БРАВО МОМЦИ: Македонија ја декласираше Бугарија за финале на ЕП и влез во елитната А дивизија
Денеска во клучниот натпревар за пласман во финалето на Европското првенство – Дивизија Б во Скопје и влез во елитната А дивизија, македонската јуниорска кошаркарска репрезентација во СЦ „Борис Трајковски“ со 92:68 триумфираше над Бугарија. Така, јуниорите предводени од селекторот Горан Андреевски ја запишаа и седмата победа во низа на ЕП.
Капитенот Јаничиќ отвори со 10 поени (две тројки без промашување), најави ново одлично офанзивно издание на нашиот јуниорски национален тим. По тројката и уште една реализација кои дојдоа од Марјановиќ, во деветтата минута, Македонија поведе со 24:15. Но, тука не беше крајот на серијата на поентирање, дојде редот и на Ќириловски, кој донесе двоцифрено водство (26:15) во последната минута од првата четвртина.
Но, последните пет поени во овој дел од играта ги дадоа јуниорите на Бугарија, за намалување на нашата предност (26:20). Одлично почнавме и во вториот дел од играта. Со шест поени по ред (четири на Трајанов), ја вративме двоцифрената позитива (32:20).
Во средишниот дел од четвртината гостите уште еднаш ја сведоа негативата на едноцифрена, откако намалија на 27:35. Но, Луканоски, откако се врати на теренот, го одби тој напад. И со четири поени по ред ја врати нашата селекција напред, на 39:28. Тоа беше само вовед во уште подобар финиш во кој обезбедивме водство од 15 поени (53:38).
Во исто темпо продолжија нашите млади кошаркари и по големиот одмор. Во нецели 90 секунди, се одвоивме и на највисоки 59:40. Ја одржувавме таа висока позитива во наредните шест. Во 28 минута, Македонија водеше со 69:55. И уште еднаш противникот имаше добри две минути во кои со серија од (7-0), ја намали нашата предност на (69:62). Кога беше најпотребно одговоривме, и тоа како, со наша контра-серија од 10:0 со која сериозно се одвоивме, сега на 79:62), и се обезбеди пласман големото финале, и влезот во „А“ Дивизијата.
Нашиот стартен центар, Луканоски реализираше уште еден дабл-дабл учинок од 20 поени и 16 скокови, Јаничиќ застана на 17 поени, исто толку имаше и Трајанов кој запиша и 11 скокови, а Марјановиќ придонесе со 12 поени.
Противник на нашата национална селекција „Под 18“ години во финалето в недела ќе биде подобриот од вториот полуфинален меч меѓу Австрија и Полска.