Браво за злосторничкото ВМРО, едвај тројка за СДСМ

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Кажете што сакате, но никој не може да ме убеди дека предизборната кампања е потребен, рационален и веродостоен елемент од парламентарната демократија. Еве и зошто. Основна премиса на парламентарната демократија е дека таа е систем на владеење во кој носителот на државниот суверенитет – граѓаните – го делегираат својот дел од суверенитетот, гласајќи за политичка партија за којашто сметаат дека на најдобар начин низ практикување на власта ќе се грижи за нивната добробит и за просперитетот на целото општество. Пеки. Тоа значи дека суштината на парламентарната демократија, срцевината на нејзината веродостојност, лежи во способноста на суверениот граѓанин да направи исправна проценка на политичката понуда и да донесе одговорна одлука базирана, пред сѐ, на факти и докази. Но во предизборните политички кампањи не виреат ниту фактите а ниту доказите. Најдобрите партиски кампањи се само досадни и празни, додека мнозинството изобилува со полуписмени флоскули, нереални ветувања и бладања, а оние вмровските – на дното од понудата – се во доменот на политичката порнографија, персоналните линчови, пасквилите, гнасните лаги, клевети и подреалистички блуеници (префиксот „над“ е во случајов сосем несоодветен). Значи, единствената татковина на фактите е во искуството од минатото, додека единствената ментална човекова алатка да се дојде до него е паметењето.

Заклучокот би бил дека од дваесетте дена заглушувачка бучава исполнета со ветувања, маркетиншки спинови, измамнички фалсификати и мачкања на политичките противници со кал, носителот на суверенитетот што треба да ја избере најдобрата политичка опција има само штета и упаѓа во состојба на анксиозност и дезориентација. Наместо тоа, времето за политичката кампања треба да се прогласи за предизборен молк, и да се престори во една конструктивна тишина во која граѓаните на мира ќе си стават прст на чело и ќе си приспомнат што партиите и политичките елити навистина правеле во изминатата деценија и кусур, и кои се релевантните факти што треба да одлучат кому граѓанскиот суверен да му го подари својот скапоцен глас.

Конечно, доколку граѓанинот толку важна одлука донесува врз основа на ветувања искажани во три хаотични недели, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека одлуката е неодговорна и произволна. А доколку претпоставиме дека тој – суверенот – нема долгорочно сеќавање за сопствениот живот и татковина, а одлуките ги донесува врз основа на краткорочната меморија што кај луѓето и приматите трае околу триесеттина секунди, е тогаш и парламентарната демократија е илузија втемелена на погрешни претпоставки. Како и да е, во двата случаи предизборната кампања е непродуктивна и непотребна.

Но да се вратиме на фактите што се најрелевантни за одлучувањето за овие историски, пандемиски парламентарни избори во истоштената Македонија. Сѐ што требаме да знаеме за двата главни политички опоненти – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – се случило во минатите години, и ништо, ништо во кампањата што трае. Елем, треба ли да се потсетуваме во каква општествено-политичка и геополитичка катастрофа нѐ доведе „преродбата“ на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година? Ми се гади од повторувањето, но таа злосторничка дружина ја окупираше македонската држава, создавајќи од неа класична фашистичка диктатура, во која изврши стопување на партијата со државниот апарат; го партизираше општеството, подвргнувајќи го на декултурација и кретенизација; системски ги врза економските и политичките моќи во партиска државно-капиталистичка мафија што ја ограби земјата за најмалку десеттина милијарди евра; ја унакази престолнината претворајќи ја во светска престолнина на кичот, а националниот идентитет и достоинство ги престори во шизофрено самоспознавање на ментално болна личност; ги закочи до безнадеж процесите на нашите евроатлански интеграции и ја доведе во прашање геополитичката егзистенција на земјата. Како заклучок, може да се согласиме дека ВМРО беа исклучително добро организирани – со војничка пирамидална структура на мафијата, завидно ефикасни – во декапацитирањето на сите државни и културни институции, и исто толку успешни во остварувањето на нивните вистински програмски цели – да ја потчинат, ограбат и уништат Македонија.

А, СДСМ? За нивното тригодишно владеење нема што многу да се рече. Го срушија деценискиот авторитарен полициско-мафијашки режим на ВМРО, го демонтираа општиот страв во земјата и ја урнаа пирамидалната структура на диктатурата што ги беше вклештила сите аспекти на животот; го разрешија апсолутно најтешкиот триесетгодишен меѓународен јазол со грчкото вето и со бугарското тивко и упорно спорење, и ја обезбедија геополитичката егзистенција на Македонија и дефинитивното и потполно признавање на македонската нација и јазик. Но, за жал, не успеаја да ги избришат бетонските фекалии – спомениците на фашизмот – распослани по Скопје, не им појде од рака ниту да го реформираат судството, не го вратија институционалниот капацитет на државата на нивото на кое беше пред вмровското уништување; не ги сменија илјадата неписмени, штетни, глупи и нефункционални вмровски закони што се сѐ уште на сила. Како заклучок, ги потрошија трите години на решавање на небитни и минорни надворешнополитички проблеми, а на внатрешен план манифестираа значајно послаба ефикасност во исправањето на вмровските недела, во споредба со исклучителната организираност и исполнителност на ВМРО во вршењето на нивните злостори.

Затоа, почитувани читатели, не ја слушајте бучавата на предизборната кампања, туку украдете миг да си приспомнете за фактите од минатото. Тие се веднаш тука, во вашите глави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот