Братоубиствена агресија

Марин Гавриловски, Фото Архива

Омразата, како природно чувство помеѓу непријатели, уште долго по завршувањето на овој конфликт ќе виси над главите и на Русите и на Украинците, исто како што висеа и радиоактивните облаци по хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил.

Познатата библиска легенда за Каин и Авел, зборува за убиството што било предизвикано од зависта кај Каин откако Господ повеќе се израдувал на жртвата што му била принесена од страна на Авел. Бесен од афекцијата што Господ ја манифестирал кон Авел, Каин се решил на драстичен чекор, убивајќи го Авел откако претходно го намамил да одат заедно во полето. Според преданието, Господ го проколнал Каин со зборовите: „Што направи? Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет од земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта од братот, од раката твоја“. Оваа сторија забележана во Библијата, во четвртото пеење од Првата книга Мојсеева наречена Битие, ќе била само една од многуте старозаветни во кои се зборува за убиства, ако не станувало збор за тоа дека Каин и Авел се браќа, деца на Адам и Ева, според Библијата, првите луѓе на Земјата. Проклетството што го носиме како потомци на Каин, за жал, сè уште е надвиснато над нашите глави. Од создавањето на светот, па сè до 21 век што го живееме, развојот на човештвото не успеа да еволуира до таа мера за да го искорени братоубиството.

Денес сме сведоци на една братоубиствена војна, која се води на периферијата на Европа, континентот што претендира да се нарече колепка на цивилизацијата и на напредокот на човештвото. Кога во 1945 година, на урнатините од Втората светска војна се формира Организацијата на Обединетите нации, таа беше замислена како организација чија примарна задача ќе биде соработката помеѓу државите, сè со цел да не се повторат страдањата од двете големи светски војни. На територијата на Европа, пак, се формираа Организацијата за европска безбедност и соработка – ОБСЕ, како најголема регионална безбедносна организација која преку политички дијалог работи на подобрувањето на стабилноста, мирот и демократијата во Европа, како и Европската Унија, чија основна цел требаше да биде обединување на сите европски држави во една обединета и силна Европа.

Не поминаа ниту педесет години од 1945-тата, а Европа се соочи со крвав конфликт предизвикан од насилниот распад на тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Повеќегодишниот конфликт се карактеризираше со невидени злосторства, пред сè во воените дејства на териториите на Хрватска, Босна и Херцеговина и на Косово, сите составни единки на поранешна Југославија, првите две како републики, а последната како автономна покраина во состав на Србија. Основната карактеристика на овие воени дејства беше братоубиствената војна што се водеше помеѓу Хрватите, Србите, Бошњаците и Албанците од Косово, сите народи што во изминатите седумдесетина години живееја во заедничката држава.

Крвавиот распад на Југославија беше првиот испит на кој падна Европа по крајот на Втората светска војна. Неможноста на меѓународната задница да ја спречи оваа војна, требаше да го запали црвеното светло и да алармира дека национализмите и омразата сè уште се присутни на почвата на стариот континент и како лош дух од шишенцето можат во секое време да излезат и да ја дестабилизираат стабилноста и безбедноста на Европа. Не само што не извлече поука од оваа голема кризна ситуација во срцето на Европа, Европската Унија со својата млитава нерешителност сè уште не успева да го стабилизира и да го апсорбира овој неразделен дел на европскиот континент. И додека Унијата се колеба или се води по линијата на помал отпор давајќи им на земјите членки каприциозно право да го забават, па дури и да го спречат интегрирањето на земјите од Западен Балкан (како што беше однесувањето на Грција, а во поново време и на Бугарија кон Македонија), на источните граници на Европа почна досега незабележана агресија врз една суверена држава.

Слично како и југословенските народи, така и Русите и Украинците до пред триесет години живеејa во заедничката држава – Советскиот Сојуз. Со нејзиниот распад и Руската Федерација и Украина стануваат независни, меѓународно признати држави, членки на Организацијата на обединетите нации и на ОБСЕ, секоја тргнувајќи по својот пат. Украина кон евроатлантските интеграции, а Русија, доволна сама на себе, кон повторно себепромовирање како светска сила. Не сакајќи да ја прифати реалноста дека Украина не е повеќе дел од заедничката држава и плашејќи се НАТО да дојде на самите граници на Руската Федерација, Владимир Путин решава на украинско-руската граница да натрупа големи воени сили, чија единствена цел може да биде агресија врз соседната држава. Иако однесувањето на Путин изгледаше како сигурно и добро испланирано, сепак тој ја прави првичната грешка – ја напаѓа Украина, пред да се исцрпат сите „мирновременски“ дипломатски средства за надминување на несогласувањето што постои помеѓу овие две соседни земји со многу блиски народи што ги поврзуваше нивната заедничка историја.

Колку и да се обидуваме да најдеме оправдување за позицијата на Русија и за нејзиниот страв од наближувањето на НАТО на нејзините граници, сепак во никој случај не може да најдеме оправдување, во 21 век, преку демонстрација на сила и (нуклеарна) моќ да се изнудува, односно да се менува волјата на граѓаните на Украина својата иднина да ја бараат во евроатланските интеграции. Затоа, слободно може да се каже, а тоа беше и потврдено со гласањето на Резолуцијата која ја осуди руската агресија на Украина од страна на големото мнозинство земји членки на Обединетите нации, дека начинот на кој Русија одлучи да ги „брани“ своите интереси во најмала рака е неприфатлив за остатокот од меѓународната заедница. Осудата оди дотаму што однесувањето на Русија и на Путин се споредува со она на нацистичка Германија и на Хитлер за почетокот на Втората светска војна.

Хуманитарната катастрофа што војната ја носи, порано или подоцна, преку формирање некој меѓународен трибунал, сличен на оној за злосторствата сторени на територијата на поранешна Југославија или на друг начин, ќе падне врз плеќите на Владимир Путин и врз неговите најблиски соработници, бидејќи оправдување за насилството врз цивилното население никогаш немало, а и не треба да има.

Секоја војна, конечно, е збир од индивидуалните судбини на сите инволвирани цивили, жени, деца, старци и војници. Многу мајки ќе ги изгубат своите деца, многу жени своите сопрузи, ќе се направи голема материјална штета што нема да може да биде надоместена од следните генерации. Многу лица засекогаш ќе ги напуштат своите домови. Многу гробови ќе се ископаат, а некои ќе останат необележани. Омразата, како природно чувство помеѓу непријатели, уште долго по завршувањето на овој конфликт ќе виси над главите и на Русите и на Украинците, исто како што висеа и радиоактивните облаци по хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил.

Војната не е добра ниту за победените, ниту за победниците, таа е само одраз на немоќта на човештвото да ги надмине анималните инстинкти и да еволуира до таа мера да може конфликтите да ги решава по мирен пат, со доверба и со разбирање за позицијата на другиот и за наоѓање начин проблемите да се решат на половина пат и да не доведат до деструкција, до уништување и омраза, туку да дадат решенија кои ќе ја подобрат и ќе ја унапредат соработката помеѓу народите, особено оние братските кои делат исти вредности, историја и култура.  Само така човештвото ќе може да оди напред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот