Брегу: Мнозинство на граѓани на Западен Балкан се согласни дека односите во регионот се подобри од лани

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу /Фото: EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI

По нашиот последен состанок во октомври следуваа тешки месеци со нов бран на ковид-19 и нови мутации на вирусот што ги направи работите уште покомплицирани и полоши. Во однос на регионалната соработка, добра вест беше успехот на самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес и усвојувањето на Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан и Акцискиот план за заеднички регионален пазар, што беше признат од граѓаните, со оглед дека 77 отсто сметаат дека односите во регионот се подобри отколку пред една година, што е голем скок од ланските 46 проценти.

Тоа го нагласи генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, отворајќи го 42-от состанок на Управниот одбор на оваа организација, што се одржа денеска во онлајн формат.

Брегу додаде дека „спроведувањето на заедничкиот регионален пазар и постигнувањето резултати за Самитот во Берлин е врвен приоритет”, пренесува агенцијата Фена.

– Регионалниот совет за соработка работи со партнери за дефинирање и формирање на програми и ќе вложи максимални напори за координација и следење на напредокот во сите области на политиката. Нашата цел е да воспоставиме регионален простор во однос на трговијата, инвестициите, дигиталниот сектор и индустријата и иновациите, потпирајќи се на успехот на европскиот принцип на четири слободи, додаде Брегу.

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка му претстави на Комитетот извештај за активностите на Секретаријатот на оваа организација во периодот од октомври 2020 до февруари 2021 година, кој беше усвоен и ги информираше членовите на Комитетот за најважните активности на Секретаријатот во наредниот период.

Таа, исто така, го информираше Комитетот за иницијативата презентирана на вчерашниот состанок со претставниците на Светската здравствена организација за потребата од регионална здравствена платформа, имајќи предвид дека здравството е приоритет за целиот свет.

Советот за регионална соработка и Светската здравствена организација ќе работат на изнаоѓање начини за соработка со цел отворање на оваа тема во рамките на заедничкиот регионален пазар, но и на проектот „Младинска лабораторија од Западен Балкан”, имплементиран од Советот и финансиран од Европската унија, и стратегијата на Југоисточна Европа 2030 година на чија изработка во моментов работи Советот за регионална соработка заедно со регионалните партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот