Бразилска одмазда за премиерлигашите, екипите ќе останат без клучни играчи на стартот од Лигата на шампионите

Бразилската федерација бараше да се воведе петдневна забрана за настап на бразилските фудбалери кои играат во Премиер лигата/ фото: EPA-EFE/Martin Rickett

Скандалот со прекинот на натпреварот Бразил – Аргентина чиј епилот сè уште се чека, сега добива ново поглавје.

Бразилските здравствени власти влетаа на теренот за да ги приведат четворицата аргентински репрезентативци кои настапуваат во англиската Премиер лига, Ло Селсо, Ромеро, Буендија и Мартинез кои дале лажна изјава при влезот во Бразил. Имено, Бразил има донесено одлука дека сите кои влегуваат во оваа јужноамериканска држава од Англија мора да бидат во 14-дневен карантин, а аргентинските фудбалери кои играат во Премиер лигата, дале лажни изјави.

Претходно, англиските екипи не ги пуштија фудбалерите да настапат за својата репрезентација во септемвриските квалификации чии држави се наоѓаат на црвената листа на британската влада, а Бразил е на истата.

Сега бразилската фудбалска федерација одлучи да им се одмазди на Англичаните и побара од ФИФА да се воведе „петдневно ограничување“ за повиканите фудбалери иако тие не патувале за Бразил.

Ова барање на Бразилците највеќе ќе ги погоди најголемите англиски екипи, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Челси.

Ливерпул може да остане без тројца клучни играчи, Алисон, Фабињо и Роберто Фирмињо на гостувањето против Лидс во Премиерлигата, а домашната екипа може да остане без Рафиња.
Јунајтед нема да може да смета на Фред за натпреварите против Њукалсл и за првиот натпревар во Лигата на шампионите против Јанг Бојс во вторник.

Шампионот Сити може да остане без Едерсон и Габриел Жесус на средбата со Лестер, додека Челси нема да може да смета на Тијаго Силва кој ќе може да ги пропушти средбите со Астон Вила и со Зенит во Лигата на шампионите.

Англиските медиуми пишуваат дека екипите ќе се борат против ваквата одлука бидејќи сметаат дека нема основ за казна поради вонредната ситуацијата со коронавирусот.
Правилото на ФИФА налага забрана за настап во период од пет дена и тоа автоматски се применува доколку истото го побара фудбалска федерација на одредена држава.
Тие пет дена почнуваат се сметаат еден ден по последниот репрезентативен натпревар. Во случајот на Бразил тоа правило би се сметало од 10. до 14. септември.

Истото правило го применија и Мексико, Чиле и Парагвај бидејќи овие држави исто така се наоѓаат на црвената листа на британската влада и во септемврискиот репрезентативен циклус играа без фудбалерите кои настапуваат во Премиер лигата.

Интересно е што од ова барање на Бразилците ќе биде изоставен Ричарлисон бидејќи неговиот клуб има добри односи со Федерацијата. Евертон го пушти Ричарлисон да настапи за бразилската репрезентација на Олимписките игри во Токио.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот