Бранувањата во пливањето продолжуваат во судските сали!

Бранувањата во македонското пливање продолжуваат, а битката набрзо ќе се пресели во судските сали. Александар Филипчев, претседателот на Националната пливачка федерација, во јули годинава поднесе кривична пријава против Александар Маленко за измама и злоупотреба.

Деновиве конечно е процесуирана тужбата и се очекува во најскоро време да биде закажано судското рочиште.

– По налог на Основното јавно обвинителство, секторот за економски и компјутерски криминал ни побара комплетната документација која е во прилог на тужбата. Ние доставивме сè што имаме и сега очекуваме во најскоро време да биде закажано судското рочиште за тужбата која е поднесена уште во јули годинава – вели Александар Филипчев, претседателот на НПФ.

Клубовите незадоволни од работата на Маленко, на вонредно собрание го сменија од претседателската функција и исто така го сменија и името на федерацијата, Национална пливачка федерација. Измените беа заведени во Централниот регистар и е прифатен Александар Филипчев за нов претседател на НПФ. Од друга страна, Маленко иако не е заведен во Централниот регистар остана да се претставува како претседател на Пливачката федерација на Македонија (ПФСМ) која во Светската пливачка федерација (ФИНА) се уште го признава Маленко како предводник на Македонското пливање. Во НПФ очекуваат наскоро да пристигне инспекција од ФИНА која би ставила крај на бранувањата во македонското пливање.

– Ние за промените во Федерацијата дури три пати го известивме Македонскиот олимписки комитет и притоа приложивме и печати и записници за да се изврши промената на претседателската функција но тоа сè уште не е сторено. Овие денови разговаравме со извршниот директор на ФИНА, Корнел Маркулеску и ни е најавено дека наскоро ќе дојде инспекција – потенцира Филипчев.

Маленко изминатиот викенд им приреди шок на младите пливачи кои настапија на турнирот во Лесковац, Србија, со испраќањето на допис со Пливачката федерација на Србија (ПСС) да не им се дозволи на пливачите и пливачките од Македонија да настапат. Тоа негово барање беше одбиено, но истата судбина не ја доживеа Андреј Стојановски на кого не му беше признаено шестото место на Комен Купот на отворени води кој се одржа во Кипар. Исто така и забрани и на талентираната млада пливачка Миа Блажевска да настапи на Комен Купот во Бургас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот