Бранко советува како да направиме превкусно јагнешко под сач

Кај нас вевчанците, Велигден не може да помине без јагнешко под сач. Ќе пробам да ви го доближам вкусот до сите вас и да споделам рецепт за подготовка на јагнешко месо кој ќе може да го направите дома.

Готвачот Бранко Попоски не мирува ни во деновите на изолација. Веќе 36 дена е дома и ужива во секој момент од денот. По разговорот, се разбира, го замолуваме да ни открие еден од неговите омилени велигденски рецепти. А тој, како „од пушка“ срдечно го препорачува печеното јагнешко.

 Не мируваш во деновите на изолација, експериментираш ли во кујната? Што откри овие денови?

– Јас да мирувам?  Единствено само кога спијам. И тогаш дури ми е чудно. Не сум човек кој ќе каже „Морам да одморам 15-20 минути“. Сè нешто постојано работам, истражувам, пишувам и нормално готвам. Деновите во изолација, после враќањето од Франција, ми се на релација компјутер – кујна. 10 часа во денот сум продуктивен за смислување на маркетинг идеи и за нивна реализација, а во тие 10 часа експериментирам во кујна и споделувам нови вкусови на мојот Инстаграм профил @cookingwithbranko. Шетаме од Италија, па сè до Скандинавските земји, знаеме да ја посетиме и Кина и да се вратиме на нашата кујна која, каде и да сум, секогаш ми недостасува тој мирис на печени пиперки, макало со лук и нане и пушени вевчански колбаси.

Открив многу работи, а тоа е дека „секој може да биде дисциплиниран кога се работи за доброто на сите“. По природа сум човек кој што едноставно не знае да мирува, и за мене беше нелогично да седам дома повеќе од два дена. Но во вакви моменти, не се прашувам јас. Еве веќе 36-ти ден сум дома и, верувале или не, уживам во секој момент од денот. Гответе, откријте се себеси овој период, дознајте нешто за вас, работете на себе, ќе видите дека сè е возможно.

Кои рецепти им се најприфатливи на Македонците? Медитеранската кујна, балканската, традиционалната македонска или веќе луѓето се подготвени да прифатат необични комбинации и да дегустираат дури и „чудни“ вкусови?

– Повеќе од година блогот за храна Cooking with Branko нуди различни или како што кажавте „чудни“ вкусови. Јас би рекол дека полека тие предрасуди кон другите кујни исчезнуваат. Ние имаме многу ресторани во Скопје, а и во другите градови од нашата земја, кои покрај традиционалната храна нудат и други вкусови од кинеска, индиска, балканска, италијанска кујна и многу други. Но сепак, нашето поднебје почесто е ориентирано кон домашната храна.  На моите интимни вечери кои често ги организирав пред ситуацијата со Ковид-19, а ќе продолжат и после ова, сите посетители и гости реагираат позитивно на вкусовите и уживаа. Со самото лансирање на Cooking with Branko јас започнав да нудам вкусови кои не бевме навикнати често да ги конзумираме и сфатив дека ни треба експериментирање во храната. Мешање на благо, луто, солено, готвење на колачи и торти со сол и бибер, пилешко со ананас, намази од хумус со тиква и авокадо и уште многу вкусови кои допрва ќе бидат откриени. Јас сум секогаш отворен за споделување на нови рецепти.

View this post on Instagram

Здрави навики секој ден со #CookingWithBranko ?? Денес мој предлог за здрав и многу многу вкусен оброк -#GreenToast со свеж спанаќ и авокадо. ? Спанаќот го зајакнува имунитетот, полн е со железо. Го подобрува работењето на срцето и ги зајакнува мускулите. Авокадото е извор на антиоксиданти, содржи калиум повеќе и од бананата и растителни влакна кои му се потребни на човековото тело. Уживајте во вкусовите со @cookingwithbranko и хранете се здраво! Од вас зависи! Потребни состојки: – Интегрален леб – Спанаќ – Маслиново масло – Сенф Авокадо крем: – Авокадо – Маслиново масло – Сол – Бибер – Лук Комбинирајте со јогурт и лажичка црно семе ❤ Со љубов, ????? _________________________ #CookingWithBrankoMeal #Cooking #Tasty #Delicious #Love #Happiness #Healthy #VEGAN #VEGAN100%

A post shared by COOKING WITH BRANKO (@cookingwithbranko) on

Кои навидум неспоиливи намирници би препорачал да ги споиме и вкусиме?

– Уживам кога тестирам нови вкусови. Последно нешто кое што го приготвив, а би препорачал и на сите да го направат беа браунис колачиња со бибер. Биберот и чоколадото како намирници за прв пат ги вкусив во овој рецепт и сфатив дека се надополнуваат. Вкусот на колачињата е побогат, поспецифичен и останува да трае подолго време. Исто така, комбинацијата на чоколадни тестенини со чили за мене беше превкусна. И тука имаме спој на чоколадо со лут зачин кој се спарува одлично. Авокадото често го комбинирам и во слатки и во солени јадења поради неговиот неутрален вкус, па би препорачал да се користи како додаток и за благи и за солени рецепти. Нешто кое за мене е откритие во комбинациите и во мешањето на вкусови се чварките во комбинација со слатко од дива смоква. Мора да се вкусат тие мешавини на вкусови и да се доживее таа кулминација.

View this post on Instagram

Уметноста и креативноста во овие денови е најдоброто нешто за вашето психичко здравје. ? Ви споделувам вкусен рецепт "Ролни со цимет" кои можете да си ги комбинирате со турско кафе или чај од липа. ☕❤ За тестото: ✅2 чаши топло млеко ✅Половина шолја шеќер ✅Половина путер ✅Пакетче сув квасец ✅5 шолји брашно ✅1 лажичка сол ✅1 лажичка сода бикарбона Целата оваа смеса од топло млеко, шеќер,путер и квасец, чекате да отстои 10-15 минути за да стаса квасецот и да се појават меурчиња. После 10-15 минути во смесата додавате постепено 4 шолји брашно ТИП-400. Мешате убаво се додека не добиете лепливо тесто. Го оставате да стаса еден час. После тоа, се додава уште една шолја брашно и по 1 лажичка сода бикарбона и 1 лажичка сол. Потоа, со сукало формирате кора во форма на правоаголник и ја премачкувате со смеса од 2 лажички цимет, половина растопен путер и 1 шолја кафеав шеќер. Кората од тесто ја превиткувате во форма на ролна и сечете половинки кои ги ставате во плех обложен со хартија премачкана со путер. Печете 30-35 минути на температура од 180 степени. Потребни состојки за крем филот: ✅Маскарпоне ✅150-200гр. Шеќер во прав, ✅Половина путер ✅1 лажичка ванила ✅100 мл млеко. Го мешате путер со маскарпонето, ванилата и млекото. На крај, полека го додавате шеќерот во прав и мешате. Оваа смеса, се додава врз печениот колач откако ќе олади. ? Уживајте во вкусовите на цимет и ванила ❤?

A post shared by COOKING WITH BRANKO (@cookingwithbranko) on

Што може ново да дегустираме од старите добри намирници кои речиси сите ги имаме во фрижидерот?

– Го заборавивме мирисот на домашно печено лепче и качамак со свинска маст и овчо сирење. Тоа е „ново“, за чија подготовка секогаш имаме намирници во нашата кујна. Како викаат старите „брашно и сирење во куќата мора да се има“. Искористете ги овие денови да се вратите на некои убави моменти од детството, да научите како да месите леб, кажете им на вашите мајки, баби да ви подготват качамак кој ретко го јадеме, а е многу здрав. Споделете старо-нови рецепти, разубавете го денот. Секогаш приказните за подготовка на храната од нашите баби и дедовци за нас ќе претставуваат нешто ново.

View this post on Instagram

Да бидеме силни и здрави со #ПопајРолните од кујната на @cookingwithbranko Потребни состојки: – Tри јајца – Три белки – 500гр. спанаќ @foodbar.mk – 100 гр. мелен овес – 50мл. кокосово масло – Урда – Сол и бибер по вкус Начин да подготовка:
Во длабок сад се матат јајцата и белките, се додава блендиран спанаќ со кокосовото масло и мелениот овес. Се мати се додека не се соединат состојките и на крајот се зачинува со сол и бибер по вкус. Во плиток плех, се става хартија за печење и се истура целата смеса. Се пече 10-15 минути на 200 степени со постепено намалување. Откако ќе истине испеченото тесто, се премачкува со урда и се виткаат ролни. Може да се комбинираат со чаша јогурт. Вкусен, брз и здрав оброк за сечиј стомак! Ви ветувам, ќе сакате уште! Бидете ми добри и #SediDomaSoCookingWithBranko! ?? ______________________________ #CookigwithBranko #cookinglovers #HealthyFood #Healthy #Tasty #Cooking #Delicious #Spinach #Foodbar #CookingTips #Meal #Green #Food #Love #Happiness

A post shared by COOKING WITH BRANKO (@cookingwithbranko) on

Без кои зачини не можеш да си ја замислиш твојата кујна?

Тука ќе бидам многу краток: куркума, бибер, копар.

Совет за мајките со помали деца, од кога можат децата да почнат со првите готварски чекори и од кои јадења да почнат, како да ги вклучиме во кујната?

– Посебно ми е драго кога добивам пораки од мајки, односно родители, за совети  што вкусно да им зготват на нивните деца и на кој начин за тоа да биде изедено од нивна страна. Едноставно е. Додека им подготвувате храна, вклучете ги и нив. Јас од мои три години бев заедно со мојата мајка во кујна. Уживав додека готвевме. Ми споделуваше работи кои и ден денес ги паметам за тоа, како треба да се замеси тесто за леб, за моите омилени кроасан кифли, а татко ми како угостител секогаш беше тука да сподели совет како правилно треба да се држат ножот и вилушката во рака и на кој начин треба да се користат. Многу им благодарам што ме научија на многу работи кои и ден денес ги применувам во кујна. Едноставно, тоа се луѓето кои беа со мене до одредено време на мојот пат, а потоа увидоа дека сум спремен за нови победи сам, потпирајќи се на нивните совети. Мајки и татковци, гответе заедно со вашите деца, уживајте во нивната креативност и тогаш кога ќе го истурат брашното на подот и тогаш кога ѕидовите ќе бидат испрскани со сок од цвекло и слично. Тоа е љубовта, тоа се спомените!

Пред нас се велигденските празници, кој ти е омилен рецепт за оваа пригода, би ја споделил ли подготовката со нас?    

-Кај нас вевчанците, Велигден не може да помине без јагнешко под сач. Ќе пробам да ви го доближам вкусот до сите вас и да споделам рецепт за подготовка на јагнешко месо кој ќе може да го направите и дома.

Бидете здрави и живи и чувајте се!

Состојки:

5 кг јагнешко месо

2 главици кромид

5 парчиња лук

5 листови лавров лист

5 свежи моркови

коријандер

рузмарин

мајчина душица

маслиново масло

200 мл бело вино

100 мл црвено вино

100 мл пиво

Во период од 10 часа јагнешкото месо треба да отстои во маринадата која е подготвена по мој рецепт. Маслиново масло, рузмарин, мајчина душица, 200 мл. бело вино, коријандер. Од овие состојки формираме смеса/намаз со кој го премачкуваме целото месо. Месото го прекриваме со најлонска фолија, и отстојува околу 10 часа во фрижидер до следното утро кога треба да се пече.

Неговата подготовка под сач/вршник трае околу 2 ипол до 3 часа. Следното утро, во тепсијата ги додаваме останатите состојки. Кромидот го сечкаме на парчиња, заедно со лукчето, морковите, а ловоровите листови ги додадаваме на неколку места на средина од месото. На крај, го поливаме со црвено вино.

Претходно, на загреан оган го ставаме сачот/вршникот да достигне температура. Тепсијата со јагнешкото месо ја поставуваме на пиростијата, под тепсијата ставаме жар и ја покриваме тепсијата со сачот/вршникот кој има веќе достигнато одредена температура. Над самиот вршник/сач ставаме и жарчиња за температурата горе и долу под тепсијата да биде рамномерна. Проверуваме на одреден период од 15-20 минути како се пече месото и дали температурата е соодветна.

Температурата на сачот/вршникот мора да ја одржуваме 2 до 3 часа се додека не се испече месото. 15 минути пред да го извадиме месото го поливаме со малку пиво за да добие крцкава кора и да се збогати вкусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот