Бранот новозаразени ќе прерасне во цунами!

Македонија ковид-19. / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поради фактот што во државата за 34 проценти е зголемен бројот на ковид позитивни случаи во последнава недела споредено со таа пред неа, а просекот на позитивни тестови е 25 проценти од направените, се претпоставува дека се наоѓаме во пикот на заразата.

Состојбата со коронавирусот во земјава ескалира. Регистриран е рекорд на позитивни случаи во еден ден од почетокот на пандемијата, кој изнесува 2.269 нови лабораториски случаи од направени нешто над 7.000 тестови. Со ова бројот на активни случаи во земјата е 17.218. Најголемиот дел од пациентите се лекуваат амбулантски или во домашни услови, а хоспитализациите се најмногу концентрирани во Скопје, на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ каде лежат околу 430 пациенти. Забележливо за омикрон варијантата на коронавирусот која станува доминантна во Македонија, е тоа дека не го „признава“ ниту вакциналниот ниту имунитетот стекнат со прележување. Досега седум лица се разболеле по третпат, а има 3.380 кои се инфицирале двапати.

Најчестите симптоми кои ги пријавуваат пациентите се температура, кашлица, изнемоштеност. Поретко се јавува и губење на чувството за мирис и вкус, што претставува симптом на делта варијантата која бележи тренд на опаѓање, но уште е присутна. Заболените имаат придружни болести меѓу кои најизразени се кардиоваскуларните, дијабетесот, хроничната белодробна болест и високиот крвен притисок. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека од пациентите кои починале во пандемијата, најголемиот дел имале срцеви заболувања, шеќерна болест, бубрежни болести и рак. Од почетокот на пандемијата од ковид се разболеле 1.112 трудници и 6.927 здравствени работници.

Поради фактот што во државата за 34 проценти е зголемен бројот на ковид позитивни случаи во последнава недела споредено со таа пред неа, а просекот на позитивни тестови е 25 проценти од направените, се претпоставува дека се наоѓаме во пикот на заразата.

И во земјите од регионот и во светот, состојбата со коронавирусот не е подобра. Во Србија, Хрватска и Словенија евидентирани се рекордни бројки на новозаболени, 18.000 во Србија, што означува дека речиси секој втор тестиран имал ковид 19. Сите епидемиолошки анализи укажуваат на тоа дека бројките нагло почнаа да растат после новогодишните празници кога беше регистрирано масовно дружење во затворени простории и прослави, кои како ризик фактор допринесоа состојбата брзо да ескалира, односно пациентите да почнат да пројавуваат симптоми три дена после собирите. Хрватска пак регистрираше 6 илјади нови случаи, а Словенија 8681 со рекорд на позитивност од 63 отсто. Во Босна и Херцеговина има нови 3342 заразени, во Црна Гора 1814 и 720 во Косово.

Македонија поради влошената епидемиолошка состојба почна да станува „црвена зона“ за западноевропските земји. Македонските државјани за влез во Германија, мора да се или вакцинирани или да прележале ковид, а во спротивно задолжително мора да одат во десетдневен карантин. И Бугарија ги заостри мерките за влез на македонски државјани, како и Финска.

Комисијата за заразни болести неделава се очекува повторно да заседава за да се донесе одлука да се скрати периодот на изолација за асимптоматските позитивни на ковид, од 10 на 7 дена. Се шпекулира и за можно поставување на портпарол на комисијата за подобра комуникација со јавноста, откако на чело на Министерството за здравство дојде нов министер, Беким Сали.

Официјалните бројки на ковид позитивни во земјава се пониски од реалните, затоа што граѓаните не се тестираат со ПЦР тест секогаш, туку само кога има термини и кога имаат волја за тоа. Повеќето купуваат брзи антигенски ефтини тестови од аптека, а потоа се лекуваат симптоматски кај матичен лекар и не влегуваат во статистиката за изолација. Дел од нив тоа го прават за да не бараат боледување од работа и да не им биде ограничено движењето, особено ако се со полесни симптоми. Тоа предизвикува заразата да се шири жестоко.

Иако постојат индиции дека омикрон варијантата на коронавирусот е полесна и може да претставува крај на пандемијата со ковид 19 сепак американските здравствени агенции повикуваат на внимателност на земјите. Главниот советник за здравство на Белата Куќа Ентони Фаучи вели дека ковид 19 може да остане како ендемска болест присутен во земјите, засекогаш. Според него големо прашање е дали инфицирањето со вирусот е слично на вакцинацијата.
Ако не се појави друга варијанта која го игнорира имунитетот, тогаш тоа ќе биде случај. Но, и тогаш ковид 19 најверојатно ќе е дел од светот како ендемска болест, вели доктор Фаучи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот