Брегзитот на Борис Џонсон беше Пирова победа

Фото: Peter Brookes / News Licensing / Profimedia

Реалноста е таква: кога ќе се спореди релативната моќ на Велика Британија во однос на Европската Унија, односот на силите е – а така и ќе остане – далеку од еднаков

На победникот му припаѓа пленот. Борис Џонсон победи на референдумот за излегување од членството на Велика Британија во ЕУ пред нешто повеќе од пет години, го освои лидерството во Конзервативната партија во јули 2019 година, се спогоди за разделба со ЕУ минатиот октомври и однесе решителна победа на општите избори ланскиот декември. Тој ја преобрази сопствената земја.

Но, дали таа преобразба е на подобро или на полошо? Дали можностите за Британците се поголеми или помали? Дали ја направи Велика Британија повлијателна и попросперитетна, или напротив?

Мојот одговор на сите овие прашања е: „второто“. Но, признавам, сѐ уште се наоѓаме во раните денови во оваа приказна.

Во унијата, ЕУ е на прво место

Набрзо по Брегзитот стана јасно (и без големо изненадување за никој малку поинформиран) дека Брегзитерите погрешно ја разбрале ЕУ. Ананд Менон, од „Британската иницијатива за промени во Европа“ на Колеџот Кинг, забележува дека Доминик Рааб (сега министер за надворешни работи) во април 2016 година изјави дека „можеме да имаме соодветна контрола врз нашите граници, но не треба да бидеме обврзани со сета оваа задушувачка регулатива… и секако не е во интерес на Европејците да подигнуваат трговски бариери“. ЕУ не се согласи со тоа. Сега постојат многу бариери: и сите ќе останат.

Извор: ММФ

Причината за овој предвидлив исход беше дека членките на ЕУ сметаат дека зачувувањето на правниот поредок во Унијата, вклучително и единствениот пазар, е нивен најголем интерес. Тоа е заклучокот и на анализата „ЕУ-Велика Британија 2030“, труд од истата иницијатива на Колеџот Кинг. Земете ја Данска, на пример, со која Велика Британија е и добар пријател и четврти најголем трговски партнер. Но, Данска прави шесткратно повеќе деловни активности со остатокот од ЕУ отколку со Велика Британија. Националните економски интереси подразбираа зачувување на пазарот на ЕУ, а не прилагодување кон Велика Британија. Истото важи и за другите членки на Унијата. За нив, ЕУ е секогаш на прво место.

Како што забележува и Менон, по малку иронично: „Чудно е како група идеолошки „чистунци“ очекуваа нивните соговорници да бидат идеолошки флексибилни и прагматични.“ До сега е јасно дека Брегзит ја зајакна ЕУ, а не ја ослаби. Менон забележува дека „дури и Марин Ле Пен брзо сфати дека Брегзит нема да стори ништо за да ја зголеми јавната поддршка за Фрекзит“. Значи, членките на ЕУ се бореа да ги одбранат своите интереси, што требаше да го очекуваат британските политичари.

 Несериозен партнер

Тоа дека Британија, според Џонсон, ќе го добиое целиот европски „колач“ се испостави како глупава премиса, како и ставот на Дејвид Фрост, неговиот главен преговарач, дека ЕУ треба „да се ослободи од преостанатата лоша волја кон нас за напуштање [на Унијата] и наместо тоа да изгради пријателски однос меѓу еднокво суверените“. Се разбира, таа суверена еднаквост ќе беше полесно да се постигне ако Џонсон не лажеше за импликациите од неговиот договор за трговија меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија, па дури се обиде договорот и да го отфрли. ЕУ со право го смета за несериозен и недоверлив партнер.

*без интра-ЕУ трговијата
Извор: ММФ

Што се однесува до „еднаквоста на суверенитетот“, Велика Британија и ЕУ можат навистина да бидат подеднакво суверени, формално. Но, суштински, тие се далеку од еднакви. Економијата на Велика Британија е една петтина од онаа на ЕУ и нејзината зависност од трговијата со ЕУ е многу поголема отколку обратно.

Тоа се реалностите на релативната моќ. Реалист, како Викторијанскиот премиер Палмерстон, ќе го разбереше ова. Зошто не може Фрост?

Неизбежно е, особено со оглед на очигледната желба на владата на Велика Британија за разидување со ЕУ, односите да останат отровни за неодредена иднина. Неизбежно е, исто така, дека од таквата состојба Велика Британија ќе изгуби повеќе отколку ЕУ.

 Полоши економски перформанси

Што е со економските резултати?

Брегзит, секако, не е единствениот шок што ја погоди економијата во изминатите пет години. Тука е и ковид-19. Но, треба да се одбележи дека помеѓу вториот квартал на 2016 година и првиот квартал од 2021 година, економијата на Велика Британија се намали за 4,3 проценти. Перформансите на Италија беа слични. Но, економијата на еврозоната се зголеми за 1,3 проценти во овој период. Исто така, Брегзит предизвика голем почетен шок во обемот на трговијата. Оттогаш се случи одредено закрепнување, но обемот на трговијата во Велика Британија ќе заврши помал отколку што инаку ќе беше. Ефектите од ваквиот развој на настаните со тек на времето ќе се кумулираат и ќе резултираат со полоши економски перформанси.

Тоа го изнудува прашањето: што ќе значи, всушност, тезата за „враќање на контролата“ во британски раце?

Извор: Refinitiv

Нема сомнение дека Брегзит ги укина ограничувањата за владата кои важеа во ЕУ. Британските премиери со поддршка од големи мнозинства во Парламентот секогаш можеа да прават што ќе посакаат, сè додека ја зачувуваа парламентарната поддршка. Сега, владата не треба да се грижи ниту за правилата на ЕУ. Значи, владата (за која гласаа 44 проценти од електоратот) може да дејствува дури и послободно отколку порано. Оваа форма на колективна контрола може да значи многу за многумина. Сепак, во многу области каде што е потребна меѓународна соработка, Брегзит не ја зголеми контролата врз можноста за различен избор. Велика Британија и понатаму мора да се убедува со другите земји. Но, сега ѝ недостасува платформа во ЕУ од каде што го правеше тоа.

Брегзит води до расцеп

Што е со Британците? Дали тие ја презедоа контролата над своите животи?

Во најмала рака, деловните субјекти што тргуваат со ЕУ и луѓето кои сакаат да работат или да студираат во Унијата изгубија многу, но контролата не ја вратија во свои раце.

Извор: ONS

Ние не можеме да знаеме што ќе мисли нашето потомство. Но, денес ветувањата за Брегзит во голема мера ми се чинат како неостварливи соништа. Брегзит нема да ја зголеми контролата, туку ќе ја намали таму каде што е најважна за поединците, па дури и за јавноста во целина. Вештите демагози го трансформираа јавното незадоволство во непријателство кон ЕУ, којашто главно беше невина за работите што луѓето ги мразеа, освен за прашањето на миграцијата. Но, статистиката во Велика Британија е многу слаб аргумент во таа смисла: бројот на граѓани на ЕУ кои, до март 2021 година, побараа „средување на статусот“ се покажа дека е 5,3 милиони, многу повеќе од очекуваното. Но, изненадувачки, приливот на мигранти од остатокот од светот прилично скокна, бидејќи опаѓа бројот на државјаните од ЕУ.

На подолг рок, Брегзит веројатно ќе ѝ наштети на Велика Британија, можеби и ќе ја расцепи, истовремено зајакнувајќи ја солидарноста во ЕУ. Ако е така, тогаш оценката сигурно ќе биде дека станува збор за Пирова победа.

Преземено од Financial Тimes

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот