Бранка

Атанас Костовски, Фото: Архива

Беше и остана прва дама на Македонската телевизија, нејзиното име е длабоко врежано и на 5 јуни и на 14 декември 1964 година – деновите темелници на нашиот јавен сервис.

Секогаш беше прва и најмладата Македонка. И кога се вработи како спикер во Радио Скопје (1948), и како мајка, и како баба, и кога им се радуваше на внуците, на правнуците, на праправнуците, а дочека да биде и чукунбаба! Се збогува од своите најблиски, од слушателите и од гледачите мирно, во сон, на 90-годишна возраст. Тоа, накусо, е животниот пат на нашата Бранка Станковска, на првата македонска телевизиска дама!

Ја запознав на 5 јуни 1964 година. Евровизијата го прославуваше својот десетти роденден, во годината во која Телевизија Скопје, односно МТВ, го означи официјалниот почеток на емитување своја сопствена програма. На 17.500 телевизиски приемници се појави првата слика на РТС емитувана преку предавателот на Црни Врв и гласот и ликот на, се разбира, Бранка Станковска.

Неколку месеци подоцна со Бранка ги загреваме рацете и нервозно потскокнуваме во студениот хангар во Нерези каде што по земјотресот се пресели РТС. На 14 декември 1964 година во 18.15 часот треба да се емитува првиот телевизиски весник со кој ќе се означи официјалниот почеток на работата на ТВ Скопје. Снежана Липковска ја најави програмата, а спикерската двојка Бранка Станковска и Александар Ацев им посакаа добра вечер и убав прием на гледачите. Од тој ден па се до нејзиното пензионирање (1987 година) со Бранка делевме едно од спикерските места во студијата на ТВС, односно МТВ. Доволно време да се уверам дека беше врвен професионалец. Сите имаа почит кон неа, доаѓаше на работа на време, шминкерите и фризерите никогаш немаа проблеми, уредниците мораа барем 15 минути пред почетокот на емисијата да го „средат“ дневникот. Петнаесет минути пред да се емитува шпицата таа беше на своето место, пробата на светлото и камерите секогаш беше задолжителна кога Бранка е во студиото! Сакаше да ја прелиста, ако може и да ја прочита целата содржина на дневникот пред да им посака добар ден на гледачите. Тоа го бараше и од нејзините ученички Лиле, Кате, Весна Ленче… Одлично соработувавме особено во „хангарските“ денови (внимавам греалката да биде безбедно растојание од нејзиното столче), а запаметив и еден драгоцен совет. Вие спортските новинари во последен момент ни доставувате вести, пишувајте ги резултатите без зборови! Дали беше Лазо (Милошевски), Бранко (Давидовски) или Ивко (Панговски) – знам дека Солдат не беше – еднаш во текот на емитувањето на вестите ми ги донесоа да ги прочитам фудбалските резултати. Дали се шегуваа не знам ама она спрема (3:2) го напишале така што е ја ставиле пред р (за да се прочита – сперма), ама навреме забележав. Не признаа дали сакаа да ме наместат.

Бранка беше другар, пријателуваше со сите. Ја сакавме како наша „кондуктерка“. По земјотресните денови, до хангарите, до бараките, а потоа и до ѕиданите згради во Нерези стигнувавме со организиран автобуски превоз. Автобусот тргнуваше од кај хотел „Јадран“ популарната Арапска куќа, а Бранка шеговито велеше дека се оди преку Тасе – така ни се викаше возачот. По 1968 година и по влегувањето на Русите во Чехословачка, кога речиси сите вработени во РТС станаа  членови на Сојузот на комунистите на Македонија, јас станав секретар на партиската организација на телевизијата. Е, сега, ќе се пошегуваше Бранка во автобусот, сѐ оди преку Тасе – и партијата и автобусот!

Беше и остана прва дама на Македонската телевизија, нејзиното име е длабоко врежано и на 5 јуни и на 14 декември 1964 година – деновите темелници на нашиот јавен сервис. Верувам дека инспиративниот Ранко Петровиќ во „Буба Мара“ ќе воспостави и награда „Бранка Станковска“ за врвни, професионални остварувања во презентацијата на македонскиот говорен јазик. Како што некогаш беше во ЈРТ наградата „Гордана Бонети“, чија носителка беше и нашата Бранка Станковска. Првата македонска телевизиска дама го заслужува тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот