Браво за Димитров што му опонира на славниот писател Пeтер Хандке

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“, порача преку Твитер шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Тој соопшти дека му дал инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не учествува на вечерашната церемонија во Стокхолм.

„Зошто браво за Никола Димитров“?

Прво, темата е изопштена. Многу е проблематична позицијата на Хандке – дали ние го проблематизираме „ликот“ или го проблематизираме „делото“, а може и да ја проблематизираме самата „Нобелова награда за книжевност“. Самата работа дали ние го проблематизираме ликот или делото на „прва топка“ доволно е сложена, доволно е контроверзна, има премногу нијанси, со милиони исклучивости, забелешки, што од друга страна ни кажува дека нема еден и единствен одговор.

Е, сега, сакам на почеток да бидам совршено јасен: јас не го проблематизирам прашањето „дали Хандке требаше да добие Нобелова награда за книжевност“, затоа што самото прашање е потполно бесмислено; секој добар писател веројатно треба да добие Нобелова награда за литература. Велам „веројатно“, затоа што јас сум потполно рамнодушен на Хандкеовата книжевност. И тоа е мој „приватен“ читателски вкус ако сакате, став ако сакате, или можеби тоа е моја последица на некои околности ако сакате. А можеби не сме се сретнале во некој „даден момент“, тој мене како писател, јас како негов потенцијален читател.

Ако бев јас во жирито за Нобелова, ќе гласав за Кундера. За мене Кундера од Хандке е далеку порелевантен во секоја смисла. Е сега, важното прашање за кое се кршат копја во овие наши „балкански простори“ е: дали Хандке е морална величина, или Хандке е некоја политичка „бараба“ што ја поддржуваше „српската работа“, па поради тоа ние чувствуваме дополнителен товар околу него да се произнесуваме.

Да скратам: јас не можам да го читам Хандке затоа што ми се поставува прашањето: „што Хандке правеше во 90-тите години од минатиот век“. Некои „граѓански Срби“ велат вака: било кога да се појавеше Хандке, на нас Србите ни тргнуваше лошо.

Хајдегер, пак, од друга страна, беше брилијантен филозоф, ама беше и стар нацист кој никогаш – барем до крајот на својот живот не рече – жал ми е. Рече само „тоа беше грешка“, ама не кажа чија грешка беше тоа, мислејќи на нацизмот и на холокаустот. Ја имате „Битието и времето“, според многумина најголемата филозофска книга на 20 век, но, сепак, не познавам човек што може да ја чита „нормално“, а да не се присети што и кого Хајдегер поддржуваше. Има во таа книга нацистички мотиви, тоа го знаат оние што таа книга ја прочитале. Хајдегер во „Битието и времето“ има брилијантна анализа за „Безличното сè“, таква анализа има и Радомир Константиновиќ во книгата „Филозофија на паланката“. Разликата е што Константиновиќ се бори против тоа сè, вели дека поединецот се втопува во „тоа сè“, а Хајдегер во „тоа сè“ гледа вистинска работа, гледа нешто фантастично, го гледа „духот на народот“, гледа битие кое ние како поединци треба да му се предадеме, па дури и да се жртвуваме за тоа „сè“.

За Хандке мислам дека е монструозна личност поради неговиот политички ангажман. Немам никаков сомнеж дека неговиот политички ангажман беше лудачки. Неговиот политички ангажман во Србија беше ангажман, типичен за сите „неоколонијалистички интелектуалци“. Најлошите неоколонијалистички интелектуалци секогаш се антиколонијалисти. Нема полоши колонијалисти од антиколонијалистите.

Тоа ви се оние типчиња што ќе изберат некој егзотичен политички систем, па потоа го поддржуваат, иако никогаш нема да го практикуваат во својата земја. Или ќе изберат некој „мал народ“ што е во конфликт со некој друг „мал народ“, па така, секогаш некој друг интелектуалец избра да го поддржува во неговата мала и смрдлива етноцентричност. Јас немам никаков сомнеж дека Хандке како личност е космополит, значи Хандке е сè она што не беше Милошевиќ, па на некој перверзен начин ги одбра токму Србите да ги поддржува во својата смрдлива етноцентричност. И уште ги поддржуваше во тоа дека треба да останат такви какви што се.

Хандке ги поддржуваше Србите на Милошевиќ во тоа време како некоја егзотика поради која повремено би сакал да се навраќа. Ама во неговата реалност, се разбира, никогаш нема да го напушти предградието на Париз. Таков беше случајот и со егзистенцијалистите на 20 век: Бадју, Сарт, Фуко, еден ја обожава Русија, друг Кина или Јужна Кореја, ама сите живеат во кругот на Париз; живеат на три километри од Нотр Дам: одиш на најдобрите кроасани, пиеш најубави француски вина низ париските бистроа, читаш што сакаш, пишуваш за што сакаш, немаш никаков страв дека некој поради тоа – без разлика колку „радикален би бил твојот став“ – некој ќе ти ја скапе главата. Е, во таква ситуација ти колку за излет и чисто физиолошко издувување ќе поддржиш некој диктатор или политички психопат.

Да скратам. Ја поздравувам одлуката нашата земја да нè присуствува на свеченоста во Стокхолм по повод Нобеловата награда на писателот Хандке.

Димитров, мајсторе, секоја ти чест!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот