Екипата на Брегалница го осуди инцидентот пред натпреварот во Штип против Тиквеш кога навивачките групи Фаланга и Лозари имаа крвава пресметка која резултира со неколку тешко повредени лица. Брегалница порачува дека насилството мора да се исфрли од фудбалот.
Соопштението на Брегалница ви го пренесуваме во целост:
„ФК Брегалница изразува жалење за несаканиот инцидент кој се случи меѓу дел од навивачите на Брегалница и Тиквеш во пресрет на денешниот дерби натпревар од 14. коло во Втората лига – Исток.
Несаканите сцени апсолутно не се во согласност со начелата кон кои тежнее ФК Брегалница како клуб кој е максимално посветен на определбата за исфрлање на насилството од терените и надвор од нив, и вистински спортски пријател со сите фудбалски чинители во Македонија. Отворено го искажуваме нашиот став за осуда на таквите случувања кои, секако, од ниту еден аспект не може да се поддржат и оправдаат, а кои единствено нанесуваат штета на фудбалот воопшто.
Испраќаме силна порака за максимално фер и коректно навивање и во иднина, како единствен начин за спречување на сите немили сцени, како оние денешните, на и околу нашите фудбалски стадиони. Па, заедно со сите наши поддржувачи и навивачи, ФК Брегалница да биде вистинскиот пример-двигател за промоцијата на спортот во регионот и во Македонија“, се вели во соопштението на штипјани.