лекови кои може да влијаат на згрутчувањето на крвта, антикоагулантна терапија. По примањето на вакцината секој ќе добие вакцинална картичка, која содржи информации за вакцината која е примена, дозата и бројот на пакувањето. Пријавите за несакани ефекти може да се направат на онлајн апликација на страницата на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот