Брегзитот е само крај на почетокот

File photo dated 10/12/19 of Prime Minister Boris Johnson driving a Union flag-themed JCB, with the words "Get Brexit Done" inside the digger bucket, through a fake wall emblazoned with the word "Gridlock", during a visit to JCB cab manufacturing centre in Uttoxeter, while on the General Election campaign trail. The UK and EU have reached a post-Brexit trade agreement.,Image: 578793676, License: Rights-managed, Restrictions: FILE PHOTO, Model Release: no, Credit line: Stefan Rousseau / PA Images / Profimedia

Откако се откажа од предностите од членството во Европската Унија, на Британија сега ќе ѝ треба многу поагилно и поефектно лидерство, отколку што оваа влада досега, генерално, се покажа дека е способна да го испорача

Конечно, трговски договор меѓу Британија и ЕУ – и тоа цела недела пред истекот на годината! Само со целосен увид во текстот на договорот меѓу Велика Британија и ЕУ ќе може да се заклучи кој и каде попуштил. Но, по четири и пол години хаос, траума и често понижувачки политички превирања, Велика Британија конечно има пишана идеја за тоа како, всушност, изгледа Брегзитот.

Фактот дека е постигната оваа зделка е добра вест. Последиците од неуспехот ќе беа лоши за обете страни, иако неизмерно полоши за Велика Британија.

Сепак, мора да се наведе дека овој договор, иако е далеку подобар од тоа да не се постигнеше ништо, е далеку и од она што треба да го посака една голема глобална трговска нација; во него минимум од она што можеше да се договори меѓу двете страни, со оглед на идеолошката непопустливост на британската влада. Тоа, се разбира, не е оној „лесен договор“ којшто брегзитерите лаконски го предвидуваа. Британските производители може да бидат поштедени од трговски тарифи и квоти со ЕУ, но тие се соочуваат со скапата дополнителна бирократија, што веројатно ќе го погоди нивниот извоз во Европа. Договореното содржи уште помалку за услужниот сектор, „движечкиот мотор“ на британската економија. Цената што се плати за враќање на британскиот суверенитет е, во суштина, трговски договор дизајниран да го намали пристапот до европските пазари.

Но, постигнатото е барем основа врз која може да се гради понатамошната позиција, со надеж дека ќе овозможи крај на бомбастичните прогнози и ксенофобијата што го карактеризираше големиот дел од јавниот дискурс на оние кои се залагаа за напуштање на Унијата. Тоа значи дека, конечно, Велика Британија ја напушта ЕУ под разумни спогодбени услови.

ЕУ го сочува единството

Всушност, постигнувањето договор со ЕУ секогаш и беше најверојатниот исход од Брегзитот. Премиерот Борис Џонсон беше јасен дека до вистинско придвижување ќе дојде само во последните денови на преговорите и, да бидеме фер, Џонсон обезбеди подобра позиција со тоа што ги сочува нервите. Да не се постигне договор никогаш не беше планот на преговарачите (особено среде пандемија), и со право. На пример, хаосот што се случи во последните неколку дена пред договорот, откако Франција ги затвори своите пристаништа поради откривањето на новата варијанта на ковид-19 во Велика Британија, само ги покажа сите слабости и неподготвеноста на Обединетото Кралство за излегување од Унијата без договор.

Следните денови ќе регистрираме најразлични триумфални прокламации за преговарачките вештини на г. Џонсон за тоа како тој, лично, во договорот обезбедил повеќе од можното за Британија. Но, како што се случи и со договорот за повлекување од Унијата, така и во трговскиот договор Велика Британија беше принудена да се бори дури и за „гола коска“ со другата страна, без да го помести Брисел подалеку од местото до каде што Унијата беше подготвена самата да попушти. Се покажаа како погрешни прогнозите дека членките на ЕУ ќе се свртат едни против други во процесот на преговорите со Британија. Напротив, додека во Велика Британија течеа меѓусебните расправии, европскиот блок задржа прилично обединет фронт. Ова би требало да биде поучно предупредување за британските политичари во иднина.

На долг рок, Британија е ослабена

Борис Џонсон знае дека ќе следуваат и такви повици на страната на брегзитерите кои плачливо ќе обвинуваат за сторено предавство во преговорите. Најџел Фараж, лидерот на партијата Брегзит, ќе мора со протестирање да ја сочува својата релевантност на сцената (иако неговата непосредна оценка за постигнување на договорот беше поддржувачка), а истото важи и за некои од ториевците на Џонсон. Врескањето дека се случила „распродажба на британските интереси“ им овозможува на максималистите да се поштедат од вината за она што следува, бидејќи не се постигнал „соодветен Брегзит“. Но, конзервативците беа свесни дека ќе мора да има компромис. На краток рок, тие сакаат и им треба ова да биде прогласено за победа, со што барем повеќето од нив ќе бидат склони да заостанат зад одлуката на премиерот.

Така и треба да направат, бидејќи во однос на прекинувањето на врските со ЕУ, брегзитерите добија речиси сè што посакуваа. Џонсон ја отстрани Велика Британија (иако не и Северна Ирска) од повеќето правила, регулативи и надлежност што се на сила во ЕУ. Сега, потребата од нова регулатива ќе создаде големи трошоци, но сега тоа е економска одлука. За Џонсон, ова е шанса да се повлече линија под битката за Брегзит во Велика Британија, иако никогаш нема да ги придобие кон себе оние кои непомирливо се залагаа за останување во Унијата.

На долг рок, сепак, Британија е ослабена. Осамената Велика Британија има помало влијание во светот. Британската унија е во голема опасност. Северна Ирска ќе гледа сè повеќе кон Република Ирска; се чини дека Шкотска ќе ги врати националистите на власт со нивната агенда за втор референдум за независност. Уште поважно, економската траекторија на Велика Британија сега е побавна и пониска. Политичката надеж на премиерот е дека назадувањето поради Брегзитот ќе може да се „маскира“ во генералниот пад на економијата поврзан со пандемијата.

Личен политички триумф за Џонсон

Нема сомнение дека ова е личен политички триумф за Борис Џонсон и тој има право да ужива во овој момент. Повеќето Британци, како и да гласале, сега ќе се надеваат дека ќе можат да продолжат со животот и да напредуваат во него. Но, Џонсон знае дека тој е „сопственик“ на Брегзитот и нема да ја избегне одговорноста за неговата висока цена, доколку се случи непосакуваното. Сè уште го чекаме вистинското економско чувство, визијата за што, всушност, служеше целиот овој проект. Откако се откажа од предностите од членството во Европската Унија, на Британија сега ќе ѝ треба многу поагилно и поефектно лидерство, отколку што оваа влада досега, генерално, се покажа дека е способна да го испорача.

Фото: EPA-EFE/Pippa Fowles / No10 Downing Street HANDOUT The Image can not be altered in any form. HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Без оглед на тоа што може со Велика Британија да се случи во иднина, никој не може да каже дека во годините по референдумот во 2016 година се проектираше самоуверена, независна нација. Британските внатрешни превирања многу придонесоа во тоа да се смират сличните движења кај другите нации во ЕУ. Од гледна точка на Унијата, Брегзитот не можеше да се случи многу подобро од ова.

Конечно, после сè, Велика Британија барем го избегна најлошиот исход што можеше да се случи и сега има почетна основа за градење на идните односи и поблиските економски и дипломатски врски што мора да се обноват во наредните години. Ова не е последниот збор за врските на Велика Британија со ЕУ. Тоа е, како што велат, само крај на почетокот.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (31 декември -3 јануари 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот